Нови откритија од мрачното доба: црквата “Св. Никола”, масовна гробница и јавна кујна кои датираат од 21-от век

03.04.2009 10:00

3 април 4579 година

По наоѓањето на исклучително важниот артефакт „рунтава семакедонска карта на светот”, на боксерската ракавица со крст на неа, како и на репот од шмизлата, сликата од абортираниот фетус, и друго, нашата археолошка експедиција која веќе неколку недели е на терен работејќи на ископување во наоѓалиштето Скопје, го забележа досега најголемиот успех: ги откри темелите на црквата „Св. Никола”, изградена на градскиот плоштад во 2009 година.

Црквата „Св. Никола”, според преданијата, била нарекувана „проклета црква” од своите современици зашто нејзината градба коинцидирала со пропаста на тогашната држава на Рунтавите Семакедонци. За нејзината градба биле потрошени високи средства во време кога државата се соочувала со глад, епидемија на заушки и недостиг од електрична енергија. Епитетот „проклета” црквата го добила и поради тоа што во времето на нејзината изградба станала јаболко на раздорот, при што неколку пати групи граѓани се судриле, едните протестирајќи против, а другите за изградба на црквата. „Црквењаците” биле побројни и поддржани од власта, и успеале да ги скршат од ќотек другиве.

Во радиус од 500 метри околу црквата „Св. Никола” пронајдени се темели на уште две цркви, изградени во истиот период (околу 2009). Се претпоставува дека поради големата побарувачка за индулгенции која се создавала во „Св. Никола”, властите морале да им излезат во пресрет на верниците, па така ја изградиле црквата „Св. Јанко” во 2011 наменета исклучиво за свадби (на местото на поранешната комуникациска централа или како што стои во списите, „Телеком”, бидејќи во таа година секнале сите комуникации), и црквата „Св. Миленко” една година подоцна, наменета за крштевки (на местото на енергетската централа, зашто таа година секнала и електричната енергија во градот). Според одредени преданија, со литургиите во црквите „Св. Јанко” и „Св. Миленко” чиноначалствувале тогашните гласноговорници на власта јеромегафон пресветол Јанко и архизаговорник богоугоден Миленко, кои соодветно, поради заложбите во доменот црквоградителство и други политики, биле одликувани со посебни почести од Рунтавата Семакедонска Црква. Она што е важно за последниве две цркви е дека се првите цркви во историјата на кои натписите им биле напишани со демотското античкомакедонско писмо од Каменот на Розета, наместо како по дотогашната пракса, со црковнословенска кирилица. Од историските списи можеме да заклучиме дека демотското античкомакедонско писмо од Каменот на Розета станало официјално писмо во државата на Рунтавите Семакедонци околу 2020 година, но за жал по смртта на единствените двајца професори-физичари кои успевале да го протолкуваат писмото, записите останале енигма низ вековите, до денес. Прераната смрт на едниот физичар своевремено довела и до пропаст на колосалниот проект за преведување на Библијата на античкомакедонски, финансирана со последните пари од државната каса.

Она што е далеку поинтересно, особено до антрополошка перспектива, за уникатниот дваесетипрвовековен општествен живот во Рунтаво Семакедонската Престолнина, е големата гробница, пронајдена на тромеѓето меѓу трите цркви на плоштадот. Гробницата првобитно требала да биде катна гаража, за подоцна да биде пренаменета во катна црква, ама поради тоа што во периодот од 2015 до 2020 во градот се зголемила популацијата на атеисти и анти-црквењаци, а побарувачката за индулгенции стагнирала, властите решиле дека во катната црква ефективно би работел само еден кат. Во исто време воведената смртна казна и институцијата „мандатна егзекуција на лице место” за сите прекршители фатени на дело, резултирале со зголемен број на трупови низ градот, од кои се ширеле непријатна реа и заразни болести. Така властите решиле големата градба која не била ниту гаража ниту црква, да ја пренаменат во гробишта. Сепак, поради недостиг од средства, а и простор, катната градба не можела да се преиначи во стандардни гробишта, па морала да послужи единствено како гробница во која се трупале телата.

Гробницата паднала целосно под власта на Полицијата за Внатрешни Работи, за да ги складира таму труповите на прекршителите, па да можат да гледаат граѓаните што би им се случило ако се однесуваат како што не треба. Бидејќи во тоа време раководителот на Полицијата пател од опсесивно-компулсивно пореметување, просторот манично го уредувал цакум-пакум. Па така набрзо гробницата станала најуредената градба во градот. На ѕидовите имало секакви симболи: позлатено 16-крако сонце, позлатено лавче, позлатен пендрек, посребрен страничен дел од полициско комбе, икони од Исус и од апостолите, како и едно чудо географски карти (слични на рунтавата семакедонска карта на светот) и мозаик со ликот на Тоше Проески. На врвот на гробницата имало крст, а пред влезот стоеле две статуи на Лидерот Ник Први Слотер, едната во отворен гард со испружен десен директ, а другата во полунизок затворен гард со благ наклон на левата рака како да се спрема да удри кроше.

Но, надворешниот изглед бил најмалку битен за гробницата: очевидците тврдат дека нејзиното внатрешно уредување било по највисоки стандарди. Бидејќи имала седум ката, секој кат бил тематски организиран: блуднички, педери, атеисти, комуњари, соросоиди, џанаци, предавници и просјаци. На секој кат имало и пораки за кревање на моралот на посетителите, како на пример кај блудничките стоело „на ти чедоморке”, а кај соросоидите стоело „кај се парите?” Биле преземани и најстроги хигиенски мерки за да се сузбие ширењето на зарази: после завршувањето на работното време гробницата се претварала во јавна кујна, и ретко кога нешто останувало недојадено. Според сите докази, најпрометен бил спратот на џанаците, и специјалитетот “супа од џигер”, поради тоа што распаднатиот џигер сварен со фиде имал благопријатно дејство врз гладните луѓе.

Идејата за отворање јавна кујна во која ќе се приготвуваат оброци од телата на егзекутираните, од денешна перспектива изгледа како варварска и нецивилизирана. Сепак, во тоа време, Лидерот Ник Слотер добивал масовно на сите избори (парламентарни, локални, претседателски) и освен што во своите раце имал боксерска ракавица и многу моќ, пред себе имал и голема одговорност. Кога луѓето почнале да умираат од глад и кога во земјата снемало леб, тој мудро, одлучно и доста практично го решил проблемот, парафразирајќи ја Марија Антоанета: „Ако бараат леб, дајте им да се јадат едни со други!”

Автор на сликите: Peter Howson

ОкоБоли главаВицФото