„Новото“ и политиката!

10.04.2014 13:11
„Новото“ и политиката!

Што значи „новото“ во политичка смисла?! Постои ли нешто автентично „ново“ во македонската политика? Дали „новото“ се дефинира само генерациски, кадровски или пред сé мисловно? За мене лично, не може да се дефинира како ново нешто што е само декларативно соопштено како такво, туку „новото“ пред сé треба да претставува нов начин на размислување.

Новото во политиката е опасен термин, мошне злоупотребена флоскула која не буди позитивни чувства. Ако ви текнува, под закрила на „новото“ во 2006 година победи портокаловата опција на Груевски. И што видовме од ново?! Да, во овие 8 години видовме деца-министри, дерлиња од јавни функционери, портпароли, директори и што не, но во суштина бевме и сме сведоци на една стара, реакционерна политика која нé уништи како држава и како општество нé врати назад во времето. Видовме и „нови бранови“, па термини како нови вработувања, нови инвестиции, нови градби, но суштински пак го видовме само старото и анахроното. Ако видовме нешто ново, тогаш тоа се само некои нови, деструктивни и манипулативни форми и техники на злоупотреба, на лажење, на крадење и на масовно перење мозоци, како и стеснување на човековите и граѓански слободи и права.

Денес гледаме дека главниот слоган и главните пораки на опозицијата се повикуваат на новото: „Промени за нов почеток!“, гласи слоганот. Под тој слоган се редат флоскулите како „новиот СДСМ“, „нови лица“, реформи и промени, нов начин на работење, нов почеток, нова иднина! Сé ова потсетува премногу на изборната 2006 година и налетот на „новиот“ ДПМНЕ, само што сега бојата на „новото“ е лилјаково-розева.

Гледате, во општество каде доминира една реакционерна, националистичка, антиквизациска и ревизионистичка идеологија, непоходно е деструктивниот полнеж да се надогради и со некаков мит за иновацијата, за освежувањето, за постојаните промени. Сетете се само колку зборот „реформи“ е присутен кај власта! Всушност, ДПМНЕ успеа во овие неколку години од „новото“ да направи своевидна идеологија. Тие се новото, наспроти транзициското минато, тие инвестираат во нешта што биле заборавени, тие прават промени какви досега не сме виделе, итн. итн. Проблемот е што „новата“ опозиција покажува желба комплетно да влезе во тој натпревар, но притоа не сфаќајќи дека не нуди нешто ново, туку имитирајќи го ДПМНЕ, или влегувајќи во нивната ментална рамка, и самата нуди само повеќе од старото.

Но, мојата критика на „новото“ во политиката не е против новите генерации или лицата кои до вчера во јавноста биле политички анонимуси. Напротив, јас од принцип се противам на употребата на флоскулата „ново“ во политиката. Веќе објаснив колку е тешко да се дефинира новото во политиката. Второ, апсолутно не верувам дека политиката или политичарите, како впрочем и интелектуалците или новинарите, заслужуваат некакви генерациски дистинкции, а уште помалку така „en bloc“ да се вреднуваат цели номенклатури. Конечно, во оваа речиси децениска борба или пркос кон режимот, многу повеќе се истакнаа некои постари или бели глави, веќе постоечки актери, отколку некои млади или нови лица. Од друга страна, секоја јавна личност заслужува да биде оценувана или вреднувана според своето „ново“ или „не ново“ размислување или согледување на нештата. Ете, искрено мислам дека тоа суштински „ново“ не постои кај опозицијата.

Што ново нуди опозицијата?! Ако ја следиме програмски, во трка е со власта кој повеќе ќе понуди, со разлика што власта тоа може и материјално да го поткрепи. Од аспект на кадри, ако недостатокот на политичари е критериумот, тогаш да, нуди ново, но не е поентата твојата политичка понуда да бидат луѓе кои или се непрепознатливи, или се луѓе сосема од други бранши, кои немаат искуство во јавното, државното, политичкото. Ако пак е од генерациски аспект или според политичкиот стаж, тогаш најмалку може да се каже дека опозицијата нуди нешто „ново“. Доволно е да се погледне лидерското дуо, и не мора веќе ништо да се објаснува. Така што, во желбата СДСМ да направи дистинкција од наводно „старото“ или од претходното, тој прави двојна грешка. Ниту нуди нешто ново, влегувајќи во матрицата на ДПМНЕ, а притоа своето квалитетно „старо“ го девалвира, навредува и не го искористува. Конечно, веќе на почетокот реков што најдобро го дефинира новото, а тоа е новиот начин на размислување. Искрено, јас такво нешто не гледам; напротив, гледаме приближување кон актуелното, воспоставеното, постоечкото, статичното, односно - кон старото.

Постои еден исклучок во опозиционата понуда. Објаснив во претходната колумна зошто мислам дека тоа е Пендаровски. Пендаровски нуди нешто ново, но опасно ризикува, во двојната кампања, да биде повлечен од старото на опозицијата.

Кога некој би ја гледал ваквата политичка понуда или стратегија на опозицијата од одредена дистанца, на пример од Америка, можеби би рекол дека сé е легитимно. Сите се согласуваме дека требаат промени, дека овој режим треба да заврши, па малце таа симболика на „генерацијата Обама“ што се рефлектира преку листите и претседателскиот кандидат, сето тоа можеби и би се проголтало. Но, пак ќе повторам, ние зад оваа понуда на „ново“ не гледаме содржина, не гледаме суштински решенија и вистинска енергија или ентузијазам за промени. Ние гледаме како двата политички кампуси се изедначуваат во своите политичко-медиумско-пропагандистички техники и дури во самиот начин на кој ги конципираат политиката, општеството и државата. Со други зборови, опозицијата не создава свој терен за битка, го негира и тој што досега бил создаден, и отворено избира да се бори на теренот на власта. Така се изедначува со власта, самата го релативизира режимот, и притаено демонстрира амбиции не да ги смени општеството и политиката, туку самата да владее во општествената и политичката реалност која веќе се наметнала како нормална и неопходна.

Притоа, внимавајте, не може да се разбере веродостојноста кога политичкиот лидер на опозицијата, суштински по вокација бизнисмен, а дури потоа и политичар, нуди левичарска економска платформа за враќање на средната класа. Мислам, тоа не е кредибилно; напротив, популистички е. Поиновативно ќе беше оваа структура на опозицијата да понудеше нешто Блеровско или поблиску до неолибералните струи, повеќе ќе лепеше и ќе беше поискрено. Втора, многу важна работа што недостасува кај оваа „нова“ опозиција, се суштинските социјадемократски вредности, особено поради фактот дека се соочуваме со режим. Ние гледаме политички натпревар, каде опозицијата го негира режимското во власта, го егзалтира само криминалното и криминогеното, како тоа да се работите што ќе нé спасат. Социјадемократска партија е партија која се бори за правата и слободата, била таа стара или нова. Го брани правниот поредок и правната држава. Се бори за трудот, ја штити работата и работникот. Каде се овие принципи и вредности? Или и тие застарија, покрај тоа што застранија...

Гледате, драги луѓе, сé зависи како ги интерпретирате визијата, промената или новото. Ако амбицијата е само овој режим да запре и да се замени со други луѓе, тогаш политички е легитимна. Но, јас мислам дека за едно општество какво нашето ни треба малце поголема и посериозна детоксикација од обична промена на лицата и на бојата на манифестите. И ни треба поинаков пристап кон грешките или делумните успеси од минатото. Македонија, за да доживее реални промени, има потреба од луѓе, лидери кои имаат поширок поглед над минатото и нашата историја, кои не мислат дека сегашноста и иднината почнуваат со нивниот датум на раѓање, кои во тие пред нив ќе гледаат грешки, се разбира, но и доблести, ќе ја почитуваат историјата и традицијата на тие пред нив, и во однос на кои нема да се чувствуваат ниту како невини, а уште помалку како жртви.

Ете, од овие но и од многу други причини сум скептичен кон „Новото“, кон реформизмот и прогресивизмот, кои не се ништо друго туку застарени и избледени етикети, „стари-зми“, кои ја изгубиле својата античка привлечност и тежина. Новото, реформите, промените, се конвенционални термини. Кога некој сака да се направи ефект врз јавноста, тогаш се зборува за нешто ново, за промена, за некаква иновација. Не само во политиката, погледнете, истото се случува во економијата, технологијата, маркетингот, па дури и во културата, уметноста, новинарството и медиумите. Секаде каде што суштински недостасуваат производите и решенијата на креативноста, иновацијата, енергијата, силата, вистинската промена, освежувањето, помладувањето, токму таму на самите термини им се дава некое митолошко, боженствено значење.

Опасноста од митот на иновацијата и празната идеологија на „новото“ е што тие се тука за го редимензионираат и значењето на поимот револуција. Треба да заборавиме што значи револуција, односно, дека претпоставува рушење на режимот, на постоечкото, на статус-квото. Револуцијата се трансформира во обичен суперлатив, каде одредена политика сака емфатично да ја нагласи својата различност или посебност. Потоа следува поблагата форма, односно реформизмот, кој се стреми кон менување и подобрување на постоечкото. Значи, поимот револуција, потоа и сите придружни квалитети како што се „новото“, промената, реформите, кај нас стануваат жртви на хиперболизација, на несоодветно претерување во однос на реалните промени и новото што фактички не се случува. Утре можеме за револуција да ја прогласиме секоја политичка постапка, која суштински е наменета да нé заслепи, манипулира и лаже, односно, повторно да нé држи потчинети и мизерни.

Сите вистински значења и реални промени се заменуваат со духот и митот на иновацијата, со идеологијата на новото. Тоа е трикот на власта, а сега и на опозицијата. Нешто се случува и пред да се случи. Нешто постои и пред да постои. Тоа што е битно е перцепцијата, не фактичката состојба. Еве ја деклинацијата на фактичкото: нешто изгледа како факт, тоа нешто е факт што допрва ќе го биде, факт кој речиси го бидува, значи, факт е. Така се наметнува еден лажен и деструктивен систем на размислување и вреднување на нештата.

Тој мит на постојана иновација, за реакционерите и конзервативците од нашата власт е најважен. Зашто не е битно колку си конзервативец, битно е колку си иновативен во твојот конзервативизам. Колку нешто старо ќе го маскираш во ново, колку твоите лажни политики ќе ги претставиш како нешто ново и неверојатно. Притоа многумина не се ни свесни дека поимот „ново“ во својство на придавка има различни значења и апликации. И тоа помалку ги издава намерите. Не е сеедно дали „новото“ стои пред или зад субјектот или објектот кој го егзалтираме. Што е Шекеринска, нов политичар или политичар на новото?! Што се решенијата на СДСМ, преџвакана програма од претходно постоечката или навистина се нови решенија?!

Може и мене да ми се замери дека, на пример, го негирам реално новото кај опозицијата, а тоа е концептот на приближување кон власта, наместо билдањето тензија и конфликт. И, се разбира, ако тоа ново биде прифатено од страна на граѓаните, сфатено како автентично и кредибилно, тогаш тоа е тоа, си успеал во целта понуденото да се прифати како ново. Но, и таквиот евентуален исход не се коси со моите ставови; можеби ме прави погрешен проценител на исходи, но го потврдува мојот резон. Впрочем, во што се состоеше револуцијата на груевизмот? Во верувањето на луѓето дека навистина им се нуди нешто ново и потоа во подарувањето консензус таквата акција да продолжи.

Збор-два и за генерацискиот аспект на „новото“. Подмладувањето во политиката, или освежувањето, немаат врска со матичната книга на родени. Само ограничени луѓе и конформисти не разбрале дека во животот човек не е „млад“ како нешто дадено, туку човек евентуално станува млад низ текот на својот живот. Се расте и се старее повеќе поради конформизам и интереси, низ процес на имитација на друштвата и средината, на „постарите“ кои веќе се откажале од младоста. Гледам многу амбициозни и префригани млади кои немаат ништо младешко во себе, туку само желба за позиција и функција, за некаква прерана титула и комфор. Самобендисани до степен на гнилост, нелојални и поведливи по следниот кој има моќ и позиција. Едноставно, таквите млади се стари, зашто влегле во калапот и нема никогаш да излезат. За да научат да бидат млади потребни се дечки и девојки кои се интелектуално „невини“, нерасипани, и на кои треба да им се помогне да бидат свои, да имаат свој став, достоинство, критика, да го одат својот пат, а не патот на чопорот. Тоа е една од задачите на постарите млади, кои во ова наше општество ги има премалку, да им помогнат на младите да научат да бидат млади. Ако ги спасиме нив, сме се спасиле сите комплет! И тогаш може да зборуваме за нешто „ново“ во нашето општество и политика.

Какво и „ново“ да победи, она старото кое постојано се иновира, или ова новото кое бега од старото, проблемот кога живеете во митот на иновацијата и идеологијата на „новото“ е, како што се гледа, во тоа што „новото“ и иновацијата стануваат поважни од луѓето, поважни од реалноста, поважни од суштината.

Новото и иновацијата мора постојано да се освежуваат, слоганите да се менуваат со нови, ветувања врз ветувања, приказни врз приказни, лаги врз лаги, стегајќи го гордиевиот јазол на нашата егзистенција. Новото брзо старее, и постојано ќе му треба нешто поново. Кога сме општество без никакви критериуми и здрави вредности, без демократија и институции, без права и реален напредок, новото и иновацијата се претвораат од перцепции во апарат, и евентуално во режим каков што станавме. Кога ќе се дојде до крајната граница на растегливост на митот и идеологијата, режимот едвај чека привидното да го претвори во конвенција.

Јас не прифаќам ниту една политичка логика и поведение која се превртува во тие рамки, дозволени токму од режимот. Јас сакам ново што е надвор од логиките и рамките на режимот. А, ако го нема, тогаш ќе се држам до старата добра борба и желба за вистинска револуција.


Слики: Свирачиња

 

ОкоБоли главаВицФото