„Фустан за личен простор“ против сексуално вознемирување во јавниот превоз

02.06.2014 09:55
„Фустан за личен простор“ против сексуално вознемирување во јавниот превоз

Кога користите јавен превоз, личниот простор е луксуз што не секогаш го имате. Останатите патници често вршат „инвазија“ врз „меурот“ околу вас. Ова може да биде многу здодевно и иритантно, но особено е проблематично за жените. Затоа, уметницата Кејтлин МекДермот реши да создаде парче облека кое ќе ја заштити жената во такви ситуации: „Personal Space Dress“, фустан кој физички го проширува просторот околу жената што го носи и прави заштитна ограда.

Овој фустан е втор во серијата со наслов „Урбан штит“. Станува збор за едноставен концепт во кој технологијата е интегрирана со дизајнот. Кога вградените сензори ќе забележат дека некое лице е преблиску до вас, механизмот на фустанот се шири, па оној што го нарушува личниот простор е принуден да се оддалечи.

МекДермот ја добила идејата за фустанот кога живеела во Хонг-Конг. Таа покажува особен интерес за „технологија која може да се носи“ и смета дека тоа не треба да биде поле со кое ќе се занимаваат само инженери.

„Да го сликате вашето скај-дајвинг искуство додека носите Гугл-очила е супер, но само едно занемарливо малцинство може да има такво искуство. Сакав да истражам како технологијата која може да се носи може да влијае на вашиот физички свет и да им помогне на оние кои носат такви парчиња, особено на жените, да научат да воспоставуваат поголема контрола над нивната околина“, вели МекДермот.

Иако нејзиниот „Фустан за личен простор“ не го решава проблемот со сексуалното вознемирување во јавниот превоз, сепак истакнува важна поента. МекДермот планира да ја постави скицата и проектот на интернет, достапни за бесплатно преземање и на тој начин да им овозможи и на други ентузијасти ширум светот самите да си направат свој „екстра простор“.

Извор: www.fastcodesign.com

ОкоБоли главаВицФото