Лаимбах хабитат

12.07.2014 12:00
Лаимбах хабитат

Она што отсекогаш пленувало во швајцарската архитектура e нејзината прецизност, едноставност, комодитет и високи стандарди при изведбата: се внимава на секој детаљ. Во оваа земја се добива впечаток дека градежниот процес е општа култура (како инаку би можело да се протолкува толкавото изобилие на квалитетен изграден и урбан простор). Верувам дека за тоа не се доволни само зададените општински стандарди и дека е потребна сеопшта граѓанска свест за да се постигне таков реален процес и значаен резултат во целост. Впрочем, во оваа земја нема потреба да се талка по успешни архитектонски остварувања, потпишани од познати имиња. Тие се наоѓаат насекаде околу. Кога ќе се заобиколат градовите како Базел, Тун, Лугано, Цирих, тоа се потврдува и конкретно.

Тие како градски средини се доста артикулирани и претставуваат компактни структури испреплетени со најразлични модерни и историски објекти. Но она што можеби е највпечатливо е конзистентоста во нивниот развој, по нивните рабови, или оние места кои честопати ги препознаваме како периферии или класично нарекувани субурбии.

Овие странични населби, карактеристични за современите општества, преку нивниот развој антрополошки ни го доловуваат начинот на урбаното созревање. Секако, тие се различни и по начинот на развој и насоките по кои се развиваат, како што се, на пример, екстремните фавели во Латинска Америка или критичниот слам во англосаксонските градови. Но овој тип на швајцарска субурбија е најхуман и најприфатлив заради неговата питомост, складност и пропорционална прилагоденост, во сооднос пред сѐ со природната околина (за разлика од двата горенаведени примера). Тие се оригинални примероци кои можеме да ги изучуваме како ретко успешни населби. Во потполност се адаптирани на природата (околните планински шуми и зеленила), селата, населбите и градските јадра на едно место. На некој начин земјиштето се конзумира рационално и на најдобар можен начин, иако и тоа е дел од високото либерално и конзумеристичко општество.

Лаимбах е еден од многуте тамошни примери на разретчената швајцарска периферија. Претставува периметрална населба која се наоѓа на јужниот дел од Цирих и се протега во Дистриктот 2. Достигнува густина од 1.733 жители на километар квадратен. Тоа е висок статистички параметар за површина која се протега на само 2,9 километри квадратни и затоа го прави интересен за анализа, бидејќи неговата гужва речиси и да не се чувствува.

Овој циришки сателит е полн со чист воздух и доминантна природа. Се протега по течението на реката Сихл и под падините на шумата Ентлисберг. Имено, местото датира од 1895 година и станува дел од Цирих како што градот расте и се шири. Станувајќи дел од надојденото урбано ткиво низ годините се стреми кон урбанизација. Таа настанува етички и оригинално. Многу малку се индустријализира, се произведува хартија и керамика. Но сепак, бројот на населението значајно се зголемува. Перфектниот градски превоз го овозможува тоа и функционално го дополнува.

Просторно е добро спакуван бидејќи одлично се вклопува со постоечкото до тој момент, а притоа се формира и сопствено урбано јадро со сите современи стандарди.

Во ниеден сегмент на тоа урбано поставување не е доведена во конфликт постоечката архитектура, а камо ли затечената природата. Таа дополнително се интегрира и е во служба на маалскиот живот. Во подножјето на планината се зачувани и сите постоечки фарми, типичниот мирис и живината како поим за нивниот пејзаж кој го идеализира амбиентот. Тоа е, значи, некогашно село кое беспрекорно коегзистира и во новосоздадената урбана целина. Во близина се поставени и структури каде може да се ужива во слободното време, пиејќи биолошко чисто млеко и најразновидни млечни производи произведени на самото место. Шумата задава ретко доловлив пејзаж и се користи за спортување и практикување на разновидни алтернативни спортови. Реката Сихл ја разбива тишината со целокупната фауна.

Централното јадро на ова предградие се развива во 60-тите години, се појавуваат првите типови на куќи во низа и блоковски згради, а во подоцните 70-ти години се градат и неколку солитери. Иако со таквата поставеност битно се менува идентитетот на преградието, Лаимбах неприкосновено функционира и идилично се перфекционира. Погледот од внатрешноста на солитерите кон околината е додаток кој овозможува да се медитира и ужива при престојувањето, додека пак покрај падините се протега визија на еден надреален и прост модернизам кој се преплетува со небеската линија на солитерите заробени од околниот алпски пејзаж.

За просторниот развој е задолжена кооперативата Цурлинден, која го креира развојот на ова предградие во секоја фаза, преку архитектонските конкурси, па сѐ до нивната изведба. Оваа кооператива се залага и за концептот на мобилност и намалување на местата за паркирање. Под нејзина надлежност се и комплексот Сихлбоден (200 станови и деловен простор) и 2 станбени објекти од по 116 станови наречени виставерде (зелен поглед). Овој масивен станбен комплекс, многу убаво се протега и вклопува во затечениот простор. Интересно е поставен, закривен во двата правци, каде ја разбива ригидната поставеност која произлегува од околните градби. Добиен е извонреден пресек со чисти пропорции и одлична организација на становите. Значајни се огромните прозорци и тераси, генерално како стандард и за останатите градби, заедничките простории за социјализација на отворено, а притоа топографијата е неоштетена и максимално зачувана (потпорни ѕидови скоро и да не постојат, иако нагибите се релативно високи). Кооперативата Цурлинден ги има преиначено и постоечките солитери со енергетско ефикасни панели долж површината на фасадите.

Во предградието преовладува мир, нема голема раздвиженост по улиците, но се забележуваат доста млади луѓе. Владее привид на комотно живеење и би било убаво да се долови секојдневното овдешно функционирање. Би бил љубопитен како би се опишало едно урбано сиже во овој хабитат како во некој од класичните романи каде, меѓутоа, заплетот вообичаено произлегува од деградираните урбани социјални перипетии.

Слични содржини

Јавни простори / Европа
Јавни простори
Општество / Активизам / Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори
Јавни простори / Живот
Јавни простори

ОкоБоли главаВицФото