„Обратна афирмација“

04.08.2014 09:03
„Обратна афирмација“

1.

Знам дека релациите уметност / уметник – публика, особено кога станува збор за поновата македонска уметност, заслужуваат поголемо внимание, по правило се секогаш интригантни, а кај нас во принцип недоволно (раз)откриени. Нивните врски веројатно, барем кај нас – зашто овде никој не се занимава со прашања од таков тип, впрочем никој веќе не се занимава со ништо – ќе останат своевидна мистерија, можеби предизвик за некои нови, поумни и позаинтересирани генерации историчари на уметноста, критичари, социолози итн. Иако никој во стручната јавност практично не ја одрекува важноста на публиката, едновремено никој не се ни труди многу да ги потенцира и објасни можните точките на конфронтација помеѓу уметникот / уметноста и публиката, или евентуалните допирни афирмативни полиња итн. Ниту пак, кај нас, некој воопшто се (по)труди(л) да го објасни феноменот на публиката и нејзините релации со уметноста / уметникот. Публиката најчесто ја посматраме како некаква дадена аморфна маса, некаква константа „сега и тука“, која по правило се воодушевува од уметничкото дело. Особено денес, пред новата јавна монументална „уметност“, таа по потреба „се вклучува“ да ракоплеска, да се слика пред неа на празници се поклонува пред да оди на венчавки или погреби и слично.

Ние денес немаме поим која е таа публика што оди на изложби, што се фотографира пред спомениците, што го гледа Ацета како свој херој. Иста ли е како онаа која што, како што вели еден наш познат фотограф, ги има дома и се воодушевува и на „мурали со мотиви од Швајцарија и Германија, најчесто замокот на Вилијам Тел или Neuschwanstein Castle“ плус „турбофолк како музичка подлога“? Знае ли воопшто и уметникот за која и каква публика создава? Или, бидејќи кај нас сè уште државата финансира сè, битно е делото да се направи, а за другото никој нема потреба да се грижи?

2.

Од друга страна, легитимно е и прашањето дали уметникот воопшто треба да го интересира публиката како таква, дали воопшто има потреба да се занимава со неа? Но, неодминлив е фактот, особено кога е во прашање уметникот, па со тоа и македонскиот (современ) уметник, дека тој / таа ужива во вниманието на публиката. Или јавноста, сеедно, иако тие две нешта можеме / мораме да ги посматраме изолирано. Но сепак, сме биле сведоци, многу често, на светлите мигови на „слава“ и внимание пружано од публиката и сесрдно прифаќано од уметникот. И тоа треба да биде така. Зашто, зарем артистот би постоел без публика, зарем би постоел театар сам за себе? Иако, се разбира, постојат (и) суштински разлики, бидејќи, како што веќе беше спомнато минатиот пат, визуелната уметност сосема комотно егзистира и без публиката.

Оттука, повторно, во релациите уметност / уметник – публика, ако публиката со право, веќе сме ја исклучиле (како во претходниот текст) како (единствен) релевантен чинител во проценката дали едно дело е уметност или не, тогаш – како делото, кое и да е, постанува уметност? И тука доаѓаме до најпроблематичниот дел, до прашањето: кој е тој кој потврдува дека нешто е уметност или не е? Ако тоа дефинитивно не е публиката, тогаш кој е? За публиката – која и да е, каква и да е – едно (уметничко) дело може да биде прифатливо, дури (во одреден миг) акламативно и со воодушевување глорифицирано, и такви примери има многу низ историјата на уметноста. Но, сосема е можно, а и тоа многу пати сме го виделе, истото „дело“, согледано од стручен аспект, да не претставува речиси никаква (уметничка) провокација односно вредност. Или, во не малку случаи – да биде јавно етикетирано како не-уметност, или нешто полошо.

И тоа македонскиот уметник го знае. Го знае многу добро. Тогаш, од каде тоа воодушевување дека невести се фотографирале пред спомениците, или најчесто нашите иселеници или оние со „мурали со мотиви од Швајцарија и Германија…“? Како и зошто тој факт им ја храни суетата, плус можеби и пофалбата од некој од актуелниве политички „елити“? Но, впрочем, и тој филм на „обратна афирмација“ – делото да е промовирано, евалуирано и глорифицирано од разноразни „фактори“ – премногу често сме го гледале во минатото, наше и пошироко. Зошто би повторувале такви петпарачки филмови каде јавноста / администрацијата / политиката се занимава со уметноста и дели лекции „шаком и капом“? И зошто некој денес, некој како македонскиот уметник, повторно би верувал во такви филмови?

3.

Нашиов неповторливо чуден социјалистичко-демократски „систем“ без стандарди и критериуми за ништо, инсталираше уште почудни „протоколи“ на филтрирање на вредностите, офанзивно распоредени низ повеќе сегменти на општеството. Но, согласно поговорката „многу бабици, детето килаво“, кај нас од премногу „арбитри“ веќе не знаеме што е уметност, а што не е. Или некој само сака така да мислиме? Зашто во галиматијасот на „надлежна арбитрарност“, почнувајќи од централната и локалната власт, институциите, невладините организации, новинарите, кураторите, критичарите, историчарите на уметност… , во целата таа збирштина веќе никој не ни посакува компетентен збор. Важно е некој да каже нешто, главно позитивно по можност, а ако треба и по директива, и работата да се заврши. И сите се среќни и задоволни!

Ама ако тоа им е важно на дилетанти и аматери, кои се задоволуваат со фактот дека на изложбата им дошло семејството и роднините, а државата му дала пари (зашто, главно, годиниве само такви добиваат средства од државата!), зарем и на македонскиот уметник му е до таму осветлен филмот што веќе не го интересира кој и што мисли за неговата уметност? И дали воопшто создава уметност или (повторно ќе го повикам на помош фотографот) „нејзиниот антипод Кичот… како имитација на среќата“, а во рамките на една „компензација на комплексот на опинците“!? И дали, повторно, кога е веќе сè платено (и преплатено) со државни (народни) пари, веќе и не е важен карактерот на тоа што се создава?

Иако ние таквите скокотливи ситуации најчесто ги разрешуваме со колоквијалните „ма кој ги шиша“ или „ма кој го е..“, и тоа токму заради фактот што не ни се допаѓаат одредени негативни или недоволно позитивни коментари, таквиот игнорантски однос на македонскиот уметник кон стручната јавност – зашто кај нас, денес, за тоа станува збор – практично не води никаде. Еден ден, поблиску или подалеку, други генерации повторно ќе ги проценуват денешните дела. И тие воопшто нема да имаат проблем со точното именување на нештата, како што впрочем и ние денес немаме којзнае какви кочници и огради при дефинирањето на творештвото на одделни македонски уметници од минатото.

4.

Подготвен ли е и на таков (утрешен) ризик денешниот македонски уметник? Веројатно да, инаку не би се однесувал вака како што се однесува. Барем, ако ништо друго, не би ги игнорирал мноштвото компетентни ставови и мислења на стручната македонска јавност, искажана во повеќе (но дали доволно?) наврати последниве години. Зашто, да немаме илузии, само таа стручна јавност е навистина меродавна во проценката на вредноста на уметничкото дело. Го сакале тие тоа или не. Без оглед колку невести или не знам кој друг се фотографираат пред некој споменик, без оглед колку нашите иселеници ги купуваат оние сразмерно смалени кич реплики и ги носат низ некои гологузици и свирипичини, денешната македонска „уметност“ и уметност е и ќе биде, дефинитивно, проценувана само и токму од стручната, професионалната јавност. Го сакале тие тоа или не. И другата „јавност“, и институциите, и политичарите можеби и во иднина ќе им ракоплескаат, но тоа ќе биде само вид на Пирова победа на уметникот. Историјата (ќе) ги памети само и единствено релевантните, објективните, валидните, меродавните стручни (пр)оценки на едно (потенцијално) уметничко дело. Сето друго се само лоши филмови каде што статистите (сакаат да) играт главни улоги!

Затоа, форсираната потреба за афирмација и ненадејното отворање на неколку мали (или големи ?) лукративни пенџерчиња не се вистинскиот излез за македонскиот уметник. Уште помалку за неговата уметност, ако е решен да создава уметност, се разбира. Во таа насока, неговата отворена и безрезервна комуникација со стручната јавност – таква каква што е – е conditio sine qua non, потенцијален плодотворен пат ослободен од малограѓански комбинаторики, бескрупулозни малверзации и дилетантски потчукнувања по рамото во знак на одобрување. Ако целата, или барем поголемиот дел од македонска стручна јавност има сериозни забелешки на неговите актуелни ангажмани, можно ли е македонскиот уметник да остане целосно глув и слеп на истите? И да се држи до своите недоветни објаснувања „што и како сакал да направи“ или до јанусовите пофалби на политиката за неговата гоолема умеш(т)ност. Зарем не му говори доволно веќе самиот факт дека делото му го „оценуваат“ (политички) дилетанти кои во животот не виделе Уметност, ниту пак можат да ја препознаат? Зарем не го гледа(л) составот на комисиите што му го оценувале трудот? И зарем тоа не му пречело? И зарем сè уште мисли дека созда(ва)л – уметност?!

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Robert Bowen

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото