Ребаланс

25.08.2014 01:50
Ребаланс

Навидум „ребаланс“ е еден неутрален, сосема пристоен збор, чие основно значење е дури и позитивно. Иако, негативните последици и ефекти веќе деновиве ќе ги осетиме сите ние, или барем повеќето од нас.

Во неговиот корен е францускиот збор „balance“ (се чита „баланс“) и значи – вага. Оние што некогаш биле на годишен одмор во Далмација, знаат дека по тамошните пазари вагата се нарекува баланца. Од истиот корен е и италијанскиот збор за вага – „bilancia“. Резултатот, пак, од „италијанското“ вагање се нарекува „bilancio“. Оттука во нашиот јазик влегува зборот „биланс“. Овие два термина кај нас најмногу се користат во таканареченото двојно книговодство. Билансот е резултатот од односот меѓу расходите и приходите. Кога збирот на расходите од една страна и приходите од другата страна е еднаков тогаш постигнуваме –баланс. (Зошто оваа состојба се нарекува „позитивна нула“, навистина не знам.)

Латинскиот префикс „re-“ означува повторување или повторно воспоставување на одредено дејство или состојба, па имаме репродукција, реприза, репетиција, репринт, реконструкција, редефинирање, реставрација итн.

Во таа смисла, „ребаланс“ би можел да се преведе како „враќање на рамнотежата“ или поточно „повторно воспоставување на рамнотежата“. Ребаланс на буџетот би значел повторно воспоставување на рамнотежата во државната каса, затоа што некој („тие“) трошел повеќе од заработеното, па сега некој друг („ние“) треба да прими помалку (на пример, пензионер) или да плати повеќе (на пример, даночен обврзник, купувач...). Во нашиот литературен и разговорен јазик постојат многу повообичаени изрази за она што еуфемистички се нарекува „повотрно воспоставување на рамнотежата во државната каса“, односно „ребаланс на буџетот“. Причината која доведува до ребаланс е „расипништво“, „јавашлук“, „недомаќинско работење“ итн., додека начинот на кој се спроведува ребалансот едноставно е – кражба.

Значи, кога некои ги поарчиле парите или не знаеле да пресметаат, па сега земаат од другите, не е ништо друго туку финансиска малверзација, односно кражба. Но, бидејќи оние што го прават тоа вообичаено се истите што ги воспоставуваат правилата, значи моќниците (кои, и онака, по правило, не водат многу сметка за јазичната хигиена), ним им е помило да не се квалификуваат во групата „расипикуќи“ и „крадци“, туку во „воспоставувачи на рамнотежата на буџетот“. На сличен начин и поскапувањата ги нарекуваат „корекција на цени“, бидејќи, белким, им се чини дека е некоректно да плаќаме помалку.

Денес (понеделник, 25 август) Собранието би требало да го изгласа ребалансот на буџетот (во што не се сомневаме), па сите ние (или барем повеќето од нас) ќе имаме многу поголеми главоболки од вистинското лингвистичко толкување на оваа синтагма.