На Европа не ѝ требаат нови граници

18.09.2014 15:00
На Европа не ѝ требаат нови граници

Некој планира да изгради ѕид - макар во фигуративна смисла.

Секако, шкотскиот лидер кој се залага за независност, Алекс Салмонд, не сака да го врати ѕидот на Хадријан и непробојната граница меѓу Шкотска и Англија, но сака независна држава која, секако, ќе има соодветна граница кон Англија. Без оглед на тоа колку крута ќе биде таа граница, таа ќе го дели - ментално и практично во секојдневниот живот - она што било обединето повеќе од 300 години.

А Шкотска би можела да биде само почеток.

Ако Шкотите можат да имаат своја држава, зошто Шпанците одбиваат да ја прифатат независноста на Каталонија или Баскија? Зошто Фламанците не би се одвоиле од Белгија? Тоа е посебно тежок случај, затоа што Фламанија е најнаселениот и економски најсилниот дел од државата, додека Валонија сама едвај би преживеала. Но, што ќе се случи со Валонија? Или, да ја продолжиме низата: дали Баварија еднаш ќе одлучи и буквално да стане Слободна Држава Баварија, како што сега само формално ѝ стои во името, и ќе се одвои од Германија? Дали независноста е на маса и во Јужен Тирол или француска Бретања?

Сè се врти околу парите

Пред неколку векови, па дури и децении, приказните за угнетувањето на овие територии можеби и биле оправдани, но денес не се. Лондон не се меша во шкотската култура, а Шкотска има и свој парламент. Каталонија исто така веќе има сличен облик на независност. Регионалното донесување одлуки може дури и да биде унапредено, призна британскиот премиер Дејвид Камерон со задоцнување. Но, во Европската унија денес никој не мора да формира своја сопствена држава за да се афирмира како посебна заедница во рамките на некоја нација.

Од друга страна, финансиската криза покажа дека кога царот ќе биде притиснат до ѕид, националната држава е таа која прва создава некаква референтна рамка, а не ЕУ. Патем, Кралската банка на Шкотска профитираше од британската поддршка. Тоа го побива аргументот за парите кои наводно сосема неприфатливо се прелеваат од Шкотска во Лондон.

Изгледа дека во Шкотска, Каталонија и Фламанија станува збор само за тоа: релативно просперитетните региони сакаат да го задржат своето богатство, наместо да го проследат до централната власт која ќе го дистрибуира до останатите.

Но, дали е тоа доволна причина за да се бара независна држава?

Многу отворени прашања

Економските аргументи се многу нестабилни.

Ако Шкотска се отцепи од Обединетото Кралство, двете држави ќе бидат послаби. Ќе имаат две дипломатски служби, две војски, две административни седишта на сите нивоа: а тоа не е само многу поскапо, туку независноста исто така ќе отвори и низа поединечни прашања на кои сè уште не е одговорено.

Можат ли луѓето да го задржат британското државјанство ако живеат во Шкотска? Како ќе бидат поделени заедничките претпријатија, како ќе се дели националниот долг? Која ќе биде национална валута? Салмонд сака да ја задржи фунтата, но Лондон ја отфрла таа можност. Може ли независна Шкотска едноставно да им се придружи на Европската унија и НАТО? Шефот на Европската комисија Жозе Мануел Баросо вели дека Шкотска мора да аплицира за членство како и секој друг: правото на вето, било да станува збор за Британија или Шпанија, може да го спречи влезот.

Единствен пазар

Дури и да се решат овие прашања со добра волја, таа нестабилност веќе е закана за фунтата и целокупната британска економија.

Во случај да гласа за независност, Шкотска ќе се соочи со турбулентен период на транзиција кој ќе трае со месеци, ако не и години.

А поради што?

Да се вратиме на ЕУ: дури и во очите на евроскептичните Британци, постоењето на ваквиот блок има свои предности, бидејќи нуди единствен пазар кој им овозможува на луѓето, компаниите и капиталот слободно да се движат преку границите на ЕУ.

А малите национални пазари денес функционираат дури и подобро отколку европскиот пазар, на пример, меѓу Шкотска и остатокот од Обединетото Кралство. Ограничувањето на оваа слобода со нови граници би било враќање кон партикуларните регионални интереси.

На Европа не ѝ требаат нови граници. Ѕидот на Хадријан е стар речиси 2.000 години и е дел од светското наследство. Оставете го и понатаму да биде само туристичка атракција.

Извор: Deutsche Welle

ОкоБоли главаВицФото