Правила за радикалите (5)

03.11.2014 12:06
Правила за радикалите (5)

КОМУНИКАЦИЈА

 

НЕКОМУ МОЖЕ ДА НЕДОСТАСУВА некој од квалитетите за добар организатор, па сепак да биде ефикасен и успешен – со еден исклучок. Тој исклучок е уметноста на комуницирање. Не е битно колку знаете за некоја работа доколку не можете да им ја соопштите на вашите луѓе. Во тој случај не ни станува збор за ваш неуспех. Вие едноставно не постоите.

Комуникацијата со други се случува кога тие ќе го разберат она што се обидувате да им го пренесете. Ако не го разбираат, тогаш вие не комуницирате, без оглед на зборовите, сликите и сè друго. Луѓето ги разбираат работите само преку своето сопствено искуство, што значи дека мора да навлезете во нивното искуство. Понатаму, комуникацијата е двонасочен процес. Ако се обидувате да им ги пренесете вашите идеи на други луѓе без да обрнувате внимание на она што тие сакаат да ви го кажат, немате никакви шанси.

Знам дека сум искомуницирал со друг кога ќе му засветлат очите и ќе одговори: „Точно знам што сакаш да кажеш. И мене еднаш ми се случи истото. Да ти раскажам за тоа!“ Тогаш знам дека имало комуникација. Неодамна полетував од аеродромот О’Хеар во Чикаго за Њујорк. Откако авионот појде кон пистата, го слушнавме познатото обраќање: „Зборува вашиот капетан. Со жалење ве известувам дека сме 18-ти на ред за полетување. Го исклучувам знакот за забрането пушење и повторно ќе ви се јавам со нови информации“.

Многу од капетаните мислат дека треба да ве „забавуваат“ со непрекинато баботење за сè и сешто. „Ќе ви биде интересно да разберете дека кога е целосно натоварен, овој авион тежи толку и толку тони“. Вам тоа воопшто не ве интересира. Или: „Нашиот план за летање ќе нè однесе преку Базикус, Охајо, а потоа на Џанкспот“ итн., итн. Но, на ова патување капетанот на авионот се доближи до искуството на многумина од патниците и навистина успеа да комуницира. Среде неговото „забавување“, тој искоментира: „Патем, ќе ве известам кога ќе добиеме дозвола за полетување, а од моментот кога ќе го чуете завивањето на млазните мотори за полетување, па до моментот на полетување, ќе имаме потрошено онолку гориво колку што е доволно да можете да појдете со автомобил од Чикаго до Њујорк и назад, и тоа сосе излегувањата од главниот пат!“ Можеше да се слушнат коментари како: „Ма ајде, сигурно се шегува“. Но кога се објави дозволата за полетување и додека не започна полетувањето, патниците низ целиот авион гледаа на своите часовници. По истекот на приближно 25-те секунди додека да полетаме, патниците се вртеа еден кон друг велејќи: „Ти се верува?“ Евидентно беше, како што можеше и да се очекува, дека многу патници биле некое време преокупирани со бројот на километри што би можел да ги помине автомобил со тоа количество гориво.

Кај едукаторите има општа согласност во врска со овој поим на комуникација, иако само малкумина учители го користат. Но, впрочем, мал е и бројот на вистински учители во таа професија.

Образовниот лидер укажува на оваа врска меѓу разбирањето и искуството на еден многу личен начин:

„Откако ќе добие животно искуство“. Читајте ги Хомер и Хорациј по секоја цена, вели Њуман; нахранете ги умот, окото и увото со нивните прикажувања, јазик и музика; но не очекувајте да разберете за што всушност зборуваат пред да наполните четириесет години.
Вистината ми дојде пред повеќе од триесет години, во еден декемвриски ден, додека одев пеш по патот од Аржентиер до Шамони покриен со снег, кога одненадеж, од амбисот на несвесната меморија, на ум ми дојде еден стих на Вергилиј што почнав да си го повторувам:

Sed iacet aggeribus niveis informis et alto Terra gelu.

Кога сум ги читал овие зборови на училиште, несомнено сум ги превел површно: „Земјата лежи без форма под снежни наноси и длабок мраз“, но одеднаш, со снежната сцена пред моите очи, за прв пат сфатив што сакал Вергилиј да каже со епитетот informis, „без форма“ и како совршено ја опишува работата на снегот, која буквално го прави светот бесформен, заоблувајќи ги острите рабови на покривите и таваните, на боровите, карпите и планинските гребени, одземајќи им ја дефинираноста на обликот и формата. А кој знае колку пати пред тој ден сум ги прочитал зборовите без да увидам што навистина значат! Не дека зборот informis не ми значел ништо додека студирав, но ми значел многу помалку од неговото целосно значење. За вистинско разбирање беше неопходно личното искуство.

— Сер Ричард Ливингстон, За образованието
(Sir Richard Livingstone, On Education, New York, 1945, стр. 13)

Од време на време ме обвинуваа за суровост и вулгарност бидејќи користиев аналогии со секс или тоалет. Тоа не го правам затоа што сакам нешто посебно да шокирам, туку затоа што има определени искуства кои ни се заеднички на сите нас, а меѓу нив се сексот и тоалетот. Освен тоа, сите се заинтересирани за овие две теми – што не може да се каже за секое заедничко искуство. Се сеќавам кога ја објаснував релативноста на моралот раскажувајќи ја следнава приказна. Три жени, Американка, Британка и Французинка, биле запрашани што би направиле доколку би се нашле на пуст остров со шест мажи желни за секс. Американката одговорила дека ќе се обиде да се скрие и да изгради сплав преку ноќ или ќе испрати димни сигнали за да побегне. Британката рекла дека ќе го одбере најсилниот маж и ќе живее со него за да ја заштити од другите. Французинката погледнала зачудено и прашала: „А во што е проблемот?“

Бидејќи луѓето разбираат единствено во рамките на своето лично искуство, еден организатор мора да има барем информативно познавање на нивното искуство. Тоа не само што помага за ко­му­ницирањето, туку го зајакнува и личното идентификување на организаторот со другите и ја олеснува понатамошната комуникација. На пример, во една заедница имаше грчки православен свештеник, кој тука ќе го именувам како архимандритот Анастополис. Тој секоја саботна вечер ги посетуваше локалните таверни, верно следен од шестмина членови на неговата црква. По многу часови опивање, тој наеднаш ќе се вкочанеше и ќе беше толку пијан што веќе не можеше да оди. Во тој момент, неговите верни шестмина, како да носат ковчег, ќе го однесеа по улиците до сигурноста на неговата црква. Низ сите тие години, тоа стана дел од искуството на заедницата и фактички прерасна во еден вид жива легенда. Во разговор со луѓето од тоа соседство, не можеше поинаку да им го пренесете фактот дека нешто не е во ред, освен да речевте дека е „во аут како архимандритот“. Како реакција на тоа ќе имаше смеа, климање со глави, извикување: „Аха, знам на што мислиш“ – но, исто така, и интимност на споделување заедничко искуство.

Ако се обидуваш да комуницираш и не можеш со другата страна да најдеш заедничко искуство кое таа може да го прими и разбере, тогаш мораш на другиот да му го создадеш искуството.

Се обидував на двајца мои организатори на обука да им објаснам дека нивните проблеми во нивната заедница настанале бидејќи тие излегле надвор од искуството на нивните луѓе: дека кога ќе излезеш надвор од рамките на нечие искуство, не само што не комуницираш, туку и предизвикуваш забуна. Тие имаа искрени, интелигентни изрази на лицата и вербално и визуелно се согласуваа и разбираа, но знаев дека тие всушност не сфаќаат и дека јас не комуницирам со нив. Јас не влегов во нивното искуство. Затоа морав да им понудам искуство.

Еднаш, некаде во тоа време, отидовме на ручек во ресторан. Им обрнав внимание на менито за ручек, во кое беа наведени осум јадења или комбинации и сите беа нумерирани. Број 1 беше сланина и јајца, со компири, тост и кафе, број 2 нешто друго, а број 6 беше омлет со пилешки џигер. Објаснив дека келнерот е условен од искуството веднаш да ја преведува секоја нарачка во соодветната бројка. Кога ќе ги слушне зборовите „сланина и јајца“, во неговиот ум веќе се вклучува „бр. 1“. Единствената варијација е дали јајцата треба да бидат ровки или сланината треба да биде крцкава, во кој случај ќе викне: „Број 1, ровко!“ или некоја слична варијација.

Откако тоа се разјасни, им реков: „Сега кога ќе му нарачам на келнерот, наместо да му речам омлет со пилешки џигери – што за него е бр. 6, јас ќе излезам надвор од рамките на неговото искуство и ќе речам: ’Го гледаш овој омлет со пилешки џигери?‛ Тој ќе одговори: ’Да, број 6‛. Јас ќе речам: ’Да, само чекај малку. Не сакам пилешките џигери да бидат во омлетот. Сакам омлет со пилешките џигери на страна – дали е јасно?‛ Тој ќе рече дека е јасно и шансите се 9 спрема 1 дека сè ќе биде измешано, бидејќи тогаш веќе нема да може да нарача само бр. 6. Не знам што ќе се случи, но ќе излезам надвор од подрачјето на неговото прифатено искуство“.

Келнерот ја запиша мојата нарачка точно како што опишав погоре. За дваесетина минути се врати со омлет и цела порција пилешки џигери, како и со сметка од 3,25 долари – 1,75 долари за омлетот и 1,50 долари за пилешките џигери. Јас се побунив, објаснувајќи дека го бев нарачал само јадењето број 6, кое чинеше вкупно 1,50 долари, но дека наместо пилешките џигери да бидат измешани со омлетот, сакав да бидат на страна. Наместо тоа добив цел омлет, цела порција пилешки џигери и сметка скоро три пати повисока од цената што ја пишува во менито. Освен тоа, јас не можам да изедам ем цела порција омлет ем цела порција пилешки џигери. Настана забуна. Келнерот и менаџерот се договараа тивко. Конечно келнерот се врати, поцрвенет и вознемирен: „Се извинувам за грешката – сите се збунија – јадете што сакате“. Сметката беше вратена на оригиналната цена за број 6.

Во една слична ситуација во Лос Анџелес, четворица од мојот персонал и јас разговаравме пред хотелот Билтмор, кога им ја демонстрирав истата поента, велејќи: „Еве, во ракава држам новчаница од 10 долари. Предлагам да завртиме едно четири блока околу хотелот Билтмор и да се обидеме да ги дадеме некому. Тоа несомнено ќе биде надвор од сечие искуство. Вие четворица одете зад мене и гледајте ги лицата на луѓето на кои ќе им пријдам. Ќе им се приближам држејќи ја новчаницава од 10 долари и ќе речам: ’Повелете, земете го ова‛. - Мојата претпоставка е дека секој од нив ќе се повлече, ќе изгледа збунето, навредено или уплашено и ќе сака да се тргне подалеку од лудаков. Според нивното искуство, кога некој им приоѓа, тој сака или да праша за насока или да проси – особено поради тоа како сум облечен, без палто и вратоврска“.

Одев наоколу обидувајќи се да ја дадам некому новчаницата од 10 долари. Сите реакции беа „во рамките на искуството на луѓето“. Околу тројца од нив, штом ја видоа десетдоларката, веднаш рекоа: „Жалам, немам ситно“. Други забрзано ме одминаа велејќи: „Жалам, немам сега пари во мене“, како јас да барав пари од нив, а не да им давав. Една млада жена се вознемири и почна безмалку да вика: „Јас не сум таква девојка и ако не се тргнеш оттука, ќе викнам полиција!“ Друга жена, на околу триесетина години, одврати: „Јас не сум толку евтина!“ Имаше еден човек што застана и рече: „Каков вид измама е ова?“ и си замина. Реакцијата на најголемиот дел од луѓето беше шок, збунетост и молк, забрзувајќи го чекорот и заобиколувајќи ме на некој начин.

Откако пресретнав приближно четиринаесетмина, повторно се најдов пред влезот на хотелот Билтмор, сè уште држејќи ја дeсетдоларката в рака. Сега четворицата мои придружници подобро ја разбираа идејата дека луѓето реагираат строго врз основа на нивното сопствено искуство.

Како друг пример на истиот принцип земете ја христијанската цивилизација, каде повеќето луѓе биле во црква и изговарале разни христијански доктрини, но тоа сепак не е дел од нивното искуство, бидејќи не го проживеале. Нивното црковно искуство е само ритуален декор.

Пред неколку години, Њујорк тајмс беше известил за случајот на еден човек кој на околу четириестгодишна возраст ја прифатил католичката вера и потоа, исполнет со страста на новопреобратениот верник, одлучил да го имитира што е можно поверно животот на свети Франциско Асишки. Тој ја извадил од банка неговата животна заштеда од околу 2.300 долари. Побарал парите да му ги издадат во новчаници од 5 долари. Наоружан со тоа купче петдоларки, отишол во најсиромашниот дел на Њујорк, областа Бавери (ова беше пред урбанизацијата), и секогаш кога ќе поминел некој маж или жена кои изгледале сиромашни, ќе им се приближел и ќе речел: „Ве молам, земете го ова“. Разликата меѓу оваа ситуација и моето кружење околу хотелот Билтмор е дека за просјаците во Бавери, понудените пари или порција супа не биле нешто надвор од нивното искуство. Како и да е, нашиот пријател кој се обидувал да живее христијански живот и да го имитира свети Франциско Асишки, открил дека тоа може да го прави само околу четириесет минути, по што ќе биде уапсен од христијански полицаец, однесен во болницата Белви од христијански доктор на брза помош и прогласен за „не при здрава памет“ од христијански психијатар. Христијанството е надвор од искуството на населението кое се декларира, но не го практикува христијанството.

Во масовните организации, не смееш да излезеш надвор од реалното искуство на луѓето. Ме прашуваат, на пример, зошто со католичкиот свештеник, протестантскиот министер или рабинот никогаш не зборувам со зборовите на јудејско-христијанската етика, Дессетте заповеди или Проповедта на планината. Јас никогаш не зборувам на тој начин. Наместо тоа, јас им приоѓам врз основа на нивниот личен интерес и благосостојбата на нивната црква, вклучително дури и нејзиниот физички имот.

Кога би им пристапил на моралистички начин, тоа би било надвор од нивното искуство, затоа што христијанството и јудео-христијанството се надвор од искуството на организираната религија. Тие само ќе ме слушаат и мошне сочувствително ќе ми речат дека сум многу благороден. Но штом се одалечам од нив, ќе им се јават на своите секретари и ќе им речат: „Ако уште еднаш се појави овој заебаниов, кажи му дека не сум тука“.

Комуницирањето со цел да се убеди соговорникот, како и при преговарањето, е повеќе отколку само влегување во искуството на другиот. Тоа значи да се фиксираш на неговата главна вредност или цел и до крајот да се држиш до таа цел. Со никого не се комуницира само во врска со рационалните факти или етиката на определено прашање. Тоа го покажува и епизодата помеѓу Мојсеј и Господ, откако Евреите почнале да му се поклонуваат на Златното теле11. Господ бил лут и сакал да ги уништи Евреите, но Мојсеј не се обидел да комуницира со него барајќи милост или правдина; тој се насочил кон врвната вредност и го надмудрил Господа. Соговорникот слуша само кога е загрижен или чувствува закана – во арената на акцијата, заканата или кризата се безмалку предуслови за комуникација.

Еден голем организатор, како Мојсеј, никогаш нема да ја загуби присебноста, како што можело да му се случило на секој помалку способен човек кога Господ рекол: „Побрзај долу: Твојот народ, што ти го изведе од египетската земја тргна наопаку“. Доколку во тој момент Мојсеј на каков и да е начин ја загубел присебноста, ќе се очекувало да одговори: „Од каде ги извади сега тие работи за мојот народ што јас сум го извел од египетската земја... јас само си се шетав по пустината, а кој започна со палењето грмушки, кој ми рече да појдам во Египет и кој ми рече да ги избавам овие луѓе од ропство, па потоа почна со игрите на моќ и со чумите, па го раздвои Црвеното Море, постави столб од облаци на небото и сега тие наеднаш станаа мој народ“.

Но, Мојсеј останал присебен и знаел дека најважниот центар на неговиот напад ќе мора да биде она што просудил дека на Господа му е од примарна важност. Според толкувањето на Мојсеј, тоа била желбата на Господ да биде број 1. Насекаде низ Стариот завет се судираме со зборовите: „Нема да имате друг Бог освен мене“, „Нема да се молите пред лажни богови“, „Јас сум љубоморен и одмаздољубив Бог“, „Нема залудно да го користиш името Господово“. И сè така до крај, вклучувајќи го и првиот дел на Десетте заповеди.

Знаејќи го ова, Мојсеј го започнал својот напад. Тој почна да се расправа и да му вели на Господ да олабави. (На ова место човек би се запрашал, обидувајќи се да ги разбере Мојсеевите мотиви, дали го сторил тоа затоа што му бил лојален на својот народ, затоа што се сожалил на нив или едноставно затоа што не сакал одново да создава друг народ, бидејќи, на крајот на краиштата, веќе имал 120 години и тоа е премногу за таа возраст.) Како и да е, тој почнал да преговара, велејќи: „Види, Боже, ти си Господ. Ти ги држиш сите карти. Можеш да правиш што сакаш и никој не може да те сопре. Но, знаеш што, Боже, не можеш тукутака да го пречкрташ договорот што си го направил со овие луѓе – се сеќаваш на Заветот – во кој си им ветил дека не само што ќе ги избавиш од ропство, туку дека тие практично ќе ја наследат земјата. Да, знам, ќе ми кажеш дека тие го прекршиле договорот, па затоа ништо не важи. Но, тоа не е така едноставно. Ти си сега во незавидна ситуација. Вестите за овој договор протекоа насекаде во околинава. Египќаните, Филистејците, Кананците, сите знаат за него. Но, како што реков претходно, ти си Господ. Ајде, оди и откачи ги. Што ти е грижа што луѓето ќе речат: ’Гледај го Господ. Нему не можеш да му веруваш ништо што ќе каже. Со него не можеш да се договараш. Неговиот збор не вреди ни колку каменот на кој е напишан‛. Но, на крајот на краиштата, ти си Господ и претпоставувам дека можеш да излезеш на крај со тоа“.

И Господ се смири, та не го направи злото кое
Го кажа против неговиот народ.

Друга максима за ефикасно комуницирање е дека луѓето мора самите да решаваат за себе. Не само дека Мојсеј не можел да му каже на Господ што да прави; ниеден организатор не може да ѝ каже на заедницата што да прави. Но, организаторот речиси цело време ќе има мошне јасна слика за тоа што треба да прави заедницата и тој ќе сака да ѝ предлага, да маневрира и да ја убедува заедницата да ја преземе таа активност. Тој никогаш нема директно да ѝ каже на заедницата што да прави; наместо тоа, ќе користи наведувачки прашања. На пример, на состанок за утврдување на тактиката, кога организаторот е убеден дека треба да се одбере тактиката В:

ОРГАНИЗАТОРОТ: Што мислите, што треба сега да правиме?
ЛИДЕРОТ НА ЗАЕДНИЦАТА БР. 1: Мислам дека треба да ја спроведеме тактиката Б.
ОРГАНИЗАТОРОТ: Што мислиш ти, Лидер Бр. 2?
ЛИДЕРОТ БР. 2: Да, тоа ми звучи сосема добро.
ОРГАНИЗАТОРОТ: А, што мислиш ти, Бр. 3?
ЛИДЕРОТ БР. 3: Па, не знам. Звучи добро, но нешто ме загрижува. Што мислиш ти, организатору?
ОРГАНИЗАТОРОТ: Битно е вие што мислите. Што е тоа што те загрижува?
ЛИДЕРОТ БР. 3: Не знам... Нешто...
ОРГАНИЗАТОРОТ: Претпоставувам дека... Не знам, но се сеќавам дека вчера ти и Бр. 1 ми кажувавте и ми објаснувавте нешто за некој кој еднаш се обидел со нешто слично на тактиката Б, па поради тоа останал на отворено, и дека таа работа не успеала, или така нешто. Се сеќаваш дека ми кажуваше за тоа Бр. 1?
ЛИДЕРОТ БР. 1: (Кој слушал и сега знае дека тактиката Б нема да успее): Да, де. Да. Се сеќавам. Да, па добро, сите знаеме дека Б не чини.
ОРГАНИЗАТОРОТ: Да. Исто така, знаеме дека ако не ги отстраниме сите работи кои не функционираат, никогаш нема да дојдеме до онаа која функционира. Така?
ЛИДЕРОТ БР. 1 (енергично): Апсолутно!

И така продолжува наведувачкото распрашување, без никој да изгуби образ или да биде изоставен од донесувањето одлуки. Секоја слабост на секоја предложена тактика се проверува со прашања. На крајот некој ќе ја предложи тактиката В и, повторно преку прашања, ќе се покажат нејзините позитивни одлики и таа ќе се усвои.

Дали е ова манипулација? Секако дека е, исто како што манипулира и учителот, а ништо помала манипулација не прави ни Сократ. Како што одминува времето и се одвива образованието, раководењето станува сè пософистицирано. Организаторот се повлекува од локалниот круг на донесувачи на одлуки. Неговиот одговор на прашањата за тоа што мисли тој станува незаповедно противпрашање: „Што мислиш ти?“ Негова задача станува тоа да ја оттргне групата од нивната зависност од него. Тогаш, неговата работа е завршена.

Сè додека организаторот работи врз основа на прашања, лидерите на заедницата ќе го сметаат неговото мислење за повисоко од нивното. Тие веруваат дека тој си ја знае работата, ги знае вистинските тактики, токму затоа е организатор. Организаторот знае дека дури и кога свесно така мислат, ако започне да издава наредби и да „објаснува“, тоа ќе почне да создава потсвесна одбивност, чувство дека организаторот ги омаловажува, дека не го почитува нивното достоинство како поединци. Организаторот знае дека е човечка особина оној што побарал и добил помош, да реагира не само со благодарност, туку и со потсвесно непријателство спрема оној кој му помогнал. Тоа е еден вид психички „првобитен грев“, бидејќи тој чувствува дека оној што му помогнал е секогаш свесен за тоа дека доколку не му помогнел, тој сè уште би бил едно поразено ништо. Сето ова вклучува и вешто и чувствително играње улоги од страна на организаторот. На почетокот, организаторот е генералот, тој знае каде, што и како, но никогаш не ги носи своите генералски еполети, никогаш не му се обраќаат како на генерал и тој не се однесува како генерал – тој е организатор.

Постојат и моменти, и тоа многубројни, кога организаторот за време на дискусиите како онаа погоре, увидува дека тактиката В, односно што и да е друго за кое се решил претходно, не е соодветната тактика. Во тој момент да се надеваме дека неговото его е доволно силно за да дозволи некој друг да го даде одговорот.

Еден од факторите кои влијаат на тоа што можете, а што не можете да пренесете на другите се односите. Има чувствителни области кои не треба да се допрат сè додека не се создаде силен личен однос заснован на заеднички ангажмани. Во спротивно, другата страна се исклучува и буквално не слуша, без оглед на тоа дали вашите зборови се во рамки на неговото искуство. И обратно, доколку имате добар однос, соговорникот е многу рецептивен и вашата „порака“ доаѓа до него во позитивен контекст.

На пример, секогаш верував дека контролата на раѓање и абортусот се лични права кои треба да ги ужива поединецот. Ако во моите рани денови кога ја организирав заедницата на Задните дворови во Чикаго, кое беше 95 проценти римокатоличко, се обидев да го соопштам тоа, дури и преку искуството на оние жители чија економска состојба ја влошуваше тоа што живееја во големи семејства, тоа ќе беше крај на мојата врска со заедницата. Во тој момент ќе бев обележан како непријател на црквата и ќе престанеше секаква комуникација. Неколку години подоцна, откако воспоставив цврсти односи, можев слободно да зборувам за што и да е, вклучително и за контролата на раѓање. Се сеќавам дека за тоа дискутирав и со тогашниот католички канцелар. Во тоа време, расправата веќе не беше ограничена само на прашања од типот: „Што мислиш, уште колку долго ќе може католичката црква да се држи до оваа архаична идеја и да опстанува?“ Се сеќавам дека во чекалницата здогледав петмина свештеници кои чекаа да се сретнат со канцеларот и знаејќи колку тој ги презира сите нив, реков: „Види, ќе ти докажам дека ти всушност веруваш во контролата на раѓање, иако креваш голема врева против тоа“, па ја отворив вратата, велејќи: „Погледни онаму. Можеш ли да гледаш во нив и да ми речеш дека се противиш на контролата на раѓање?“ Тој прсна да се смее и рече: „Аргументот не ти е фер, и ти го знаеш тоа“, но темата и природата на дискусијата ќе беа незамисливи да немавме цврсти односи.

Класичен пример за неуспешно комуницирање затоа што организаторот комплетно излегол од искуството на луѓето е обидот на студентските активисти да им го посочат на сиромашните банкротот на нивните доминантни вредности. „Верувај ми на зборот, ако добиеш добра работа и двокатна куќа во предградие, телевизор во боја, два автомобили и пари во банка, тоа нема да те направи среќен“. Без исклучок, одговорот секогаш е: „Аха, дај ми самиот да просудам – ќе ти кажам откако ќе го добијам сето тоа“.

Комуницирањето на општа основа, без да биде поделено според спецификите на искуството, станува реторичко и носи сосема ограничено значење. Тоа е како разликата меѓу тоа да разбереш за смртта на четврт милион луѓе – кои стануваат статистика – или за смртта на еден или двајца блиски пријатели, драги луѓе или членови на семејството. Во вториов случај, ќе го доживееш целосното емоционално влијание на конечноста на трагедијата. Обидувајќи се да објаснам што значат личните односи, на разни публики сум им рекол: „Ако претседавачот го отвореше овој состанок со зборовите: ’Со шок и жалење морам да ве информирам дека штотуку бевме известени дека господинот Алински само што загинал во авионска несреќа и затоа ова предавање се откажува‛, единствената ваша реакција би била: ’Ох, боже, штета. Се прашувам каков човек бил, но штом е така, ајде сега да видиме што ќе правиме вечерва. Сега имаме слободна вечер. Можеме да отидеме во кино‛“. И тоа е сè што човек би можел да очекува, освен од оние кои ме познавале во минатото, без оглед на тоа каков однос сме имале.

„Ајде сега да претпоставиме дека по завршувањето на ова пре­да­ва­ње, сите вие, да речеме, сте против сето она што сум го кажал, не ви се допаѓа моето лице, звукот на мојот глас, моето однесување, моите алишта, едноставно, не ви се допаѓам и точка. Да речеме, исто така, дека треба повторно да ви одржам предавање наредната недела и во тој момент ве информираат за мојата ненадејна смрт. Вашата реакција ќе биде многу поинаква, без оглед на тоа што не сум ви се допаднал. Ќе одреагирате шокирано и ќе речете: ’Леле, па вчера беше жив, дишеше, зборуваше и се смееше. Човек просто не може да верува дека тукутака наеднаш го снема‛. Тоа е човечката реакција на личен однос“.

Но, она што е од особена важност овде е фактот дека сте имале работа со една конкретна личност, а не со општа маса.

Тоа е она што беше имплицитно во познатата изјава на организацискиот гениј Семјуел Адамс, во времето кога наводно го планирал Бостонскиот масакар; се цитира неговата изјава дека треба да има најмалку тројца или четворица убиени за да може да имаме жртви за Револуцијата, но не смее да има повеќе од десет, бидејќи ако се надмине таа бројка, тоа повеќе нема да бидат жртви, туку само проблем на расчистување.

Ова е проблемот при обидот да се комуницира во врска со прашањето на хидрогенската бомба. Тоа е премногу големо прашање. Подразбира премногу жртви. Тоа е надвор од искуството на луѓето и тие едноставно реагираат со зборовите: „Да, тоа е ужасна работа“, но тоа во суштина не ги допира. Исто е и со цифрите. Штом се дојде до некаде околу 25 милиони долари и нагоре, а за милијарда и да не зборуваме, слушателот целосно губи способност да сфати и веќе не е вистински заинтересиран, бидејќи бројките отишле надвор од неговото искуство и речиси се без значење. Милиони Американци не знаат од колку милиони долари се состои една милијарда.

Овој елемент на специфичното кое мора да е доволно мало за да може да се сфати со искуството, дефинитивно се врзува во цела низа прашања. Прашањата мора да можат да се соопштуваат на други. Пресудно е да можат да се пренесат. Од суштинска важност е тие да се доволно прости за да се сфатат како извици на собири или во битка. Не може да бидат општи поими како гревот, бесмртноста, добриот живот или моралот. Тие мора да бидат оваа неморалност на овој скржав сопственик во оваа сиромашна зграда каде што страдаат овие луѓе.

До сега би требало да е веќе јасно дека комуникацијата се случува конкретно, преку нечие специфично искуство. Општите теории добиваат значење само кога некој ги апсорбирал и разбрал посебните составни делови и потоа ги поврзал со општиот поим. Ако не се направи тоа, спецификите стануваат само низа од интересни анегдоти. Таков е реалниот свет во комуницирањето.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел


Фотографии: GEOF KERN
Превод: Ана Лазаревска
Извор: Соул Д. Алински, Правила за радикалите; Практичен вовед за реалистичките радикали. Некомерцијално издание на ФООМ, 2014.

Слични содржини

Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото