Правила за радикалите (4)

30.10.2014 13:02
Правила за радикалите (4)

ОБРАЗУВАЊЕТО ОРГАНИЗАТОРИ


Изградбата на голем број масовни организации кои би се споиле во една сенародна моќна сила, не може да се изведе без голем број организатори. Имајќи предвид дека организациите во најголем дел се создадени од организаторот, треба да разбереме што го создава организаторот. Ова беше еден од главните проблеми во моето повеќегодишно организаторско искуство: пронаоѓањето потенцијални организатори и нивната обука. Во изминативе две години водам специјално училиште за обука на организатори со редовна, 15-месечна програма.

Учесниците потекнуваат од најразлични слоеви, почнувајќи од активистки од средната класа, преку католички свештеници и протестантски проповедници од сите деноминации, потоа милитантни Индијанци, Мексиканци, Порториканци и Црнци од сите делови на спектарот. (...)

Образувањето организатори бара чести, долги разговори за организациските проблеми, анализирањето на формите на моќ, комуникациите, тактиките за конфликт, едукацијата и развојот на лидери на заедници, како и за методите на воведување нови прашања. Во овие дискусии сме се занимавале со најразлични прашања: внатрешните проблеми на една група во една организација во Лос Анџелес која се обидува да се ослободи од својот организатор, фијаското на една акција за собирање средства преку продажба на божиќни елки во Сан Хозе и причините за нејзиниот неуспех, масивна кампања за регистрирање гласачи во еден проект во Чикаго, чиј почеток беше одложен, една група во Рочестер, Њујорк, која го напаѓа организаторот со цел да ги дограби фондовите наменети за организацијата итн.

Личното искуство на потенцијалниот организатор секогаш се користеше како основа за подучување. А откако ќе се решеше проблемот, секогаш се одржуваа долги сесии на кои со аутопсија се вршеше секцирање на спецификите и потоа тие се сошиваа во синтеза, во концептуална целина. Сите искуства се важни само доколку се поврзани со некој централен концепт и го расветлуваат. Историјата не повторува конкретни ситуации – доколку примерите на овие страници се читаат изолирано од општата идеја, тие ќе бидат само обична серија анегдоти. Сè стана поучно искуство.

Честопати, дел од средбите беа лични домашни дружења. Работниот распоред на организаторот е континуиран, така што времето е неважно, средбите и состаноците се растегнуваат и до раните утрински часови, секој распоред е одбележан со постојани неочекувани и ненајавени состаноци; работата го следи организаторот и дома, така што или е на телефон или му доаѓаат луѓе. Брачната состојба на организаторите, со ретки исклучоци, е катастрофална. Имено, тензиите, работното време, состојбата дома и можностите не придонесуваат кон верноста. Освен тоа, со ретки исклучоци, не познавам навистина способни организатори кои покажале интерес за целибат. Овде-онде се среќаваат сопруги и сопрузи, или оние во љубовна врска, кои имаат разбирање за работата и ѝ се предаваат, и претставуваат вистински извор на сила за организаторот.

Покрај оние со постојано работно време, имаше и лидери на заедници кои на самото работно место ги обучивме да бидат организатори. Организаторите не само што се клучни во основањето и изградбата на организацијата, туку се од суштинско значење и за нејзиното работење. Одржувањето на интересот и активноста, односно грижата за тоа целите на групата да бидат истовремено и силни и флексибилни, е поинаква операција, но сепак е организација.

Кога ќе фрлам поглед врз резултатите од тие години, би ги оценил како мешавина од повеќе неуспеси отколку успеси. Тука и таму има организатори кои се одлични во областите што ги одбрале, а во печатот се претставени како мои „протежеа“, но мене севкупниот резултат не ми изгледа многу ветувачки.

Оние од локалните заедници кои беа обучувани на работното место, постигнаа определено ниво и ги исцрпеа своите капацитети. Ако го замислите организаторот како имагинативен и креативен архитект и инженер, тогаш најголемиот наш успех во обучувањето на работното место би биле квалитетни водоинсталатери, електричари и столари, кои се неопходни за конструирање и одржување на градбата на нивната заедница, но се неспособни да одат на друго место и таму да дизајнираат и реализираат нова градба во нова заедница.

Имаше и други кои научија да бидат одлични организатори во посебни видови заедници со посебни етнички групи, но во друга сцена со друга етничка група не можеа да организираат ништо.

Потоа, тука беа и оние ретки универзитетски активисти кои можеа да организираат огромен број студенти – но кога требаше да комуницираат со работници од пониската средна класа или да ги организираат, тие беа комплетно промашување.

Синдикалните организатори се покажаа како слаби организатори на заедници. Нивното искуство беше врзано за шема на фиксни точки, без разлика дали се работеше за дефинитивни барања за плати, пензии, одмори или други работни услови, или сето тоа беше условено со датумите на даден договор. Откако ќе се постигнеше согласност околу прашањата и ќе се потпишеше договорот, годините до следните преговори за нов договор беа исполнети со состаноци на кои се изнесуваа поплаки и обвинувања за прекршување на договорот од обете страни. Масовната организација е поинакво милениче, таа не е навикната на надворешни услови. Не постојат фиксни хронолошки точки или дефинитивни прашања. Барањата постојано се менуваат, состојбата е флуидна и променлива, а многу од целите не се дадени во конкретна форма на долари или часови, туку се психолошки и постојано се менуваат, како „она од кое потекнуваат соништата“. Сум видел синдикални организатори кои организирањето на заедницата речиси ги излудува. (...)

Меѓу организаторите кои ги обучував без успех, имаше и такви кои ги запаметија зборовите и со нив поврзаните искуства и поими. Кога ги слушав нив имав чувство како да слушам лента на која се од збор до збор снимени моите презентации. Јасно е дека не разбрале многу и дека не беа способни за повеќе од основно организирање. Проблемот со огромен број од нив беше и сè уште е нивната неспособност да разберат дека една изјава за конкретна ситуација има смисла само доколку се однесува и доколку расветлува определен општ концепт. Наместо тоа, тие гледаат на конкретната акција како да е крајна точка. Тие не можат да го сфатат фактот дека нема ситуација која некогаш се повторува и дека ниедна тактика не може да биде сосема иста со некоја друга. (...)

Сиве овие години постојано се обидував да ги пронајдам причините за нашите неуспеси, како и за нашите повремени успеси во обучувањето организатори. Беа испитани и сè уште се испитуваат нашите методи на подучување и методите на другите, нашата лична компетентност за подучување и импровизираните нови пристапи во подучувањето; нашата сопствена самокритика е далеку поригорозна од самокритиката на нашите најостри критичари. Сите имаме недостатоци. Знам дека кога јас работам како организатор во заедница, имам бескрајно многу трпение да разговарам и да ги слушам локалните жители. Секој организатор мора да има такво трпение. Но, меѓу моите недостатоци е и тоа што кога сум во позиција на предавач во институтот за обука или по разните конференции, станувам интелектуален сноб со неимагинативни и ограничени студенти, нетрпелив, здодевен и неоправдано дрзок.

Сум импровизирал со наставниот пристап. На пример, бидејќи знаевме дека човек може да комуницира и да разбере само преку сопственото искуство, моравме да конструираме искуство за нашите студенти. Повеќето луѓе не акумулираат големо искуство. Повеќето луѓе минуваат низ животот преку серија случки кои поминуваат низ нивниот систем необработени. Случките стануваат искуство кога ќе се обработат, кога ќе се размисли за нив, кога ќе се споредат со општите форми и ќе се синтетизираат.

Клишето „учиме од искуството“ има свое значење. Наша задача беше да ги фрлиме тие случки назад во системот на ученикот, за да може да ги преработи во искуство. За време на семинарите ќе речев: „Животот е очекување на неочекуваното – работите за кои си загрижен ретко се случуваат. Новите нешта, неочекуваното, обично доаѓаат од подалеку. Сите вие климате со главите како да разбирате, но фактички ништо не разбирате. Она што го кажав за вас се само зборови. Сакам сега да се повлечете во своите приватни плакари и во наредните четири часа да размислувате. Обидете се да се сетите на сите работи за кои сте биле загрижени во последниве години и дали тие воопшто се случиле, или што всушност се случило – па потоа ќе зборуваме за тоа“.

На следното предавање, реакциите на студентите беа полни со возбуда: „Еј, во право сте. Од осумте големи грижи што сум ги имал, се има случено само една – а дури и таа една се случи на поинаков начин од тоа како јас бев загрижен дека ќе се случи. Сега разбирам што сакавте да кажете“. И навистина сфати.

Иако искуството од обидот да се едуцираат организатори во ниеден поглед не беше онолку успешно колку што се надевав, тоа сепак имаше големо едукативно значење за мене и моите соработници. Ние постојано бевме во состојба на самоиспитување. Прво, научивме кои се квалитетите на идеалниот организатор, а второ, бевме соочени со едно основно прашање: дали е возможно да се подучува или да се едуцира за постигнување на овие квалитети.

Искуството и комуникацијата се основни за организаторот. Организаторот може да комуницира само во областите во кои неговата публика има искуство; во спротивно, нема комуникација. Организаторот, во неговата постојана потрага по шеми, универзални принципи и значење, секогаш го гради своето искуство.

Преку неговата имагинација, тој постојано навлегува во случувањата на другите, се идентификува со нив и ги внесува нивните случки во својот ментален дигестивен систем, на тој начин акумулирајќи повеќе искуство. За комуникацијата е основно тој да ги знае нивните искуства. Со оглед на тоа дека човек може да комуницира единствено преку искуството на другите, јасно е дека организаторот почнува да развива и акумулира извонредно големо искуство.

Тој ги учи локалните легенди, анегдоти, вредности и изрази. Слуша маалски муабети. Се воздржува од реторика што е туѓа за локалната култура: тој знае дека излитените фрази како „бели расисти“, „фашистички свињи“ и „измамници“ се толку истрошени, што нивната употреба е сега во негативното искуство на локалното население и може само да послужи за тоа говорникот да се идентификува како „една од оние будали“ и да се прекине секаква понатамошна комуникација.

Но, организаторот не смее да се преправа. Мора да биде свој. Се сеќавам на првата средба со мексиканско-американските лидери во една калифорниска населба каде ме послужија со специјална мексиканска вечера. Кога бевме некаде до половина вечера, ги спуштив ножот и виљушката велејќи: „Господе боже! Вие ова го јадете затоа што ви се допаѓа или дека морате? Мислам дека е лошо исто колку и еврејската кошер-блујавица што морав да ја јадам како дете“. Настана шокантна тишина, а потоа сите почнаа да вреват. Наеднаш бариерите почнаа да паѓаат кога сите почнаа да зборуваат и да се смеат. Тие беа толку навикнати на тоа Англоамериканците да им ја воспеваат убавината на мексиканската храна и покрај тоа што се свесни дека таа им штети, на Англоамриканците што запаметиле неколку шпански фрази меѓу кои и неизбежната hasta la vista, што ова им дојде како освежувачки искрено искуство. Инцидентот прерасна во легенда за многумина, па можеше понекогаш да ги чуете како, на пример, велат: „Нему му се допаѓа човекон исто колку што на Алински му се допаѓа мексиканската храна“. Неколкумина од присутните Мексиканци-Американци признаа дека некои од тие јадења ги јадат само кога им се на гости Англо-Американци. Истото преправање се случува и кај белците во врска со некои црнечки „соул-јадења“.

Има разлика меѓу искреност и грубо непочитување на традицијата на другиот. Организаторот многу помалку ќе згреши ако биде свој, отколку ако употреби „професионални техники“ кога луѓето всушност знаат подобро од него. Искреноста е покажување почит спрема луѓето, како во епизодата со мексиканската вечера; тие се третирани како луѓе, а не како заморчиња врз кои се испробуваат техники. Исклучително важно е таквата постапка да се разбере во контекст. На мојата забелешка ѝ претходеше топла лична дискусија за проблемите на луѓето. Тие беа запознаени не само со мојата загриженост за нивните маки, туку и со тоа дека ги сакам како народ. Почувствував дека ми возвраќаат со пријателство и бевме заедно. Токму во таа севкупност на ситуацијата изреагирав на начин кој инаку ќе звучеше навредливо.

Меѓу квалитетите што се трудевме да ги развиеме кај организаторите во годините кога се обидувавме да ги обучиме спаѓаа и некои квалитети кои најверојатно не може да се пренесат. Нив или веќе ги имаа или можеа да ги добијат само со помош на некое чудо одозгора или одоздола. Други квалитети можеше да се имаат како потенцијал кој може да се развие. Понекогаш развојот на еден квалитет предизвикуваше други неочекувани квалитети. Научив да ги споредувам со изготвена листа на квалитети и да ги забележувам негативностите, па доколку тој квалитет беше невозможно да се развие, можев барем да бидам свесен и да внимавам на тоа да се намали негативниот ефект врз работата.

Еве ја листата на идеалните елементи кои треба да ги има еден организатор – работите кои се бараат при идентификувањето потенцијални организатори и во оценувањето на идните можности за нови организатори и на клучните точки во секој вид образовна програма за организатори. Се разбира, станува збор за идеална листа – се сомневам дека такви квалитети, со таков интензитет, воопшто некогаш се споиле во една личност, било маж или жена, иако најдобрите организатори треба да ги имаат сите тие квалитети во изразена форма, а секој организатор треба да ги има сите нив барем на минимално ниво.

Љубопитност. Што го тера организаторот да организира? Тој е воден од несопирлива љубопитност која не знае за граници. Предупредувачките клишеа од типот „некој умрел од љубопитност“ за него се бесмислени, бидејќи животот за него е потрага по модел, потрага по сличности во навидум различните нешта, потрага по разлики во навидум сличните нешта, потрага по ред во хаосот околу нас, по значење на животот околу него и по однос со неговиот сопствен живот – и потрагата никогаш не завршува. Тој оди напред со прашањето како негов знак и претпоставува дека одговори воопшто нема, има само нови прашања. Организаторот станува носител на заразата со љубопитност, бидејќи народот кој прашува „зошто“ почнува да се бунтува. Преиспитувањето на дотогаш прифатените начини и вредности е реформскиот стадиум кој непосредно ѝ претходи на револуцијата и е од суштинско значење за неа.

Тука воопшто не се согласувам со Фројд. Тој во едно писмо до Мари Бонапарта вели: „Штом човек почне да ги преиспитува значењето и вредноста на животот, се разболува“. Ако некаде воопшто постои одговор за животот, претпоставувам дека клучот за него лежи во откривањето на суштинското прашање.

Всушност, Сократ бил организатор. Функцијата на организаторот е да отвора прашања кои вознемируваат и пробиваат низ она што е прифатена форма. Сократ со неговиот повик „сознај се себеси“ ги иницирал кај поединецот оние внатрешни прашања кои се од суштинско значење за револуцијата, која е нешто надворешно во однос на поединецот. Значи, Сократ го спроведувал првиот стадиум во создавањето револуционери. Ако му се дозволело да продолжи да отвора прашања за значењето на животот, да го испитува животот и да ги одбива конвенционалните вредности, наскоро внатрешната револуција ќе се преселела на политичката арена. Оние кои му суделе и кои го осудиле на смрт знаеле што прават.

Непочитување. Љубопитноста и непочитувањето одат заедно. Љубопитноста не може да постои без другото. Љубопитноста прашува: „Дали е ова точно? Дали само затоа што отсекогаш било вака, ова е најдобриот или вистинскиот начин на живот, најдобрата или вистинската религија, политички или економски вредности, морал?“ За прашувачот ништо не е свето. Тој се гнаси од догмата, ја отфрла секоја конечна дефиниција на моралот, се бунтува против секаква репресија на слободната, отворена потрага по идеи без разлика каде тие би можеле да водат. Тој предизвикува, навредува, вознемирува, дискредитира. Тој подбуцнува немири. Ова претставува парадокс, како впрочем и животот, бидејќи тоа негово непочитување е вкоренето во една длабока почит кон енигмата на животот и во непрекината потрага по неговото значење. Некој може да приговори дека почитта кон другите, кон нивното ослободување од неправда, сиромаштија, неписменост, експлоатација, дискриминација, болести, војни, омраза и страв не е нужен квалитет на успешниот организатор. Сè што можам на тоа да кажам е дека таквата почит е квалитет кој морам да го видам кај секого што ќе се нафатам да го обучувам.

Фантазија. Фантазијата е неизбежен партнер на непочитувањето и љубопитноста. Како може некој да биде љубопитен ако нема фантазија?

Според Вебстеровиот речник, фантазија е „ментална синтеза на нови идеи од елементи кои се доживеани одделно... Поширокото значење... започнува со идејата за ментално сликање работи кои се навестени, но не и претходно доживеани, и оттука се проширува... сè до идејата за ментална креација и поетска идеализација [креативна фантазија]...“ За организаторот, фантазијата не е само сево ова, туку и нешто подлабоко. Тоа е динамиката која го започнува и го одржува целиот негов живот на дејствување како организатор. Таа ги вклучува и ги потхранува силите кои го тераат да организира за промени.

Едно време верував дека основниот квалитет што треба да го поседува еден организатор е длабокото чувство на гнев против неправда и дека тоа е примарната мотивација која го одржува во акција. Но, сега знам дека тоа е нешто друго: несекојдневната фантазија која го фрла во непосредна идентификација со луѓето и го пренесува во нивната состојба. Тој страда со нив, се жести поради неправдата и започнува да го организира бунтот. Кларенс Дероу го формулира тоа повеќе врз база на личниот интерес: „Имав бујна фантазија. Не само што можев да се замислам себеси на местото на другиот, туку и не можев а да не го правам тоа. Секогаш сочувствував со слабите, со страдалниците и со сиромашните. Чувствувајќи ја нивната жал, се обидував да ги ослободам од неа за да можам и самиот да се ослободам“.

Фантазијата не е само горивото за силата којашто ги одржува организаторите да организираат, таа е и основа за ефикасна тактика и акција. Организаторот знае дека вистинската акција е во реакцијата на опозицијата. За да може реалистично да ги оценува и предвидува најверојатните реакции на непријателот, тој мора да биде способен и да се идентификува со нив во својата фантазија и да ги предвидува нивните реакции на неговите акции.

Смисла за хумор. Повторно според Вебстеровиот речник, хуморот се дефинира како „ментална способност за откривање, изразување или признавање смешни или апсурдно несмасни елементи во идеите, ситуациите, случувањата или дејствијата...“ или „променлива и неизвесна состојба на умот...“

Истражувајќи со слободен и отворен ум кој е испразнет од извесности и мразејќи ја догмата, организаторот ја открива смеата не само како начин да го задржи своето ментално здравје, туку и како клуч за разбирање на животот. Во суштина, животот е трагедија, а обратното од трагедијата е комедија. Човек може да промени неколку реплики во која и да е грчка трагедија и таа ќе стане комедија, и обратно. Знаејќи дека противречностите се знаци на напредокот, тој секогаш будно бара противречности. Смислата за хумор му помага да ги препознае и да им најде смисла.

Хуморот е од суштинско значење за успешниот тактичар, бидејќи најмоќното оружје за кое знае човештвото се сатирата и подбивот.

Смислата за хумор му овозможува да ја задржи перспективата и да се види себеси во реална светлина: како ситна ронка која согорува за дел од секундата. Смислата за хумор е неспоива со цеосното прифаќање догми, односно религиозни, политички или економски рецепти за спасение. Таа се спојува со љубопитството, непочитувањето и фантазијата. Организаторот има свој личен идентитет кој не може да се изгуби со апсорбирање или прифаќање каква и да е групна дисциплина или организација. Сега почнувам да го разбирам значењето на мојата, делумно интуитивна изјава од пред речиси дваесет години во книгата Будење на радикалите, дека „за да биде дел од сè, организаторот може да биде дел од ништо“.

Некаква нејасна визија на еден подобар свет. Голем дел од секојдневната работа на организаторот е во детали, со повторување и убиствено монотона. Во целината на работите, тој е ангажиран во еден мал дел. Тоа е како тој да е уметник и да слика малечок лист. Неизбежно е дека во еден момент тој ќе изреагира со зборовите: „Што правам јас овде, си го трошам животот сликајќи само еден малечок лист? По ѓаволите со тоа, се откажувам“. Она што го тера да продолжи е една нејасна визија на некој голем мурал каде другите уметници – организатори – ги сликаат своите делови и секој дел е битен за целината.

Организирана личност. Организаторот мора самиот да биде добро организиран за да може да се чувствува удобно во една неорганизирана ситуација, да биде рационален во морето ирационалности. Круцијално е да биде во состојба да ги прифати и да работи со ирационалностите во насока на промената.

Со многу ретки исклучоци, вистинските работи се прават од погрешни причини. Бесполезно е да се бара луѓето да ги прават вистинските работи од вистински причини – тоа е губење време на нереални цели. Организаторот треба да е свесен и да се помири со тоа дека вистинската причина всушност се воведува како морална рационализација откако прво се постигнала вистинската цел, иако можеби се постигнала од погрешна причина – и затоа тој треба да бара и да ги користи погрешните причини за да ги постигне правите цели. Тој треба да може, со помош на вештина и пресметки, да ја користи ирационалноста во неговите обиди да напредува кон еден рационален свет. (...)

Добро интегриран политички шизоид. Организаторот мора да стане шизоид во политичка смисла, за да не западне во стапицата на вистински верник. Пред да може луѓето да дејствуваат, некое прашање мора да се поларизира. Луѓето ќе стапат во акција само откако ќе се уверат дека нивната кауза е 100 проценти ангелска, а каузата на противниците е 100 проценти ѓаволска. Тој знае дека не може да има акција сè додека прашањата не се исполаризирани до овој степен. Веќе дискутирав за еден таков пример во Декларацијата за независност – имено, во Листата на поединечни проблеми е очевидно изоставена сета корист што колониите ја имале од владеењето на Британците и се наведуваат само штетните последици.

Она што сакам да го кажам е дека организаторот мора да е во состојба да се подели себеси на два дела – еден дел во арената на активностите каде што го поларизира прашањето до 100 спрема нула и им помага на неговите сили да дојдат во конфликт, додека другиот дел знае дека кога ќе дојде време за преговори, реалната разлика е само 10 проценти – а, сепак, и двете страни мора мирно да живеат заедно. Само добро организираната личност може да се подели, а сепак да остане единствена. Но, тоа е она што организаторот мора да го направи.

Его. Сите овие посакувани квалитети се проткаени со едно силно его, кое во поглед на цврстината може да се означи како монументално. Овде, терминот его го користиме онака како што беше опишано во претходното поглавје, јасно разграничено од егоизмот. Егото е безусловна доверба во своите способности да го сториме она за кое веруваме дека мора да се стори. Организаторот мора, без страв и грижа, да го прифати фактот дека неговите шанси за успех се секогаш помали од шансите за неуспех. Со вакво его, тој е дејствувач и дејствува. Помислата за повлекување никогаш не му останува во умот подолго од еден момент – животот е акција.

Слободен и отворен ум и политичка релативност. Организаторот, во неговиот начин на живот, со неговата љубопитност, непочитување, фантазија, смисла за хумор, неверување во догми, со неговата самоорганизираност и неговото разбирање за ирационалноста на поголемиот дел од човековото однесување, станува флексибилна личност, а не крута структура која се крши кога ќе се случи нешто неочекувано. Имајќи свој идентитет, нему не му треба безбедноста што ја дава идеологијата или некое универзално решение. Тој знае дека животот е потрага по несигурност, дека единствениот сигурен факт во животот е несигурноста, и тој го прифатил тоа. Знае дека сите вредности се релативни во светот на политичката релативност. Поради овие квалитети, тој не се предава лесно на цинизам и разочараност, затоа што не зависи од некоја илузија.

И на крајот, организаторот постојано од старото создава ново. Тој знае дека сите нови идеи произлегуваат од некаков конфликт, дека секој пат кога човекот имал нова идеја, тоа било предизвик за светите идеи на минатото и сегашноста и незибежно се разгорувал конфликт. Љубопитноста, непочитувањето, фантазијата, смислата за хумор, слободниот и отворен ум, како и прифаќањето на релативноста на вредностите и на несигурноста на животот, сите неизбежно се спојуваат во таков вид личност чија најголема радост е создавањето. Таа личност го доживува создавањето како суштина на смислата на животот. Во неговиот постојан стремеж кон новото, тој открива дека не може да го издржи она што е повторливо и неменливо. За него претставува пеколна казна постојано да се прави истата работа.

Ова е главната разлика меѓу лидерот и организаторот. Лидерот ја гради моќта за да ги исполни своите желби, за да има моќ и да ја употреби и за општествени и за лични цели. Тој самиот сака моќ. Организаторот ја гледа својата цел во создавањето моќ што ќе ја користат други.

Овие квалитети се присутни кај секоја слободна, креативна личност, без разлика дали е едукатор, дали е во уметноста или во некој друг дел од животот. Во Игра на парите на Адам Смит, опишани се карактеристиките на добриот управител со фондови:

Насетувањето правилности во однесувањето, тоа е лична интуиција. Секогаш има нешто непознато, несфатено... Не можеш тукутака да промовираш некој аналитичар да управува со фондови. Што е тоа што го имаат добрите менаџери? Тоа е своевидна фокусирана концентрација, интуиција, чувство, нешто што не се учи. Првата работа што треба да ја осознаеш си самиот ти. Човекот кој се познава себеси може да излезе од себе и да ги гледа своите реакции како набљудувач.

Човек би помислил дека ова било опис на организатор кој е креативен во речиси сè и дека без оглед дали организира заеднички фонд или заедничко општество, треба да се стреми кон овие квалитети. Мислам дека причината зошто некој станува организатор наместо нешто друго се состои во различниот степен на интензитет на некои специфични елементи или односи меѓу нив – со други зборови, чиста случајност.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел

Слики: David Lyle
Превод: Ана Лазаревска
Извор: Соул Д. Алински, Правила за радикалите; Практичен вовед за реалистичките радикали. Некомерцијално издание на ФООМ, 2014.

Слични содржини

Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото