Правила за радикалите (6)

07.11.2014 09:58
Правила за радикалите (6)

РАЦИОНАЛИЗАЦИЈА

Значи, една голема сенка што на почетокот се надвиснува над обидите за организирање е рационализацијата. Секој има причина или рационализација за она што го прави, односно не го прави. Без оглед за што се работи, секое дејство си носи своја рационализација. Еден од политичките лидери на Чикаго, познат во целата земјата по неговото користење на „бугарскиот воз“ и повеќекратното гласање, еднаш ми упати тирада, добро зачинета со алкохол, за тоа како јас сум бил нелојален Американец. На крајот извика: „А ти Алински! Кога ќе дојде големиот ден за Америка, денот на изборите – денот на правото на глас, за кој нашите предци се бореа и умираа – на тој голем ден, тебе толку не ти е грижа за твојата земја што никогаш не си се ни потрудил да гласаш повеќе од еднаш!“

Кога се организира нешто, мора да се има предвид огромната важност на тоа да се разбере улогата што на масовна основа ја има рационализацијата – таа е слична на функцијата на индивидуална основа. На масовна основа, рационализацијата се состои во оправдувањето на жителите на заедницата и на лидерите за тоа зошто не успеале да направат ништо сè дури не се појавил организаторот. Тоа е првенствено потсвесно чувство дека организаторот ги потценува, се прашува зошто не биле, така да се каже, доволно мудри и бистри да сфатат дека преку организирање и обезбедување моќ можеле да решат многу од проблемите со кои живееле со години – зошто требало да чекаат тој да се појави? Со оваа мисла во нивните глави, тие даваат цела серија аргументи против разни организациски процедури, но тоа не се вистински аргументи, туку се, едноставно, обиди да се оправда фактот дека воопшто не се помрднале ни организирале во минатото. На повеќето луѓе ова им е неопходно, не само за да се оправдаат пред организаторот, туку и пред себе самите.

Ова што ние тука го нарекуваме „рационализации“, психијатрите кај индивидуата тоа би го нарекле „одбрани“. Пациентот има серија на одбрани, низ кои треба за време на терапијата да се пројде за да се стигне до проблемот – со кој, потоа, пациентот е приморан да се соочи. Бркањето рационализации е како да се обидувате да го најдете виножитото. Рационализациите мора да се препознаат како такви, за да не падне организаторот во стапицата на комуникациските проблеми или да ги третира како реални ситуации.

Еден екстремен пример за ова, но пример кој многу јасно ја покажа природата на рационализацијата, датира од пред три години, кога се сретнав со разни лидери на канадските Индијанци на северот на една канадска провинција. Таму бев на покана на овие лидери, кои сакаа да зборуваат за своите проблеми и бараа мој совет. Проблемите на канадските Индијанци се многу слични на проблемите на американските Индијанци. Тие живеат во резервати, во релативна смисла се сегрегирани и жртви се на сите општи дискриминаторски практики на кои се подложени Индијанците откако белците ја зазеле Северна Америка. Во Канада, пописните бројки на индијанското население се движат од 150.000 до 225.000, во рамките на вкупната популација која се проценува некаде помеѓу 22 и 24 милиони.

Разговорот започна со тоа што јас предложив општиот пристап да биде тој Индијанците да се здружат, да ги надминат сите племенски поделби и да се организираат. Поради нивниот релативно мал број, сметав дека тие потоа треба да работат со различни сектори на белото либерално население, да ги придобијат како сојузници и потоа да почнат да се движат во национални рамки. Веднаш бев дочекан со рационализации. Дијалогот се одвиваше на следниов начин (треба како вовед да кажам дека беше мошне очигледно што се случува, бидејќи од начинот на кој Индијанците се гледаа меѓусебно ми беше јасно дека си мислеа: „Го поканивме овој бел организатор од јужната страна на границата да дојде тука и тој ни вели да се организираме и да ги направиме овие нешта. Тој мора да си мисли: „Што ви е вам, Индијанци, што сте седеле тука двесте години и не сте се организирале да ги направите овие работи?“ И значи почна вака):

Индијанците: Значи, не можеме да се организираме.
Јас: Зошто не можете?
Индијанците: Затоа што тоа е начин на кој работат белците.
Јас: (решив да прејдам преку ова, иако очиглено не беше вистина, бидејќи човештвото се организира од памтивек, без оглед на расата или бојата на кожата, секогаш кога имало желба за промени): Не разбирам.
Индијанците: Па, види, ако се организираме, значи треба да излеземе и да се бориме онака како што вие ни кажувате да се бориме, а тоа значи дека ќе нè корумпира културата на белиот човек и ќе ги загубиме нашите вредности.
Јас: Кои се тие вредности што ќе ги загубите?
Индијанците: Па, има разни вредности.
Јас: На пример, кои?
Индијанците: Па, на пример, креативниот риболов.
Јас: Што ви е тоа креативен риболов?
Индијанците: Креативен риболов.
Јас: Ве чув и првиот пат. Што е креативен риболов?
Индијанците: Па, белците кога одат на риболов, тие само одат и ловат риба, нели?
Јас: Да, веројатно е така.
Индијанците: Е, а ние кога одиме на риболов, ние ловиме риба креативно.
Јас: Аха. Веќе трет пат го спомнувате тоа. Што е тој креативен риболов?
Индијанците: Па, прво и основно, ние кога одиме на риболов, бегаме од сè. Одиме длабоко во шумите.
Јас: Па и ние белците не одиме на Тајмс сквер да ловиме риби.
Индијанците: Да, но друго е кај нас. Кога одиме таму, ние сме надвор на водата и може да се слушне како брановите удираат по дното на кануто, се слушаат и птиците на дрвјата и шушкањето на лисјата – ме разбираш што сакам да кажам?
Јас: Не, не разбирам што сакаш да кажеш. И мислам дека е тоа само куп лајна. Вие верувате во тоа?

Ова предизвика шокираност и молк. Треба да се напомне дека јас тука не бев прост од чиста желба да бидам прост, јас тоа го правев со определена цел. Да одговорев на тактички начин, велејќи: „Не можам сосема да разберам на што мислиш“, ќе се вртевме околу реториката уште месец дена. Тука простотијата буквално стана булдожер за уривање ѕид.

Оттука преминавме на креативната социјална помош. „Креативна социјална помош“ се чинеше дека има врска со она дека „бидејќи белците им ја украле земјата на Индијанците, сите пари што им се дадени на Индијанците за социјална помош, всушност се рати од отплатата која им следува и фактички тоа воопшто не е социјална помош или добротворен прилог“. И тоа ни одзеде уште пет до десет минути, па продолживме да се расправаме околу разни „креативни“ рационализации сè додека, чекор по чекор, конечно не стасавме до темата на организирањето.

Интересно е дека дел од ова беше снимено од Националниот филмски совет на Канада, кој правеше серија документарци за мојата работа и филмот со дел од оваа епизода беше прикажан на средбата на канадските работници за развој, на која имаше и многумина од овие Индијанци. Додека одеше таа сцена, белите канадски работници за развој седеа со наведнати глави, мошне засрамени, гледајќи ги под око реакциите на Индијанците. По завршувањето на проекцијата еден Индијанец стана и рече: „Кога господинот Алински ни рече дека сме гомнари, тоа беше првпат некој белец да прозбори со нас како со еднакви – вие никогаш не би ни рекле такво нешто. Вие секогаш би рекле: ’Па добро, го сфаќам вашето гледиште, но нешто не ми е јасно‛ и слични работи. Со други зборови, нè третирате како мали деца“.

Научете да ги откривате рационализациите, третирајте ги како рационализации и направете пробив. Не правете грешка да влегувате во конфликт со нив, како тие да се темата или проблемот со кој сакате да ги занимавате локалните луѓе.

ДОСТОИНСТВО НА ИНДИВИДУАТА

Луѓето се гладни за драма и авантура, за животна искра во монотоната и тмурна егзистенција. Еден од бројните стрипови во мојата канцеларија покажува двајца стенографи кои џвакаат мастика и излегуваат од кино. Едниот му вели на другиот: „Знаеш што, седи. Знаеш во што е проблемот со животот? Нема никаква музика во позадината“.

Но, се работи за нешто повеќе од тоа. Се работи за очајничка потрага по личен идентитет – да им кажеш на другите луѓе дека си барем жив. Да земеме еден обичен случај во гетото. Некој човек живее во мизерна колиба. Ниту познава некого, ниту некој го познава него. Не му е гајле за никого, бидејќи никому не му е гајле за него. Во трафиката кај аголот има весници на чии насловни страници има слики на луѓе како градоначалникот Дејли и други луѓе од еден поинаков свет – свет што тој не го познава, свет кој не знае дека е тој воопшто жив.

Кога нему ќе му пријде организаторот, дел од она за што се комуницира е дека преку организацијата и нејзината моќ тој ќе добие доживотна потврда дека е роден, дека ќе стане познат, дека работите ќе се променат од сивилото на животот во кој досега се менувал само календарот. Може лесно да се случи истиот тој човек да учествува на демонстрации пред градската куќа и да му се противстави на градоначалникот со зборовите: „Господине градоначалник, преку глава ни е веќе од сево ова и повеќе нема да го трпиме“. Телевизиските камермани веднаш го ставаат микрофонот пред него и го прашуваат: „Како се викате, господине?“ „Џон Смит“. Никој дотогаш не го прашал како се вика. Потоа следи: „Што мислите за ова, господине Смит?“ Никој дотогаш не го прашал што мисли за ниедна работа. Наеднаш тој е жив! Ова е дел од авантурата, дел од она што им е многу важно на луѓето при вклучувањето во организациски активности и она за кое му зборува организаторот. Не значи дека секој член ќе си го каже името на телевизија – тоа е бонус – но, поради тоа што работи заедно во група, за првпат она за коешто работи ќе има некакво значење.

Да видиме што е тоа што се нарекува процес. Процесот ни кажува како. Целта ни кажува зошто. Меѓу нив академски се повлекува линија, но во реалноста ти си дел на еден континуум. Процесот и целта се толку сплотени меѓу себе што е невозможно да се каже каде завршува едното, а започнува другото, или кое е кое. Самиот процес на демократско учество има многу повеќе врска со исполнување на целите на организацијата, отколку со расчистување на улиците. Процесот е всушност целта.

Во сето тоа, постојана ѕвезда водилка на организаторот му се зборовите: „Достоинството на индивидуата“. Работејќи со овој компас, тој набргу открива многубројни аксиоми на ефикасното организирање.

Ако го почитувате достоинството на индивидуалецот со кој соработувате, тогаш она што е важно и мора да се следи се неговите желби, а не вашите, неговите вредности, а не вашите, неговиот начин на работа и борба, а не вашиот, неговиот избор на лидери, а не вашиот, неговата програма, а не вашата; освен доколку неговата програма не ги загрозува високите вредности на слободното и отворено општество. Земете го, на пример, прашањето: „Што ако програмата на локалните жители ги навредува правата на другите групи по основа на раса, религија, економски статус или политички погледи? Дали оваа програма треба да се прифати само затоа што е нивна програма?“ Одговорот е категорично НЕ. Никогаш не заборавајте дека „ѕвездата водилка е ’достоинството на индивидуата‛“. Ова е целта на програмата. Очигледно, секоја програма која им се противставува на луѓето на расна, верска, идејна или економска основа е антитеза на фундаменталното достоинство на индивидуата.

На луѓето им е тешко да поверуваат дека навистина им го почитувате достоинството. На крајот на краиштата, тие познаваат мал број луѓе, вклучувајќи ги тука и нивните сопствени соседи, кои ги почитуваат. Но, исто толку е тешко за вас да се откажете од онаа мала слика за Господ создадена според нашиот сопствен лик, која се крие во секој од нас и ни кажува дека потајно веруваме дека знаеме што е најдобро за луѓето. Успешниот организатор научил емотивно и интелектуално да го почитува достоинството на луѓето со кои соработува. На тој начин, колку што е ефикасното организациско искуство едукативен процес за организаторот, толку е и за луѓето со кои тој работи.

И тој и тие мора да се научат да го почитуваат достоинството на индивидуата и да научат дека според последните анализи, ова е основ ата цел на организацијата, бидејќи учеството е срцето на демократскиот начин на живот.

Кога го почитуваме достоинството на луѓето, знаеме дека не може да им се негира основното право целосно да учествуваат во процесот на решавање на нивните проблеми. Самопочитувањето се раѓа само кај луѓето кои играат активна улога во решавање на нивните кризи и кои не се беспомошни, пасивни, марионети-корисници на приватни или јавни услуги. Да им се помогне на луѓето, истовремено негирајќи го нивниот значаен удел во потребната акција, не придонесува за развојот на индивидуата. Во најдлабоката смисла, не се работи за давање, туку за одземање, одземање на нивното достоинство. Негирањето на можноста за учество е негирање на човечкото достоинство и демократијата. Тоа нема да функционира.

Во Будење на радикалите, опишав еден инцидент во кој владата во Мексико еднаш решила да им оддаде почит и признание на мексиканските мајки. Била издадена прокламација дека на секоја мајка чија машина за шиење била заложена во Монте де Пиедад (националната заложилница во Мексико), истата треба да ѝ биде вратена како подарок за Денот на мајките. Одлуката предизвикала огромна радост. Тоа бил подарок кој целосно се реализирал без какво и да е учество од страна на примачите. За помалку од три недели, сосема ист број машини за шиење повторно се нашле во заложилницата.

Друг таков пример среќаваме во изјавата на делегатот во ОН од Либерија. Анализирајќи ги проблемите на Либерија, тој нагласил дека неговата нација била лишена од „бенефициите на колонијалното историско минато“. Реакциите на печатот биле зачуденост и исмевање, но изјавата покажува знаење и мудрост. Луѓето од Либерија никогаш не биле експлоатирани од колонијалните сили, никогаш не биле приморани да се здружат и лично да се жртвуваат во борба за слобода. Ним им била дадена „слобода“ по формирањето на нивната нација. Дури и на слободата, кога е подарок, ѝ недостасува достоинство; оттаму потекнува и политичката стерилност на Либерија.

Или, како што вели господинот Дули на Финли Питер Дан:

Не барајте права. Земете си ги. И не дозволувајте
никој да ви ги нуди. Право кое е дадено
без цена има некаква заднина.
Најверојатно е некоја прикриена неправда.

Кон првиот дел
Кон вториот дел
Кон третиот дел
Кон четвртиот дел
Кон петтиот дел

Слики: Paolo Ventura
Превод: Ана Лазаревска
Извор: Соул Д. Алински, Правила за радикалите; Практичен вовед за реалистичките радикали. Некомерцијално издание на ФООМ, 2014.

Слични содржини

Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија
Активизам / Теорија

ОкоБоли главаВицФото