Концерти само за побогатите?

01.02.2010 12:51
rock-crowd.jpg

Влезниците за концертите на познатите музичари постепено ја преминуваат границата од 100 евра. Причината е едноставна: дупката настаната од намалената продажба на албумите треба некако да се пополни.

Најевтините карти за овогодинешната турнеја на U2 низ Германија чинат 92 евра. Влезниците за т.н. „црвена зона“, значи, за местата до сцената, чинат од 280 евра па нагоре. Оние кои се спремни да издвојат уште некоја стотка, ги очекува шведска маса и шампањско. Големите концерти очигледно сè повеќе стануваат забава за оние со подлабок џеб.

Границата од 100 евра е пробиена одамна

Трендот на астрономски цени на концертните влезници започна некаде на почетокот на 21-от век кога Rolling Stones, за најевтини карти за своите концерти од светската Licks турнеја, почнаа да бараат повеќе од 100 евра. Тоа некако се совпадна со воведувањето на новата европска валута која во овој сегмент ги повлече цените нагоре. Само за споредба: влезниците за Steel Wheels/Urban Jungle турнејата од 1990 на Rolling Stones чинеа 50 тогашни марки или 25 евра. Она што го започна овој бенд како група со епитетот на најголема концертна атракција набрзо го презедоа и останатите.

Според Марек Либерберг, еден од најстарите и најпознатите германски музички промотори, причините за драстичното зголемување на цените се повеќекратни, но главната треба да се бара во централизираната организација на големите светски турнеи. И додека порано менаџерите на бендовите разговараа поединечно со промоторите од секоја земја, што на локалните промотори им оставаше доволно простор за калкулации, денес сè главно лежи во рацете на една агенција.

Милион евра за настап

Компанијата Live nation од Лос Анџелес поседува преку 150 концертни сали во САД, а освен тоа, таа е косопственик и на многу концертни агенции ширум светот, па така и во Германија. Иако концертниот бизнис е напорен бизнис, а цената на работната сила, особено во Западна Европа, се доста пораснати во овој сектор, за изведувачите и менаџерите сè уште останува доволно.

Германската телевизија ARD пред неколку години се обиде да го пресмета едниот распродаден концертен настап на Роби Вилијамс во Хамбург. Така дознаа дека околу една третина од приходите од продадените карти оди за трошоците за изнајмување на салата, персоналот и сите останати трошоци како безбедносните и техничките служби. Втората третина оди на данок, процент за продавачите на влезниците и здруженијата за заштита на авторските права. Остатокот од парите оди за самото шоу, пратечките вокали и музичарите, менаџерот и самиот Роби Вилијамс. Наспроти сите трошоци, за поранешниот член на Take That останале преку еден милион евра. Истата пресметка може да се употреби и за останатите музичари кои ги полнат салите од слична големина и по слични цени на влезниците.

Парите за носачите на звук сега се даваат за концерти

Она што и меѓу македонските изведувачи одамна стана тренд, а тоа е да се заработи само преку живи свирки, полека но сигурно стигна и на Запад. Британскиот професор по музика и познавач на поп културата, Сајмон Фрит, смета дека само е дојдено до прераспределба на парите кои им стојат на располагање на љубителите на музиката, и тоа во корист на концертите.

„Од 100 евра, колку што до пред неколку години обожавателите ги трошеа на албуми, денес десетици евра се трошат за симнување на песни, а остатокот за концерти“, вели Фрит. Тој се плаши дека поради ваквата прераспределба корист би можеле да имаат само големите ѕвезди, додека поновите и помалку познати изведувачи во иднина ќе мораат да настапуваат за помали износи само за да може да се слушне за нив. „Оние кои се моќни ќе станат уште помоќни“, заклучува тој.

Извор: Der Spiegel

ОкоБоли главаВицФото