Оставање на цигарите

03.03.2015 18:15

Телефонот вели пуши кога ќе заѕвони, радиото вели пуши, телевизорот сам ги пуши сопствените слики додека не се претворат во гнеткави опушоци во 3 часот наутро. Три е часот наутро и драгсторите се отворени само за тебе. Бели омоти, сини омоти, сребреникави омоти што ти го отсликуваат лицето. Зад касата, дечковците што работат во ноќна смена го симнуваат од нив целофанот нежно како што раскопчуваш копчиња на свилена кошула, додека прстите ти се жарат.

Твојата мачка е сива. Кога доаѓа од калливата патека, шепите ѝ ја разнесуваат пепелта низ паркетот. Валканиот жарач во каминот чади, чади и лонецот што врие, твојата последна шолја кафе бара некој дим. Снегот на скалите е долг папир што бара да биде смотан. Над оџаците, ѕвездите се палат за да пушат цела ноќ.

Во Монтреал има продавници каде што можеш да купиш и само една цигара. На опуштените автомобили паркирани пред нив им се чадат издувните цевки. Жени во кои би можеле да се заљубиме приоѓаат од сенките, се нудат да ти припалат. Звук на чкорче по црната лента на кутијата, тоа е звукот на новиот почеток. Во секоја замрачена соба во градот, тие светулки од цигари танцуваат, додека им согоруваат кревките телца.

Зора е, и неонскиот крст на планината се топи во бледата светлина. Уште еден ден. Очите ти се врзани, имаш право на уште една желба. Наелектризирани, прстите ти разгоруваат сè што ќе допрат - завесата, простирката, заспаната мачка. Воздухот околу твоето тело потпукнува, искри, косата ти е огнен ореол.

Вдишуваш, издишуваш. Белите дробови ти се животни раздвижени во својот кафез од коски, очите им прогоруваат дупки низ твоите гради. Обликот на твоите усни околу замислената цигара е нешто отсутно што можеш да го вкусиш. Усните ти се ацетиленски, желбата почнува и завршува на врвот на твојот јазик.

Сивило на утрото - чадот од сонцето се спушта врз покривите, на снегот, на голите гранки на јаворите. Сите клетки на твоето тело се усти што молат: О Црна Мачко, О безвремен Морнару, каде исчезна. О ти Копнеено А, прва букво на абецедата, толку е убаво да се каже: О Камео...

Превод: П. В.

Лорна Крозир (Lorna Crozier, 1948), канадска поетеса, родена во Саскечеван. Најмногу години поминала во прериските области на Канада, работејќи како наставничка. Објавила петнаесетина поетски збирки.

Оригиналната песна во проза

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото