Блуз за пајакот

04.03.2015 18:05

„Па ете ги терав да се смеат, а би сакал да ги терав да плачат.“ - Дејвид Макфаден

 

Жена ми има мирис што мами пајаци.
Ноќе се спуштаат по своите патеки од плунка
до нејзиното заспано тело.
Ги опчинува ритамот на нејзиното дишење,
па ги напуштаат своите градилишта
поради сочното патување по нејзиното лице и рамења.
Моите ѕенѕави ноќни мори
тогаш се нападнати од нејзините крици.

Уште нешто за пајаците.
Бидејќи веќе се имам обидувано да свирам на клавир
но не бев во состојба да ги држам обете шаки
раздвоени во нивната посветеност,
му се восхитувам на пајакот, на познатата самоконтрола,
додека осумте истенчени нозе
повлекуваат линии со сокот од неговиот стомак.
Чунки и тој е некаков писател.
Замислува патека и тргнува во празнината
и остава мостови зад себе
осврнувајќи се повремено за да каже: Уф,
зарем тоа јас сум го направил?
Се користи со завршетоците
за да се префрли во нови подрачја
каде што живее голата чувствителност.

Пајаците како и поетите се опседнати со желбата да владеат.
Ја вообличуваат својата убиствена уметност која спие
како ѕвезди по собните агли,
устата им ја фаќа публиката
во моментите на слабост, немоќ и болест.

Пајак приоаѓа до мува и ѝ вели
Сакај ме можам да те убијам, сакај ме
со својот ум исплетов кругови околу тебе
сакај ме, ќе те убијам поради јасните погледи
што ќе се отворат со изградените патишта
сакај ме, недруштвен, а мил.
Но мувата вели, А, не,
не, споредбите ти се погрешни,
не, јас избирам со кого умирам
вие пајаците поети сите сте исти
во својата теснограда творечка суета
вие ситни гњаватори чии ѕвезди од плунка постојано
исцицуваат течност од нашата атмосфера.
Пајакот тогаш гадливо
ги распнува жртвите во својата плунка
и ги претвора во уметничко дело кое самиот не е.

Та така, да ја приведеме работава до крај.
Ноќната мора за жена ми и мене:
Како во некоја голема бела соба
пајаците ги префрлиле
своите боишта од подот
спрема ѕидовите и плафонот.
Овојпат се надминале себеси
па низ белите патишта
многуноги и брзоноги
целата ја вознесле
во сонливиот воздух толку нежно
што таа нит се разбуди ниту врисна.
Каква глетка. Од толкуте траги
собата беше како смачкано стакло.
Сите плескаа, и самите муви
надоаѓаа без здив,
сите воскликнуваа пред таа убавина
сите
освен вредните црни архитекти
и дамите заточени во нивните сништа и нивните слова.

Препев: П. В.

Мајкл Андачи (Michael Ondaatje, 1943), канадски поет и писател, роден на Цејлон (Шри Ланка), ги минал тинејџерските години во Англија, студирал во Торонто, каде што предавал книжевност во колеџ. Се занимавал и со фармерство крај Кингстон, како и со уметничка фотографија. Во неговите песни, виолентноста и сочувствителноста постајано се во некаков вид на борбена рамнотежа, отворена за сложени и разновидни читачки можности. По повод сопствените песни Андачи вели: „И најмалата нијанса, и најмалата слика, може сè да промени“. Најпознат е по романот „Англискиот пациент“ (1992), според кој во 1996 г. е снимен истоимениот филм окитен со повеќе оскари.

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото