Кинг‒Конг се среќава со Волас Стивенс

18.04.2015 16:05

Земете две фотографии ‒
на Волас Стивенс и на Кинг‒Конг.
(Значи ли нешто што јадам банани пишувајќи го ова?)

Стивенс е згоден, љубезен, со бела коса како четка,
со пругаста кравата. Прав бизнисмен да не беа
темните полнички раце, соголениот мозок
со мислите во него.

Конг се тетерави,
пак изгубен на њујоршките улици,
раздразнети коли му се меткаат крај нозе.

Духот го нема.
Прстите му се пластични, под кожата струја.
Му служи на Метро‒Голдвин‒Маер.

Во меѓувреме В. С. во својот вечерен костум
размислува за хаосот, размислува за оградите.
Во својата глава семето на свежа болка
го истерува, крик на заточена крв.

Рацете му се слеваат низ сакото,
сместувајќи се во сенката на убиецот.

Препев: П. В.

Мајкл Андачи (Michael Ondaatje, 1943), канадски поет и писател, роден на Цејлон (Шри Ланка), ги минал тинејџерските години во Англија, студирал во Торонто, каде што предавал книжевност во колеџ. Се занимавал и со фармерство крај Кингстон, како и со уметничка фотографија. Во неговите песни, виолентноста и сочувствителноста постајано се во некаков вид на борбена рамнотежа, отворена за сложени и разновидни читачки можности. По повод сопствените песни Андачи вели: „И најмалата нијанса, и најмалата слика, може сè да промени“. Најпознат е по романот „Англискиот пациент“ (1992), според кој во 1996 г. е снимен истоимениот филм окитен со повеќе оскари.

Оригиналната песна

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото