Прашање на етикецијата

22.02.2016 16:18

Кога прв пат ѝ се обраќате на Кралицата
велите „Ваше височество“. Потоа ја нарекувате „Госпоѓо“
и воопшто не смеете да ѝ се обраќате
освен да одговорите на она што таа повела да ви го каже.
Веќе ќе се најде некој дворјанин или дворска дама
да ве предупреди на овие работи ако некогаш
добиете шанса да бидете претставени на Дворот.

Но сеуште никој со зборови не го вообличил
бон-тонот што ги регулира односите
помеѓу луѓето што копаат ендек
и нивниот главен работник.
На пример, морате да му укажувате почит
веќе со изговорот на неговото име
ама без претерување
макар за стоти дел од децибелот
оти спротивното ќе се смета
за очигледна препокорност
или непокорност.

Може дури и да ви притреба
да се запознаете со
компликуваниот ритуал
да се понуди пивце.
Знам еден одличен студент по социологија
кому цело лето му се обраќале со „Мали“
бидејќи не успевал да ги совлада
деликатните финеси на таа церемонија.

Истиот дечко
не беше способен да научи
како да раскажува
за девојките што тука
постојано поминувале.
Та затоа ја изгубил Почитта
на своите другари
настојувајќи да биде духовит
но го оцениле како надмен
а бидејќи се правел и паметен
на крајот речиси го бојкотирале
како потенцијален перверзник.

А овој тоа не успеал да го сфати
сè додека не станало доцна:
кога се разговара за девојки
со луѓе што работат покрај вас
во ендек
можете да се користите само
со некои одредени реченици
од кои секоја
има сопствен посебен ритам
и мора да биде редовно проследена
со соодветни и уиграни гестови.

Превод: П. В.

Олден Ноулен (Alden Nowlan, 1933-1983), канадски поет. Освен дванаесет стихозбирки, објавил и книга раскази, автобиографски роман, книга со колумни и неколку драми. Себеси се доживувал како бескомпромисен „сведок“, а не само опишувач на мачниот живот на рабовите на западната цивилизација. Тоа сведочење, меѓутоа, е проникнато со топлина и со суптилен хумор.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото