Задоцнета дијагноза за премиерот!

10.03.2015 11:07
Задоцнета дијагноза за премиерот!

Од сеќавањата на Владимир Лазаревиќ за однесувањето на Никола Груевски на седниците на владата разбираме дека Скопје под власта на вемерето настрада затоа што инфантилната имагинација го служела премиерот повеќе отколку во случајот со Охридското Езеро (вадење на трската, парапет-плажи, песок за плажите од странство), а главната паланка го немала на своја страна Дејан Пановски, односно немала свој Дејан Пановски, немала никого, дури, ги немала на своја страна, сиромашката главна паланка, и оние кои по сите катастрофи, сосема ненадејно, во димот на бомбите почнаа да откриваат дека прајминистерот, на кого така верно му служеа, всушност, е луд одосно „загубил контакт со стварноста“! Охридската трска и крајбрежјето се спасени, но Вардар и околината можеби трајно ќе останат оковани во монстер- згради, панаѓурски мостови, бронзени статуи за мочање на кучињата и милион други глупости што како ознаки за положени државни испити по кретенизам ни ги закачи партијата што некои сега сакаат да ја спасуваат пред државата!

Фејсбук, 09.03.15.


Христо Поп-Дучев - Една личност во појше глави

...драпав јас за ова, и уште не ми е сосема јасен феноменот на умот на големиот николај и неговата релација со тиквите во неговото опкружување, патологијата зад овој феномен... не најдов некакво објаснување зашто во психологијата (психијатријата) соодветна дијагноза не постои, но ако не постои не значи дека не е време да се измисли, ова се времиња на големи инвенции и храброст, на преродба... психосоматските пореметувања на властелинот може приближно да се опишат со дијагнозата: AMPD (атипично мулти-персонално пореметување... атипикл мулти персоналити дисордер)... грубо, кога големиот николај е сам, тогаш е најголемиот дебил во вселената (интелиџенс минор)... кога е со други станува интелигентен но само за злосторничко здружување (интелиџенс супериор)... уште погрубо: наместо повеќе личности во една глава (MPD - мулти персоналити дисордер), една личност во појше глави (AMPD)...

(коментар под статусот на Тричковски)

Бранко Тричковски - Старо сонце на мракот!

Охридската трска го нервирала нашиот премиер, но не толку многу како увозот на растителен кашкавал. Може ли Владимир Лазаревиќ да ни ја опише атмосферата на седницата на која премиерот барал од министерот за земјоделство за една недела да подигне растителен кашкавалник со високородни дрвца што даваат по 10 до 12 пити од по 8 до 9 кила?! Со идеја да ги задоволиме потребите на сите пицерии јужно од Будимпешта! Или идејата од Дојранското езеро да направиме европски центар за производство на Омега три масни киселини од китовите што за таа цел би се одгледувале на македонската страна од езерото! А со особена љубопитност чекам да ја прочитам студијата на интервладината, поширока интелектуална и општествена рефлексија на лудостите на македонскиот Џорџ Трети! Како, имено, се случило пред седум или колку години Лазаревиќ или кој и да е, да пропуштат да ја запознаат нацијата со фактот дека кралот е луд, како никој не се осмелил, без да побара збор, да стане и да му каже на премиерот дека тој со таква будала нема повеќе да си дозволи да остане во иста соба три секунди, па да излезе и во аулата да свика прес и да ѝ соопшти на целата нација колку е часот! Зашто, една несреќа е кога за шеф на државата ќе ти се падне луд или ќе ти го натурат луд или ќе имаш несреќа да избереш луд човек, а друго ниво на несреќата е кога неговото окружување од најдолни корупциски или, дури, злобни мотиви, ќе се прави лудо во однос на лудилото на шефот! Така што, низ овие прашања ние, всушност, го добиваме одговорот на прашањето како е можно луѓето кои би требало да чувствуваат макар морална вина за националната катастрофа, да бараат од нацијата катастрофата да ја прифати и нив да ги прифати како... можете ли да замислите вакво ниво на цинизам: ново сонце на слободата! Ново, па сонце, еј, па уште и на слободата! Јас тврдам дека животот има поголеми шанси и смисла на темната страна Месечината отколку под едно вакво сонце! Тие се, всушност, СС, Старо Сонце! На Мракот!

Фејсбук, 09.03.15.

Слики: Свирачиња