За некомпетентните како заштитен вид

16.04.2015 10:59
За некомпетентните како заштитен вид

Во науката за јавна администрација постои еден т.н. Питеров принцип на некомпетенција, според кој административната хиерархија со тек на време се пополнува со вработени кои не се компетентни да си ја вршат работата. Движејќи се по административните скалила, многумина во еден миг ќе го достигнат нивото на некомпетенција, односно ќе бидат унапредени до ниво што е малку повисоко од идеалното за нивните способности.

Колку и да звучи познато и логично, Питеровиот принцип спаѓа во категоријата на хумористични законитости кои не се дел од стандардните теории за јавната администрација. За жал, токму на такви места генерално можеме да ја препознаеме нашата реалност - во хумористичните и нестандардните теории, наведени попатно како исклучок на маргините од страниците во литературата за општествени науки.

Но, еве, ако го разгледаме уште сосем малку несериозниот Питеров принцип, ќе видиме дека дури и тој тргнува од претпоставката дека административците тргнуваат во походот на унапредување од некои заслужени стартни позиции за кои се сосем компетентни. Македонија очигледно потфрла и во минимумот стандард кој е светиња дури и во хумористичните теории!

Доколку ја разгледате ситуацијата во која било сфера во јавната управа, ќе увидите дека една голема бројка вработени не само што делува крајно неупатена во својата тековна работа, туку се работи за луѓе кои што не би биле најдобриот избор ниту за пониските нивоа во управата. За куклената претстава за мали деца по име „систем на заслуги“ воопшто и да не зборуваме.

Единствениот функционален систем на заслуги е системот на заслугата на партискиот потрчко. Просечниот партиски потрчко се реди ентузијастички пред партиската машина од која си понесува инстант вработување. А компетенцијата и квалификацијата дефинитивно не спаѓаат во потребниот инпут на таа машинерија. Доволно е да се манифестира лојалност и секако да се допре со таквата комфор-лоботомија до што повеќе други кои ќе се внесат во карантин-зоната на „Нашите“ во паралелната реалност.

Клучното тројство во погонот на таа машинерија која ги џвака и арбитрарно ги прераспределува народните пари во редица деструктивни нелогичности, недвосмислено е клиентелизмот, коруптивноста и принудата.

Следејќи (а по последните неколку „бомби“ нема дилеми околу тоа) како преку партиските штабови како бироа за вработување одново и одново се испорачуваат масовни одвишни пратки на кадри, во еден миг се прашувате: ДАЛИ ВООПШТО ВО ОВАА ДРЖАВА СЕ РАБОТИ НЕШТО СО ПОВИСОКА ЦЕЛ ОД СМЕСТУВАЊЕТО НА „НАШИТЕ“ ПО СИТЕ НИВОА И ВО СИТЕ ПОРИ НА СИСТЕМОТ?

Водењето на државата кај нас е практично сведено на патолошката потреба да се биде опкружен со „Наши“. Битно е да не биде проблем да брка партиски работи, па макар и магаре било - како што впрочем се изразуваат и министрите. Резултатот е очигледен - државата ни е претворена во еден голем расадник на некомпетенција, надвор од чија почва оние што се сега добро вкоренети воопшто не би „пркнале“.

Неуморната партиска машинерија патем се споила со институциите на системот како сијамски близнак, лишувајќи ги од функционалната самостојност која е услов sine qua non во нормални околности.

Долгорочно, пролонгирањето на ваквата неприродна сосотојба е сосем неодржливо и штетно. Институциите го губат дури и идеалот за едно нормално функционирање. Народот колективно ги репродуцира мантрите за прикривање и оправдување на криминалните текови. А државата како целина водена и натежната од сета таа некомпетенција, тоне во меѓувреме влечејќи нè сите нас удолу.

Извор: Плусинфо
Слики: Constantine Lianos