Ќе има ли спас, за нас, граѓаните на Македонија?

13.07.2015 10:37
Ќе има ли спас, за нас, граѓаните на Македонија?

Големо тркало на Вардар, да нè врти до бесвест – за голема забава на народот. Задолжително палми - во рајот на земјата. Галии во плитките води на Вардар – да запловиме до нашето море. Гигантски споменик на мајка Тереза, оти сме биле најрелигиозната нација на светот и ни е потребна гигантска молитва за спас од неверниците, предавниците и комуњарите. Многу е просто. А и ние жителите на оваа земја кога не реагираме на овие и многу други уникатни глупости Made in Macedoniа.

Да не се повторувам ќе се цитирам, пред две-три години во еден текст напишав. “Пред некој ден поминав преку Камениот мост и за прв пат го видов споменикот на Ѓорѓија Пулевски. Доста е голем. Но помал е од тој на Александар и Филип! Значи, видете, големината на споменикот е аналогна на големината на личноста. Така, сега, црвот нема да им даде мир и ќе ги гризи сè додека не го изградат споменикот на Мајка Тереза, бидејќи сите веќе се сложивме дека Мајка Тереза е најголема! Само така проектот ќе се заокружи и хиерархијата на историските личности ќе добие смисла!

Не можам да се изначудам ем на овие што градат ем на другите што не реагираат!“

Светлана Камџијаш Сеси пред некој ден напиша: „Предлагам групна медитација и праќање светлина кај надлежните заради статуата на мајка Тереза висока 32 метри со цена од 5 милиони евра, во неавтентичен прикрпен стил... Тврдам дека тој стил нема да ù се допадне на Мајка Тереза...Таа не била помпезна… Таа овие пари ќе ги дадеше на оние кои најмногу имаат потреба...“

Не само што е потребна групна (и поединечна) медитација, и многу, многу светлина за мракот на тие глави, но и протест на лице место каде што се гради тоа чудо- бисер на кичот за спас на душичката на нашиот премиер, бидејќи сите негови „дела“ се компензација на неговите недела. Имено, само „многу големи дела“ во областа на културата и уметноста се вистинска противтежа на и откуп од криминалните дела, според мафијашката логика. Тие „дела“ ќе ги спасат. Дури и најкрволочните диктатори веруваат дека прават добри дела за „својот народ“, кажал Александар Солженицин.

Ако искрено сакаме да опстоиме во културолошка и било која друга смисла мораме да пружиме силен, континуиран, масовен отпор на оваа декадентност и на оваа диктатура и на оваа соголема глупост и на ова лудило во невидени размери.

Инаку ќе пропаднеме , исто како што пропаднале и многу други народи и цивилизации...

 

ОкоБоли главаВицФото