Фабрика 13: минималистичкиот моден дизајн на Наташа Јакимовска

16.09.2015 00:51
Фабрика 13: минималистичкиот моден дизајн на Наташа Јакимовска

Наташа Јакимовска (32) е модна дизајнерка која живее и работи во Кратово. Изработката на ракотворби и модниот дизајн за неа претставувале само хоби, но во последно време се’ посериозно се занимава со изработка на уникатни чанти, познати под брендот Фабрика 13. Со неа разговараме за почетоците, стилската определба, влијанијата и приемот на нејзините уникатни модни парчиња. 

 

Како започна приказната со Фабрика 13? Од кога датира твојот интерес за ракотворбите, модниот дизајн и модата воопшто?

Приказната со Фабрика 13 започна сосема спонтано, без никакви однапред испланирани тенденции. Ми требаше нова чанта и решив да пробам сама да си направам, за почеток од рециклирани материјали. Целиот процес ми се виде доста интересен и предизвикувачки од креативен аспект, ми се родија уште идеи и почнав да ги реализирам една по една.

Ги ценам ракотворбите како начин на изразување на нечија креативност, нешто поинакво, и се воодушевувам од истите. Откога почнав да се занимавам со изработка на чантите открив цел нов свет кој порано не го перципирав доволно внимателно.

Во однос на модата, би надополнила само дека никогаш не сум била премногу фокусирана на модните трендови.

За сега изработуваш само чанти, футроли за мобилни телефони и несесери. Дали планираш да го прошириш полето на работа и можеби да изработуваш покрупни парчиња, или ќе се фокусираш на она што навидум е споредно?

Сега за сега главниот фокус ми е насочен кон изработката на чантите, додека останатите додатоци ги оставам во втор план. Во секој случај, мислам дека додавањето на некој нов производ дава свежина и динамика на целата работа. Токму затоа, одвреме-навреме ќе се обидувам да вметнувам по нешто ново, за да го задржам вниманието кај луѓето, а и да не си здосадам самата на себе. Освен наведените изработки, досега направив и еден ранец и паричник, па, во иднина ќе се потрудам и тие да бидат почесто застапени во „менито“ на Фабрика 13.

Твоите креации делуваат едноставно и непретенциозно. Колку ти беше тешко да се ослободиш од непотребните детали?

Едноставноста/минимализмот како стил ми се допаѓа многу и се трудам да го практикувам во сите сфери од животот. Премногу детали знаат да „загушат“, да ги искомплицираат работите. Во однос на креациите мојата цел е да ја спојам едноставноста со практичноста, комбинација која провоцира и со која, се надевам, успешно ќе се снајдам.

На страницата на Фабрика 13 пишува дека изработуваш и чанти по нарачка. Дали понекогаш ја доживуваш туѓата идеја како товар и ограничување, или секогаш како предизвик?

Туѓата идеја не ја доживувам како товар, затоа што не се нафаќам да работам нешто што не се совпаѓа со моите можности и идеи. Можеби понекогаш знае да биде одредено ограничување, но сметам дека и ваквата работа по нарачка е добра прилика луѓето да се запознаат со мене и мојата работа, а воедно би биле среќни со уникатно парче. Сега за сега сите соработки што сум ги имала околу нарачки биле со позитивна реакција.

Какви се реакциите на купувачите? Има ли доволен интерес за уникатни и рачно изработени модни креации?

Со текот на времето, Фабрика 13 го привлекува вниманието на јавноста и тоа многу ме радува. И покрај тоа што дизајните се продаваат генерално преку Фејсбук, луѓето имаат желба да ги купуваат. Позитивниот фидбек ми дава сила да продолжам и понатаму.

Твојата естетика и стил би ги опишала како...

Минималистички... Или барем се стремам кон минимализам.

Имаш ли омилени дизајнер(к)и, кои можеби влијаеле врз твојата работа?

Не можам да кажам дека конкретни имиња извршиле влијание врз мене. Како и во животот, така и во работава ми се допаѓа мнимализмот, урбаниот стил, лежерноста, топлите бои, нежните лини, а понекогаш и некој контраст.

Лавот на Жан Арп се наоѓа на една твоја чанта, а неодамна изработи серија торби според секоја песна од албумот „Мис Слобода“ на Телемама. Освен влијанијата од светот на модата, има ли артисти од ликовната уметност и музиката кои на некој начин го одредиле ова што го правиш?

Ликовната уметност и музиката ги сакам уште од рана возраст. Особено ме привлекува надерализмот, дадаистите, поп-артот, концептуалната уметност... Во однос на музиката, ме инспирираат различни музички стилови. Изведувачи кои секогаш ги чувам блиску до мене се Radiohead, Sonic Youth, Дејвид Боуво, Брајан Ино, Ник Кејв, Tool, Том Вејтс, NIN... и многу други.

Освен преку нарачка на Фејсбук, дали твоите креации можат да се набават и на друго место?

Сега за сега Фејсбук е главното место за нарачка, или, пак, доколку патот ве наведе во Кратово. Одвреме-навреме се појавувам и на фестивали, базари и слични настани. Се надевам дека во блиска иднина оваа состојба ќе се промени и луѓето низ Македонија ќе можат „во живо“ да ги разгледуваат и купуваат ракотворбите.