Новите имиња на улиците, нови маки за скопјани

26.01.2016 02:31
Новите имиња на улиците, нови маки за скопјани

Жителите на Скопје сметаат дека градоначалникот Коце Трајановски пред три години направил вистински хаос кога застана зад промената на имињата на 300 улици и нивните реакции сè уште не стивнуваат. Деновиве во нашата Редакција се јавија повеќе граѓани, кои сметаат дека градската власт сега треба да го исправи хаосот што го направи, така што ќе се договори со институциите и со комуналните претпријатија тие автоматски да ги сменат имињата на улиците во документите.

- Градоначалникот направи дар-мар со промената на имињата на улиците, односно на адресите. Која му беше намерата не знам, но настана хаос. Мојата адреса беше булевар АВНОЈ во населбата Јане Сандански, општина Аеродром. Подоцна ја преименуваа во АСНОМ, но на личните документи на сите ни остана булевар АВНОЈ. На таа адреса и градоначалникот ни испраќа решенија за данок на имот, на неа од Катастарот добиваме документи, Водовод, ЕВН, Топлификација и провајдерите за телефони ни праќаат фактури исто така на булевар АВНОЈ. Но, ако појдете во МВР за да ја продолжите возачката, на пример, веднаш ви ја менуваат адресата и пишуваат булевар АСНОМ, без разлика што личната карта ви е на АВНОЈ. На зградите ни заковаа нови табли со новото име на улицата - АСНОМ, сè друго остана по старо. Сè уште гласам на АВНОЈ - вели читател во писмото до нашата Редакција.

Од Град Скопје потврдуваат дека иако од кај нив е донесена одлуката за преименување на улиците, тие ги испраќаат решенијата за данок на онаа адреса на која е личната карта.

- Граѓаните сами може да си ги променат податоците во документите. Ние не можеме да го направиме тоа за нив - објаснуваат во градската администрација.

Според информации од МВР, личните карти не треба да се сменат со промената на името на улицата. Новото име ќе биде запишано во личната карта тогаш кога ќе се продолжува нејзината важност. Скопјанка тврди дека жителите од нејзината улица не ни биле запознати со променетото име.

- Кај нас не поставија нова табла. Дури кога отидов по нова лична карта, разбрав дека улицата веќе не ми се вика Владимир Комаров туку 23 Октомври - објаснува таа.

Таксистите се најчести жртви на забуните со новите имиња на скопските улици. Велат дека има случаи со старото име на улицата да биде преименувана некоја улица во друга населба!

Извор: Слободен печат

ОкоБоли главаВицФото