Обнова

05.02.2016 11:18
Обнова

Левичарското движење „Солидарност“ е органски поврзано со масовното народно мобилизирање кое се случуваше во Македонија последниве години и кое се излеа на улиците во текот на 2015 година. Таа органска врска е основата на нашиот светоглед и нашето политичко делување.

Тврдевме и сè уште тврдиме дека институционален договор со Груевски не може да биде излез од кризата во која се наоѓа земјата, а уште помалку основа за просперитетна, праведна и слободна Македонија. Доказ за тоа е Пржинскиот договор помеѓу политичкиот картел, а под покровителство на меѓународната заедница. Ефектот од Пржино на кус рок беше гаснење на масовното движење кое бараше итна оставка и одговорност на власта. На долг рок, наместо остар рез со Груевски и неговата мафија, со Пржинскиот договор добивме предвремени избори без суштински реформи. Притоа на Груевски дури и во оставка му остануваат на располагање доволно ресурси за фабрикување на мнозинство во негова поддршка, за разорување на економијата и за непречено навредување на здравиот разум преку пропагандната машинерија. Впрочем, за сите овие последици предупредивме уште кога договорот беше постигнат.

Истовремено, повторуваме дека безусловната и некритичка поддршка на која било партија и став станува сè поголема пречка во борбата против груевизмот и едноумието. Следствено, контрапродуктивни се и повиците „да му помогнеме на СДСМ по секоја цена“, жалопојните обиди да се претстави СДСМ како жртва и навредите и хушкањето против сите оние кои се критични кон антислободарските тенденции, без разлика од која страна на политичкиот спектар доаѓаат. Праксата да се возвраќа на конструктивна критика со лични напади и навреди е оневозможување и обесхрабрување на аргументирана јавна дебата, која пак е неопходен темел за изградба на демократско и праведно општество.

Нагласуваме и дека сервилноста кон меѓународната заедница е еднакво погубна за слободарската и прогресивна агенда. Токму зависноста од Брисел и Вашингтон, промовирана од поголемите политички партии, но и безусловно поддржана од страна на голем број актери од граѓанското општество, придонесува кон статусот на полупротекторат кој Македонија го има во моментов. Ваквата ситуација повторно е вешто искористена од Груевски, кој покажа дека е подготвен на какви било непринципиелни договори со цел да си го продолжи политичкиот век и да избегне кривична одговорност. Странските дипломати кои ја менаџираат оваа криза, од друга страна, се водени од интереси кои воопшто не се поклопуваат со интересите на мнозинството граѓанки и граѓанки на Македонија, а тоа е темелна политичка, општествена и економска промена.

Светската политика рапидно се менува, што во голема мера ја засега и Македонија. Нашата земја се наоѓа во средиштето на она што според многу анализи претставува најголемата бегалска криза од Втората светска војна наваму. ЛД „Солидарност“ изминативе месеци одржа повеќе јавни настани низ државата поврзани со бегалската криза, во обид да се поттикне дискусија и свесност помеѓу граѓан(к)ите, но и за таа конечно да почне да се третира како горлива политичка тема од која зависи не само иднината на бегалците, туку и нашата иднина. Погазувајќи ги сопствените основни вредности и одбивајќи да застане на страна на хуманоста и солидарноста, Европската унија во моментов работи на план за претворање на Балканскиот полуостров во тампон зона; план во кој Груевски има важна улога на извршител и соработник. Таквиот план е закана за секоја слободарска идеја во Македонија и предизвик околу кој сите прогресивни чинители мора да се обединат.

Поради сиве овие причини, одбиваме да ја прифатиме улогата на нема публика на политичкиот картел и меѓународната заедница кои преговораат зад затворени врати! Под површинскиот слој на апатија и очај кој тие го сервираат, Македонија врие и прашање на време е кога повторно ќе еруптира! Тивкото мнозинство не се приклонува кон ниту една политичка партија! Тоа не е претставено на ниту едни преговори, а трпи најголеми последици од целата ситуација!

Преку младинските и студентските иницијативи, здружувањето на граѓан(к)и за заштита на животната средина, урбаниот отпор кој се шири насекаде, новото работничко и синдикално здружување, солидарните акции поврзани со бегалската криза, граѓанките и граѓаните го наоѓаат својот глас и придонесуваат кон градењето на новото општество! Токму затоа, не треба да изненадува што спонтани изблици на граѓанско самоорганизирање како во случајот со иницијативата за спас на Офицерскиот дом во Битола успеваат да извојуваат победа над груевизмот. Полагајќи ги сета надеж и енергија во таквата форма на политичко дејствување, ЛД „Солидарност“ одбира да делува широкоопштествено и вонинституционално и да се залага за општество на активни граѓанки и граѓани, за гласен народ, кој не чека избори за да направи политичка промена!

Отворете прозорци.
Отворете врати.
Да влезе свеж воздух.
Дајте нов пркос.
Дајте нова надеж.
Да прошетаме од соба в соба
низ сева куќа.
Да влезе живот,
како свеж воздух,
во секој зачмајан агол.*

*препеана верзија на „Обнова“ од Блаже Конески

Извор: www.solidarnost.mk