Републиката која траеше шест дена

21.05.2016 11:01
Републиката која траеше шест дена

Во понеделникот на 24 април 1916 година, додека на континетот беснеела Големата војна која ќе ги прекрои границите на Европа и ќе ги докрајчи четирите големи царства, британската империја била нападната одвнатре. Речиси во самото срце на царството, чија власт во тој момент сè уште ги зафаќала сите континенти, група ирски националисти – учители, поети, феминистки и работнички водачи – во Даблин прогласиле независност на Ирска.

Радикалното, вратоломно, романтично востание на почетокот било осудено на неуспех, за што биле свесни и неговите водачи. Нивната акција ја немала поддршката од мнозинството од ирскиот народ – тоа било првото востание во кое преовладувачкото расположение било на страната на Британците, но востанието се покажало како пресуден момент за независна Ирска и станало дел од националната митологија и извор на голема гордост. Јубилејната годишнина се прославува со настани во текот на целата година ширум земјата која истовремено ги преиспитува првите сто години од самостојното постоење.

Меѓутоа, во моментот кога се случило, Велигденското востание ни оддалеку не било толку популарно меѓу Ирците. Повеќето граѓани во тоа време ја поддржувале ирската Самоуправа, закон изборен четири години претходно во британскиот Парламент. Повеќето припадници на Ирските волонтери, организација основана да го обезбеди воспоставувањето на Самоуправата на која се противел протестантскиот север од земјата, во моментот на востанието се борела на западниот фронт под британското знаме, очекувајќи дека нивната жртва ќе им ја обезбеди имплементацијата на Самоуправата, ветена по војната.

Тајното друштво

Група ирски националисти собрани во тајното друштво Ирски републикански браќа – дел од нив ирски повратници од Америка – сакале целосна независност на земјата. Користејќи ја можноста што им се пружила заради британската преокупираност со војната, здружувајќи се со главните британски противници, Германците, од кои набавувале оружје, членовите на Републиканските браќа се инфилтрирале во редовите на Ирските волонтери планирајќи востание со нивна поддршка. Водачите на Братството, Патрик Пирс, Томас Кларк и Томас Мекдонау со Џејмс Коноли, социјалист на чело на Војската на ирските граѓани, воспоставена да ги штити граѓаните по брутално разбиените работнички штрајкови, договориле кревање востание на велгиденскиот понеделник. Планот на заговорниците бил да се освојат клучните точки во Даблин и да се мобилизираат другите поголеми градови и што подолго да се издржи нападот на Британците со надеж дека тоа ќе ја ангажира пошироката ирска јавност и поддршката од светот.

_____________________________________________________

Интервју со Тимоти Харингтон, амбасадор на Ирска во Хрватска

„Се забораваат жените кои го воделе востанието“

Како Ирска ја одбележува годишнината од Велигденското востание?

Тој настан бил клучен за ирската независност. Во Даблин се одржа свечена воена парада, а ширум земјата се организираат културни програми со претстави, книги и филмови посветени на востанието. Меѓутоа, тоа е момент кога треба да застанеме и да размислиме каде е Ирска денес. Постојат групи кои паднале во втор план од приказната за востанието. На пример, многу жени учествувале во борбата, една жена била меѓу водачите на востанието, а нивната улога во голем дел била занемарена. Земаме предвид дека станува збор за многу комплексно време и дека постојат различни перспективи на гледиштата за тој момент. Пораката која исто така сакаме да ја испратиме е да не живееме во минатото, туку да бидеме насочени кон иднината. Еден од примерите е дека децата во училиштата составувале сопствени декларации за независност пишувајќи во нив каква Ирска сакаат тие и како ја гледаат.

Каков тон преовладува на прославата на годишнината? Дали постојат поделби во толкувањето на тој настан?

Се сеќаваме на жртвите кои ги дадоа животите за Ирска во борбата за независност. Постојат поделби во гледиштата. Едно од прашањата е дали насилството било нужно, дали истото можело да се постигне по мирен пат. Мнозинството во парламентот ја поддржувало ирската самоуправа, а само мала група луѓе, елитните ирски кругови кои не ја претставувале просечната популација, организирале востание, давајќи си себеси право на одлука. Станува збор за легитимно прашање. Мислам дека минатото не треба да се држи како нешто свето, секоја генерација со себе носи свои толкувања, но не треба ни да се осудува векот искуство зад нас. Во тоа време во Европа имало повеќе такви националистички движења и тоа било многу понасилно време за разлика од денес.

Декларацијата на востаниците била многу напредна за тоа време. Тие се слават, но дали независна Ирска ги оствари сите нивни идеали и соништа?

По егзекуцијата на водачите и репресијата која ја извршила британската власт, на бунтовниците се гледало како секуларни светци. Во првите децении од независноста, Ирска продолжила да биде затворено и традиционално општество со многу доминантна Католичка црвка. Со прокламацијата се барало плуралистичко, инклузивно општество, еднакви права за сите, еднаквост за жените. Овогодишната прослава во себе ја носи пораката за такво општество, идеалот за кој се бореле тие. Прославата на 50 годишнината била милитаристичка и триумфална, а многумина го критикувале тоа подоцна, зборувајќи дека таквиот начин на славење помагал во поттикнувањето на насилството во Северна Ирска.

Какви се денес односите со Британија, дали и понатаму има горчина заради тешкото минато?

Ирските односи со Британија се долги и комплексни. Поминавме 800 години окупација, но соседи сме и нашите народи се поврзани. Денес, 470 000 Ирци живеат во Обединетото Кралство, а 200 000 Британци во Ирска. Имаме многу заеднички нешта, дел сме од ЕУ веќе 43 години и споделуваме многу ставови. Кралицата Елизабета беше во историска посета на Ирска во 2013 година, каде им оддаде почести на жртвите, а ирскиот претседател ја посети Британија следната година. Нашите односи сега се длабоки и зрели.

Како се гледа во Ирска на потенцијалното излегување на Велика Британија од ЕУ? Во тој случај Ирска повторно би ја раздвојувала граница од северот на островот.

Сакаме Ирска и Британија да продолжат да соработуваат во рамки на ЕУ. Се надеваме дека британските граѓани така и ќе одлучат на референдумот. Кога станува збор за границата, оптимист сум и се надевам дека Британија ќе избере да остане во ЕУ.

_________________________________________________________________

Два настани им ги ослабнале плановите. Бродот со 20 000 пушки и еден милион куршуми заради лошата организација бил откриен од страна на британската војска. Вториот настан бил особено поразителен за востаниците. Имено, дел од водството на Ирските волонтери се противел на кревањето востание по договорот за Самоуправата, а и сметале дека планот е тешко спроведлив. Сфаќајќи дека заговорниците нема да се откажат од востанието, водачот на Волонтерите, Ејон Мекнил на членовите им забранил да учествуваат во востанието. „Ако не се бориме, можеме само да се надеваме дека ќе има земјотрес и ќе нè проголта заедно со нашиот срам“, ѝ рекол тој ден Коноли на својата ќерка Нора. Востаниците сепак одлучиле да ја извршат акцијата.

Тивките улици

Тоа утро во понеделникот, улиците во Даблин биле тивки, а повеќето граѓани го поминувале празникот во кругот на семејствата. Повеќето британски службеници и воени офицери биле на коњски трки надвор од градот. Ирските волонтери заедно со припадниците на граѓанската армија на Коноли и 200 жени од организацијата Cumann na mBan – вкупно околу 1 200 луѓе – излегле на улиците и почнале да маршираат кон клучните точки кои ќе ги преземат. Седиште на востанието била главната пошта, а на скалите пред зградата Pearse бил прочитан прогласот за републиката во кој било прогласено „правото на ирскиот народ на сопственост над ирската земја“, и воспоставувањето на републиката која „ги гарантира граѓанските и верските слободи за сите свои граѓани“, „правото на среќа и еднакви можности за сите“ како и гласачкото право за жените кое тогаш сè уште не постоело во Британија.

Марширајќи низ градот востаниците ги слушале навредите од граѓаните и повиците „подобро да одат и да се борат на западниот фронт“. Семејствата кои залудно чекале да им се исплатат платите пред окупираната Главна пошта биле подеднакво гневни.

Иронијата сакала првата жртва на востанието да биде Ирец, полицаец кој му го попречил патот на глумецот Шон Коноли од Војската на ирските граѓани во стожерот на британската војска. Фактот што не бил заземен Даблинскиот дворец, и покрај тоа што го бранеле само шест војници, подоцна поттикнал прашања за тоа колку прецизно организаторите, главно културњаци и интелектуалци, го испланирале востанието, а истото се однесувало и на поставувањето барикади и ровови околу заземените положби. Правилна тактика би била поставување стрелци на повисоките спратови.

Преокупирана со германскиот воздушен напад, Круната не реагирала моментално. Но, кога се активирала, ја покажала целата своја сила. Во вторникот навечер, првите британски војници, кои до крајот на неделата ќе бидат 16 000, во Ливерпул се качиле на брод за Ирска. Во средата наутро пристигнале во даблинското пристаниште и започнале марш кон востаничките упоришта со намера да ги опкружат сите упоришта и на востаниците да им остават два излези – смрт или предавање. Уличните борби беснееле три дена, а Британците полека и сигурно го стегале обрачот испраќајќи и брод со топови на востаниците. До петокот попладне било јасно дека се ближи крајот. Центарот на Даблин горел, зградата на поштата била во пламен. На вториот спрат од зградата петмина востаници седнале да ручаат. Ејмон Доре, млад член на волонтерите, седел на маса. Повеќето од собраните, раскажал подоцна, го задржале доброто расположение. Еден од нив се пошегувал со свештеникот кој дошол за последна помош на оние што умирале. „Оче, дали ќе бидеме проклети ако во петок јадеме месо?“ “Ќе мора да ризикувате“, одговорил свештеникот. Доре се завртел кон Том Кларк, првиот потписник на прогласот. „Што би направил ако победиме?“ „Овојпат, нема да победиме“, му вратил Кларк. „Но, сепак, доколку победиме, што би направил?“ „Се надевам дека нема да те разочарам со одговорот“, се насмеал Кларк и му рекол: „Би купил куќичка опкружена со голем ѕид и би садел цвеќиња до крајот на животот“.

Убивањето цивили

Таа вечер, налутени заради жртвите во своите редови, Британците го истуриле бесот на цивилите во околните улици. Според сведочењето на еден од востаниците, Пирс, како претседател на привремената влада на востаниците, одлучил да се предаде откако ја здогледал следната сцена на улица: три старци покосени со куршуми лежеле во сопствената крв сè уште држејќи бели знамиња во рацете.

Во борбите за време на Велигденското востание севкупно загинале 480 луѓе. Меѓу нив имало 60 востаници и 143 британски војници. Сепак, најмногу жртви имало меѓу цивилите. Настрадале 280 жители на Даблин, меѓу нив 40 деца. Предавајќи им го својот меч на британските војници, Пирс објавил капитулација на ирската привремена влада. Ирската република траела околу шест дена, од 24 до 29 април.

Јавноста била уште погневна отколку на почетокот од востанието. Додека заробените ги воделе британските војници, востаниците ги слушале повиците: „Убијте ги гадовите!“ Ирските политичари ги критикувале заради неодговорноста, барајќи строги казни. Меѓутоа, следела британската немилосрдност и репресија. Како што петнаесетте бунтовнички водачи стоеле еден до друг пред стрелачкиот одред – некои од нив седеле заради тешките повреди – расположението на луѓето се менувало. Пред изборот помеѓу стрелачките одреди или востаниците, колку и нивната борба да изгледала погрешна, револуционерите ги придобиле граѓаните на своја страна.

Многумина дотогаш аполитични луѓе станале ангажирани во борбата за независна Ирска, политичките и другите апсења на обичните луѓе дополнително го поттикнале отпорот. Се поврзале многу луѓе кои дотогаш не се ни сретнале, ниту имале нешто заедничко или некакво влијание во јавноста, а на тој начин била проширена новата револуционерна елита.

Сè поголемата поддршка за Ирците водачи на востанието довела до крах на движењето за Самоуправа и подем на партијата Sin Fein која 1918 година, барајќи република убедливо победила на изборите, освојувајќи речиси три четвртини од пратеничките места. Една четвртина од пратениците биле луѓе кои се бореле во 1916 година. Право на глас првпат имале жените. На северот во Улстер победиле унионистите, со што била поставена сцената за идната поделба на островот, а бранови насилство допрва ја чекале Ирска.

Меѓутоа, се покажало дека ирското востание било катализатор и дел од поширокото движење за самоопределување на народите. Старото британско царство во текот на 20 век ги губело своите колонии дел по дел, а ирското востание го означило почетокот од крајот на глобалната доминација на Британија.

Извор: Globus, 29.04.2016

ОкоБоли главаВицФото