Блокада за Хамас, страдање за Палестинците

02.06.2010 10:59
Блокада за Хамас, страдање за Палестинците

Израел се соочува со бран меѓународни осуди и сè поголеми притисоци да ја прекине блокадата на Газа откако 15 активисти беа убиени, а повеќе од 30 ранети од страна на израелските сили кои упаднаа на бродот со помош наменета за енклавата под контрола на Хамас.

Израел вели дека не може да го дозволи пристапот до Газа бидејќи тоа би значело отворање на канал за криумчарење оружје и борци во регионот. Организаторите на караванот, пак, тврдат дека листата на забранети производи вклучува цемент, хартија, инвалидски колички, одредени видови храна и многу други цивилни намирници. Нападнатиот брод Мави Мармари носеше околу 500 патници и беше најголемиот во флотата која пловеше кон Газа, во меѓународни води, на околу 60 км од израелскиот брег.

Американката Грета Берлин, основач на движењето Free Gaza и организатор на патувањето, се наоѓала во друг брод кога командосите се спуштиле на палубата.

„Не мислевме дека Израел ќе биде толку глупав да убие десетици луѓе и да рани најмалку 30“, вели таа. „Ние сме цивили. Секој од нас е само граѓанин кој се обидува да ја пробие израелската блокада зад која се заробени половина милион Палестинци.“

Движењето Free Gaza вели дека нивна цел била да се достави хуманитарната помош на населението на Газа и да ја „истакне меѓународната загриженост поради затворските услови на населението и да изврши притисок врз меѓународната заедница, за таа да ја преиспита својата политика на санкции и да престане со поддршка на израелската окупација“. Оваа меѓународна коалициска организација на борците за човекови права и активисти ја доби и поддршката на Дезмонд Туту, Ноам Чомски и многу еврејски организации кои агитираат за подобрување на условите и човековите права на Палестинците.

Државата Израел не ги доживува работите на ист начин, а нејзиниот министер за надворешни работи Дани Ајалон ги отфрла тие тврдења и организацијата ја доведува во врска со Хамас, Ал Каеда, глобалниот џихад...

„Армадата омраза и насилство во знак на поддршка на теророт на Хамас е смислена и срамна провокација. Организаторите се добро познати по своите врски со глобалниот џихад, Ал Каеда и Хамас. Тие имаат позната историја на криумчарење на оружје и ширење на смртоносниот терор. На бродот најдовме оружје кое беше подготвено за напад на нашите сили. Намерата на организаторите беше насилство, нивните методи беа насилни и, за жал, исходот беше насилен“.

Израел ја поврза турската организација Yardim Vakfi (Хуманитарен фонд за помош) како радикално-исламска организација.

Израелската блокада на Газа влијае на целокупниот живот во тој дел од палестинската територија: од училиштата до стопанството и здравството. Невработеноста е огромна, а ограничувањата на струјата се редовни. Статистиката на ОН вели дека околу 70% од населението во Газа живее со помалку од еден долар дневно, 75% зависат од хуманитарната помош, додека 60% немаат пристап до вода за пиење. Хуманитарна помош може да се достави во Газа, но ОН тврдат дека Израел забранува многу цивилни производи.

Во Газа не може да се внесат материјали за градежништво, опрема за здравство и педијатрија, кревети, кујнски прибор, училишни тетратки и прибор за пишување. Светската банка проценува дека околу 80% од стоките се шверцуваат низ тунелите, на што Хамас наплаќа данок, но цените на тие производи се превисоки за обичните граѓани.

Израел тврди дека целта на блокадата е одговор на ракетните напади од страна на Хамас во пограничните израелски територии, но и еден вид притисок за да се ослободи нивниот војник Гилад Шалит кој се држи во заробеништво веќе четири години. Најпосле, нивна цел е и уништување на Хамас кој се смета за терористичка организација. Владата во Ерусалим се надева на ослабнување на Хамас со тоа што ја ограничува неговата власт, меѓутоа, многумина сметаат дека блокада е колективна казна за обичните граѓани на Газа.

Израел ја предупредил флотата дека приближувањето на 20 наутички милји до брегот на Газа претставува кршење на меѓународниот закон и рекол дека тоа ќе го смета за „чин на провокација“ против својата војска. Сега израелската држава се соочува со многу обвинувања дека со употребата на вооружена сила ги прекршила меѓународните стандарди и закони за човековите права.

Меѓународниот закон за човековите права го штити правото на живот и ОН имаат строги правила кога и каков треба да биде одговорот на војската и полицијата во слични ситуации. Едно од најважните е: не користи сила доколку тоа не е неопходно, употребата на смртоносно оружје можа да биде оправдана само во самоодбрана или за заштита на животот. Human Righs Watch во понеделникот се повикаа на овие параграфи и побараа целосна истрага од страна на израелските власти.

Израелскиот портпарол изјави дека нападот претставувал чин на самоодбрана, но меѓународните закони исто така налагаат дека секоја употреба на вооружена сила мора да биде сразмерна. Исто така се поставува прашањето за кршење на законот за меѓународни води со оглед на тоа дека бродот со хуманитарна помош е нападнат 80 милји од брегот на Газа.

„Непосредните разговори“ меѓу Израел и палестинските власти кои ги поддржува Западот повторно без започнати овој месец, но ретко кој сега очекува некаков напредок во односите меѓу двете нации. Палестинскиот претседател Махмуд Абас остро го осуди израелскиот „масакр“, додека меѓународната реакција кон Израел сега може да доведе до укинување на политиката на избегнување на Хамас. Последниве настани сигурно ги зацврстија гласовите за отстранување или олабавување на блокадата на Газа.

Извор: e-novine

Изреал може да прави што сака

Изреал може да прави што сака и никому ништо. Се разбира, ситуацијата е прилично посложена и има подолга историја, ама ако треба во една реченица, тоа е тоа.