517

07.12.2016 16:22
517



Извадок од романот „517“ на Сања Михајловиќ Костадиновска, победнички ракопис на конкурсот „Новите!“ за најдобар дебитантски прозен ракопис за 2015 година.

 

Шинтерско сегашистичко претпријатие

Централа: Улица 105, да се јави слободен шинтер.
Шинтер 1: На место, прием.
Централа: Број 15, стан 10, маж, срцев удар.
Шинтер 1: Ќе ми треба помош за изнесување.
Шинтер 2: Улица 107, можам да бидам на место набргу.
Централа: Одете број 2. Број 1, подгответе го теренот. Жената и децата да се изолираат. Пратете ги на бања. Викнете инкасатор да им ја соопшти наградата: турска бања со гратис масажа. Направете резервација веднаш.
Шинтер 1: Во ред. Сега и секогаш.
Централа: Сега и секогаш и вам.

Часовник

Трескало стана виден рецитатор. Одеднаш неговиот живот целосно се смени. Не само на Универзитетот каде што ги добиваше сите пофални зборови од учителот, туку и меѓу колегите, а особено колешките.. Го покануваа на многу забави, често можеше да се види пијан и прегрнат со некоја различна девојка. Еднаш кога се враќаше во студентскиот дом, од каде се надеваше дека набргу може да добие прекоманда, го сретна Чепкало на скалите:
- Еј брат, кај си бе?
- Еве бе брат, ти кај си?
- Леле, да ти кажам, пребукуран сум. Само на некои забави, коктели. Еве баш сега се враќам од еден. Абе... сè лигуши, ама знаеш дека морам да одам. Сè додека не бидам на безбедно.
- Ќе се вратиш ли?
- Каде?
- Па...знаеш каде?
-Абе... ризично е. Би те советувал и ти да се оддалечиш засега. Никој сега не ги споменува цртежите, ама малку да застранам, веднаш ќе ископаат нешто и ќе ме линчуваат. Белиот ме држи на пик.
- Никогаш не кажа што има на тие цртежи.
- Ш-ш-ш, овде ѕидовите немаат само уши, дупки и влага, ами и очи, а плус и касаат...
Потоа тивко му шепна:
- Од плоштадот имаше една широка улица со дрворед што водеше кон еден часовник. Мислам дека го открив местото на неговото раѓање. Часовникот.
Тргна да си оди, па подзастана:
- Кутриот наш херој! Така бесправно заборавен! Морам да одам. Ќе те побарам кога ќе можам. Еј, немој да мислиш дека сум забегал. Мора да глумам, тоа ти е.
 


Извадок од сегашистичка театарска претстава

- Да се биде, да се биде, тоа е прашањето!
- Што рековте господару?
- Што, зар не слушаш глупаку?
- Простете господару, изгледа во ушиве имам некоја бубачка.
- Да видам? Аууу, гнасо! Одиш ли ти воопшто на редовно сегашистичко чистење или дозволуваш жолтилото на срамот, остатоците од твоето бедно тело да те попречуваат да ми служиш?
- Простете господару. Еве ќе земам чепкалка.
- Да се биде, да се биде, тоа е прашањето!
- Еее, сега мислам дека слушам. За бидé господине сега има нова нарачка, а ќе стигнат и позлатените чешми.
- Оооо вересијо! Значи не е до ушите, изгледа треба мозокот да ти ги исчистат!
- Аааа не, господине, чист ми е како солза!
- Што ли работат службите на редот, кој ги знае? (му удира заушка)
- До каде ли застанав...А да. Да се биде, да се биде секогаш чист. Да се биде, да се биде, драги мои, потполно ист, да се биде, да се биде, верен сегашист.

(аплауз)

Заборав

Трескало единствено се плашеше од Белиот. Го гледаше на секоја забава на којашто одеше и уште откако ќе го забележеше оддалеку, му се заледуваше крвта. Продолжуваше да се клешти со некои млади и надежни рецитатори, но не го губеше од вид. Понекогаш тој доаѓаше да се поздрави со Трескало. Глумеа учтивост, се смешкаа. Дури и ќе наздравеа. Кога Белиот ќе ја кренеше чашата за да се напие, повторно му заблеснуваше белиот врат, на што Трескало се стресуваше. Отпиваше горко од чашата. Знаеше дека постојано го следи и дека внимава на секој негов чекор. Едно време се убедуваше себеси дека ова го прави заради кружокот, дека сака да ги спаси нив. Потоа почна да се сомнева дека некогаш ќе може повторно да им се приклучи. Му недостигаа талкањата со Чепкало. Се сеќаваше со по малку носталгија и на новите пријатели кои не успеа сосема да ги запознае, но му станаа драги. Но, едноставно не знаеше како да избега од ситуацијата во која беше втурнат, и тоа не по негова вина! Секое одбивање на покана за коктел, претстава, забава ќе значење оддалечување од елитата, во чија закрила се чувствуваше безбеден. Секој чекор подалеку од неа и веднаш го чувствуваше нишанот на Белиот на тилот, или на челото, или во стомакот. Затоа секогаш носеше шамиче со себе или апчиња за желудник Да се забрише кога потта ненадејно ќе го облие или стомакот ќе го стегне во неочекуван момент. Од апчињата почна да не ги чувствува и другите болки, па така еден ден кога се разбуди во студентскиот дом веќе не се сеќаваше на ништо. Не сакаше да им се врати на пријателите и на кружокот. Сонуваше за новиот стан за каде му ветија дека ќе добие прекоманда.

Заговор

Чепкало стоеше до шанкот со пијачка во рака кога Упорната и Повлечената влегоа во дискотеката. Тие две не биле никогаш во оваа дискотека, но Упорната се движеше како да е тоа нејзин терен, пробивајќи се низ толпата, а Повлечената одеше зад неа, загледана само во нејзиниот тил за да не ја изгуби од вид. Упорната си имаше ветено себеси дека нема да стапне во тоа сегашистичко дувло и дека попрво нема да излегува отколку да си го оштети слухот, но сега беа таму работно така што можеше да направи исклучок. Сепак, не испушти да се дотера, или да се камуфлира, како што таа кажа. Високите потпетици, тесните панталони, пропорционалните облини, шармантната насмевка беа сигурна пропусница за вечерта. Повлечената, успеа само да ја прибере распуштената коса, по пат да стави доволно шминка за да ја покрие лузната, а имаше доволно доверба во другарката која со својот изглед беше гаранција за влез, така што не посвети многу внимание на облеката. Кога ги виде како се приближуваат, Чепкало ја допи пијачката, на шанкерката ѝ кажа нешто што веројатно ѝ се допадна затоа што му се насмевна срамежливо. Потоа се упати кон кабината на ди-џејот каде што беа договорени да се најдат. Мешало ги здогледа и во нивна чест направи микс кој само тие умееја да го разберат. Чепкало се качи кај него и нешто зборуваа, а Упорната и Повлечената ги чекаа долу свртени со грб кон нив, а гледајќи накај разулавената маса и се преправаа дека играат. Барем Упорната. Повлечената стоеше настрана и речиси неосетно се клатеше лево-десно, и честопати нестрпливо погледнуваше нагоре. Чепкало се задржа поприлично. Почнуваше да станува жешко, задушливо. Изворот на чист воздух и пијачки беа преку морето искривени лица во лажни насмевки, кренати раце и запотени пазуви. Кога Чепкало конечно се симна им даде знак со очите да го следат. Упорната ја шмркна пијачката и во ритам се придвижи отворајќи си пат пред себе. Повлечената остана некое време да погледнува кон кабината, но не го виде Мешало. И така, разочарана што вечерашната мисија не донесе ни трошка возбуда, тргна во правецот каде што се изгуби Упорната. Ја најде кон излезот:
- Ајде, каде застана?
- Една грамада ми се испречи.
- Треба да го следиме другарот. Излезе надвор.
- За џабе дотерувањево, ништо од забавата, а?
- Па не сме дојдени за забава!
- Знам, само се зезам.
Чепкало беше надвор, застанат под една бледа улична светулка и се преправаше дека си ги врзува врвците од чевлите. Потоа тргна во правец кон паркот, девојките го следеа и кога беа на безбедна оддалеченост, се засолнаа зад едно дрво.
- Другарот има план. Ќе пушта музика на денот на прославата на партијата. Тоа ќе биде вистински момент да им ја расипеме забавата.
- Но, како?
- Нашиот нов рецитатор ќе ни помогне.
- Сигурен си? Колку време не го имаш видено? Можеби е веќе еден од нив.
- Јас и ди-џејот ќе го убедиме, а вие двете имате задача да ги најдете украдените цртежи. Ќе влезете во собата на шпионот, единствениот осомничен, и ќе ги побарате таму, или ќе се обидете да му ја извлечете информацијата.
- А како мислиш тоа да го изведеме? – праша Упорната.
- Со помош на вашето безвременско оружје – шармот!
-Ха, каков шовинист! – рече Упорната.
- Ама таа нека биде оперативецот, ти си веќе сомнителна!
- Јас? – рече Повлечената.
- Да, совршена си за улогата.
- Ха, ха, не полагајте многу надежи во мене, но ОК, не се плашам од сегашистички мажиња.
- Ха, ха, ама пази, овој е едно гадно маже, способно за многу подли работи. не го потценувај.
- Верувај ми, мислам дека многу добро ја познавам сегашистичката празна душа. Ќе се обидам да ја завршам работата. Но, што потоа?
- Потоа ќе има огномет!

Слики: Yuri Shwedoff

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото