Кристални замоци: првите фотографии на снегулки

10.01.2017 12:17
Кристални замоци: првите фотографии на снегулки

Вилсон Бентли бил првиот човек кој во 1880-тите години фотографирал снегулки со прикачување на фотоапарат на микроскоп. Бентли придонел да биде разоткриен еден прекрасен свет на комплексна убавина.

Работејќи против технолошките ограничувања на 19-от век со фотоапарат прикаченна микроскоп, Вилсон „Снегулка“ Бентли фотографирал повеќе од 5.000 снегулки прикажувајќи ја нивната уникатна убавина.

Роден во земјоделско семејство во Вермонт, Бентли бил фасциниран од снегулките, кои ги испитувал под микроскоп како тинејџер, обидувајќи се да се ги запамти нивните детални структури пред да се стопат, и цртајќи го она што го видел.

„Мислев дека е голема штета оваа убавина да не биде видена“ – изјавил тој. „Секој кристал беше ремек-дело со специфичен дизајн и секоја од снегулките беше неповторлива. Кога снегулката ќе се стопи, тој дизајн беше засекогаш изгубен. Таа голема убавина неповратно исчезнуваше, без некаде да биде зачувана.

Бентли сакал да ја долови целата нивна комплексност, па фотоапаратот го прикачил на микроскоп, што резултирало со првата успешна фотографија на снегулка во 1885 година.

„Денот кога го развив првиот негатив направен со помош на овој метод, кој се покажа добар, во еден момент дури паднав на колена покрај тој апарат, обожавајќи го! Тоа беше најдобриот момент во мојот живот“ – рекол тој.

Бентли почнал да создава библиотека на слики, со што го привлекол вниманието на универзитетите во светот. Иако е кристално јасно дека не бил слеп за чудесноста на снегулките, нарекувајќи ги „чуда на убавината“, сепак користел научни методи, и имал детални метеоролошки податоци.

Бил фасциниран и од дождот, па од 1898 до 1904 направил 344 мерења на големината на капките дожд од 70 бури, со користење на брашно. Секоја капка дожд се апсорбирала во брашното и се формирале мали топки тесто, кои Бентли ги мерел за да ја добие големината на дождовните капки.

Додека работел на метеоролошката студија, тој продолжил да работи и на семејната фарма. Го привлекувал вниманието и на своите љубопитни соседи, кои, како што велел тој, го сметале за „луд, или будала, или и двете“.

Со години игнориран од научната заедница, на крајот бил награден со грант од Американското Метеоролошко Општество, и била објавена книгата „Снежни кристали“ во која се собрани 2.500 слики.

Тој, исто така, необично или можеби по малку морбидно, во зависност од вашата точка на гледање – каталогизирал насмевки на жени. „Најдов многу шармантни насмевки“ - велел тој. „Кога ќе им дадете комплимент и кога ќе ги прашате дали знаат зошто се насмевнале така убаво, одговорот на среќните сопственички на тие шармантни насмевки секогаш беше „не“.

Вилсон Бентли починал од воспаление на белите дробови на 66-годишна возраст, откако бил затекнат од снежна бура. Неговиот локален весник му оддава почит: „Лонгфелоу рекол дека генијот е бескраен макотрпник. Џон Раскин кажал дека генијот е само супериорна моќ на перцепирање на нештата. Вилсон Бентли беше жив пример на овој вид на генијалност. Тој виде нешто во снегулките што другите луѓе не успеаа да видат, не затоа што не можеа, туку затоа што го немаa трпението и моќта на забележување и разбирање на нештата.“


Бентли работи на своите фотографии

Извор:www.theguardian.com

Слични содржини

Фотографија / Квир / Историја
Фотографија / Филм / Историја
Фотографија / Gif / Теорија / Историја
Фотографија / Балкан / Историја

ОкоБоли главаВицФото