Алтернативно vs. прорежимско

06.04.2017 10:47
Алтернативно vs. прорежимско

Една од битните разлики – а ги има многу и ќе се обидам понатаму да ги нотирам барем повеќето – помеѓу некогашната „Шарена револуција“ и сегашниве протести „За заедничка Македонија“ е нивниот карактер / поставеност во однос на власта. Односно, недвојбено обете беа / се масовни (не се обидувам да навлегувам во егзактни бројки или проценки, што е прилично неблагодарно, иако сите показатели се на страната на „шарените“!), обете имаат цврсто јадро и стабилна партиципативност, имаат и слична иконографија (иако и тука има страшно битни разлики на кои што ќе укажам подоцна) итн. Но, во однос на поставеноста кон власта, „Шарената револуција“ беше опозициско движење, а протестот „За заедничка Македонија“ е провладино односно прорежимско движење. Ако некој наивно праша зошто, наједноставниот одговор би бил да се погледнат барањата на режимската партија во заминување и идентичните заложби на водството на протестите. И транспарентите. Целосно пресликување, идентичност до точка и запирка. И понатаму, (не само) опозицискиот карактер на „Шарената револуција“ ѝ дава цврст алтернативен знак, додека „За заедничка Македонија“ во тој однос има – формално и фактички – апсолутно етаблиран, парадржавен карактер!

Не само јас, туку и многумина кои се произнесоа за „Шарената револуција“ се согласија дека, иако со нескриени политички пораки, „Шарената револуција“ претставуваше превасходно културен чин, а во таа насока и – алтернативен културен чин. Зашто сето она што се случуваше во рамките на „Шарената револуција“ беше директен продукт на алтернативната културна свест, насочена против етаблираната официјална односно државна култура (или „култура“, попрецизно), и политика, се разбира. Или, ако сакате, а како што веќе пишував, може и обратно: ароганцијата, контрапродуктивноста, партизираноста, зачмаеноста, ретроградноста на официјалната односно државната култура / културна политика се покажа како причина / основен двигател, но и мета на алтернативните културни протести кај нас! А еднаш започнати, алтернативните културни форми како одговор од ден во ден добиваа на масовност, интезитет, разноликост. Едноставно – просто цутеа во сета нивна раскош на асфалтот на скопските улици, но и низ целата држава!

И мислам дека во оваа насока воопшто не е спорен алтернативниот карактер на „Шарената револуција“. Во него, во тој алтернативен карактер, понатаму се развиваа и се претопуваа различни (не само) културни аспекти, почнувајќи од идеолошките, социолошките, естетските и слично, а за што, делумно, ќе стане збор подоцна.

Од друга страна, протестот „За заедничка Македонија“ започна, и продолжува како типичен етаблиран парадржавен односно парапартиски протест. Прво, беше најавен со прес конференција во една скопска културна институција, среде „изложбата“ на еден поданик на актуелната власт. А можеше комотно да биде најавена на прес во „палатата“ на режимската партија, нешто слично на промоцијата на „манифестов“! (За разлика од ваквиот целосно неинвентивен и конзервативен начин, „Шарената револуција“ беше најавена со неколку алтернативни перформанси – во Театарот „Комедија“, пред културните институции и Министерството за култура итн.). Од тогаш протестот „За заедничка Македонија“ се одвива според едно прилично здодевно и предвидливо сценарио, секој ден со одредена саатница, со одмори за викендите (факт што многумина го коментираат токму како врвен доказ за поддршката од (преку) бројната државна администрација односно поврзаноста со власта, за што, исто така, сведочеа и бројните автобуси што секојдневно попладне се слеваа во Скопје!) итн. Понатаму, очигледно е, барем за повеќето од нас, содејството на полицијата и протестирачите, што никако не беше случај со „Шарената револуција“. Да, знам дека еден од аргументите на припадниците на протестот „За заедничка Македонија“ би бил дека нивните протести се ненасилни, односно мирни и дека нема причини за конфликти со органите на редот, додека кај „Шарената револуција“ имаше напад (прилично агресивен!) на канцеларијата на Претседателот на државата, атак врз одделни „симболи“ на власта (главно на дел од „спомениците“ од „Скопје 2014“) итн. Сепак, прво, треба да се види како понатаму ќе се развиваат актуелниве протести кога нештата (работа на Собранието, конституирање на Влада и др.) ќе тргнат по нивниот неизбежен демократски тек, и второ, не треба да се заборави нивното насилно однесување кон новинари на одделни опозициски настроени медиуми! И, додека полицијата беше супербрза и ефикасна во приведувањето на членови на „Шарената револуција“ и процесуирање на нивните „случаи“, сите изблици на погоре спомнатото насилство кај другиве до денес не се расветлени. Дури се покажа дека полицијата им помага на насилниците да избегаат од местото на злосторството!

Оттука, алтернативниот карактер на „Шарената револуција“ и прорежимскиот етаблиран карактер на протестот „За заедничка Македонија“ е една од суштествените разлики помеѓу овие две „револуции“. Низ оваа есенцијална разлика понатаму се прекршуваат и сите други спротивности, или спротивставености, како сакате.

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Фотографии: Ванчо Џамбаски

ОкоБоли главаВицФото