Замав

12.05.2017 11:28
Замав

– Келнер! – со хистеричен глас како на дрвен сад извика човекот што седеше наспроти мене. – Келнер!

Немаше луѓе, како да сме во подрум, постоеше таков впечаток, божем оваа тивка сала на ресторанот набргу сосема ќе исчезне. Ќе исчезне, еднаш и засекогаш. По аглите седеа кутри, малубројни луѓе, кои на ништо не обрнуваа внимание. Едниот од нив, од некакви причини, беше речиси гол.

– Келнер! – повторно извика мојот немирен сосед. Јас седев на маса со него.
– Тоа е некаков ужас – ми се обрати тој мене, криејќи се во своите матносолзави, темни очиња – веќе петнаесет минути го чекам келнерот, а тој не доаѓа. Веројатно си разговара со готвачот. Подобро е да се застрелам.

Не обрнав внимание на неговата последна реченица, но ненадејно видов дека тој од џебот вади огромен, некаков нескладен пиштол и го става на масата, покрај менито.

– Што ви е? – ги ококорив очите. – Не ми е првпат – смрдливо се насмевна со устата што се беше залепила самата за себе. – Што тоа? – Се стрелам поради секакви ситници. Ми здосади животов. Само несреќи и некаква си тегобност. – Хм - одговорив – не ми наликувате на ранет. – Јас до смрт се стрелам. Без промашување... – одговор.

Ја погледнав чинијата со својот колбас и некако се раскикотев, божем колбасот беше огледало.

– Тоа трае веќе илјада години – мирно продолжи човечето, тажно гледајќи ја лебарката како ползи. – Ме нервираат разните случки во светот. Како да има ѕид. Или, можеби, немам трпение. Мислам, првпат се заклав со камен нож зашто не можев да најдам шлем за главата; така почнаа работите. Добро се сеќавам на некои од моите минати животи. Сите тие бргу завршувале, со едно и исто. Еднаш, на пример, се обесив зашто не можев да си ги најдам чорапите – тој ми намигна. – Имам брза судбина и веднаш се раѓам, штом ќе умрам. Сега, на пример, се викам Петја.

Не знаев што да му одговорам и продолжив тапо да си ја јадам вечерата. Потоа ги погледнав грбовите на луѓето, како осамено џвакаат, и почувствував нешто лошо. Многу ме плашеше огромниот, наполнет со куршуми, пиштол што лежеше на масата.

– Што, зарем самоубиството за вас е средство за забава? – ненадејно посакав да знам.
– Вашиот хумор не е на место – суво ме сосече Петја. – Едноставно, здодеано ми е да налетувам на глупости. Замав, замав му треба на Петар Димитријевич, замав! Затоа и се стрелам.

Јас молчев, стуткан со дебелиот грб. Каде само сакаше да лета? Самоубиство, бесконечен круг нови животи – тоа беше неговиот замав, или пак, навистина имаше надеж да се оттргне, да одлета некаде, сè побргу и побргу менувајќи си ги животите?

Но, тоа беа идеи, хипотези. Самиот тој седеше пред мене и дишеше божем не може да си оди. Мене почна да ме вознемирува отсуството на келнерката.

– Не обрнувајте внимание – забележа тој. – Некојпат се стрелам чисто онака, од инерција. Дури и без особена лутина кон работите.

Ненадејно, тој хистерично го дофати пиштолот со десната рака, ја потпре цевката на окото, со другото око сурово, божем гледајќи го целиот свет, ми намигна – и истрела...

 

Превод од руски: Павел Попов
Извор: Вампир-психопат, Темплум, Скопје, 2006
Слики: Ашкан Хонарвар

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото