Одлетување

27.09.2014 12:39
Одлетување

„Постојам или не постојам?!“ - писна неугледното но продуховено човече од триесет и пет години и нервозно како зајак се прошета по собата. Вените на челото му беа подуени од умствени напори. „Божем постојам“ - писна тој, удирајќи се по задникот. Потоа му пријде на шкафот и со наслада на човекојадец, тресејќи се, од валканата чаша се напи од матната вода. Едно две минути се насмевнуваше, а потоа повторно пламна:

„А во исто време, не постојам!“ И го клоцна тажниот чајник. Потоа, Анатолиј Борисович (така се вика нашиот херој) истрча надвор.

-Гадови, ми се плеткате пред очи! - им подвикна тој на соседите, кои се плашеа од Анатолиј Борисович поради неговата повлеченост.

Ненадејно му се присака да се завитка во ќебе и долго да се валка по подот. „Станав некако воздушест и како сето време да истекувам“ - си помисли Анатолиј Борисович.

-Повеќе реалност, повеќе реалност - списка тој за себе, за соседите и за некој Непознат.

Во поново време, нешто во него се скрши. Тоа веќе не беше истиот Анатолиј Борисович кој можеше да се бори и да биде возвишен. Сега нему сè му стана таинствено. Таинствено дека е оженет, дека има триесет и пет години, дека е роден во Русија, дури и дека над него виси небото, каде и да појде.

„Нема никаква определеност - одлучи тој - и мене тоа како постојано да ме завлекува. Само сосема да не ме однесе.“

„Чудно суштество е ќерка ми - си мислеше Анатолиј Борисович, минувајќи по темно-змиското грло на излезните скалила. - Ме тепа по муцката. А кога јас ќе ја удрам по задникот - никако да сфатам, дали од тоа ми е подобро или полошо?“

Приоѓајќи ѝ на дупката што наместо врата водеше во сивилото, Анатолиј Борисович виде светилка.

„Би требало да ја казнам“ - помисли тој и фрли потаму со каменот. Светилката се скрши.

„Колку минути ќе ми биде полесно од сето тоа?“ му се обрати тој на својот внатрешен глас.

Конечно, Анатолиј Борисович излезе надвор. За момент му се причини дека сè што гледа - сè е фикција. „Јук-јук“ - задоволно писна тој наместо одговор. „Но сепак, јас не постојам“ - помисли со сето свое битие и пријде да се напие вода. Потоа сè си застана на свое место.

„Како ми се сложуваше досега животот - размислуваше тој, станувајќи сè понезабележлив. - Имаше период кога играв карти. Тогаш бев среќен. Имав период на големина. Без него не би преживеал.“ Анатолиј Борисович го забрза чекорот и одеше по улицата во пресрет на ветерот.

„Истекувам, истекувам некаде - си мислеше тој - о, Боже!“

Светот го угнетуваше со својата бесмисленост. „Тоа е зашто тој мене ме надмина, оттука натаму е бесмисленоста - се реши. - Дури и столбот, недушевен предмет, дури и тој ме надмина.“

Анатолиj Борисович се задлабочуваше во градот.

Сè му се чинеше апстрактно: високите линии на зградите што одат во задсознанието, сигналите на возилата, толпата луѓе што ислезнуваат. Сопствениот живот му се чинеше дури и полоша, едвај видлива но упорна апстракција.

„Не гледам никаква реалност“ - плачливо помисли и посака да плесне со дланките.

Конечно, Анатолиј Борисович стигна до зградата во која работеше, се мушна покрај дебелите тела, до својата секојдневна стаклена маса.

Наоколу поминуваа широки муцки полни со мечти, трештеа машините за пишување, додека пред Анатолиј Борисович лежеше куп хартија. Нему му се чинеше дека сета таа хартија зборува повеќе од него.

Анатолиј Борисович дојде до прозорецот.

„А што ако се оствари“ - повика некој длабоко во него.

Треба да „се оствари“, треба - па нема тој да остане таков засекогаш. Тивко, со раширени уши, Анатолиј Борисович наслушна. Не слушајќи ништо, седна на масата и почувствува дека целиот негов живот е како час по геометрија.

„Секое предметче, столчето, мастилницата - е далечно и личи на теорема“ - помисли Анатолиј Борисович. Сите влегуваа, излегуваа и беа зад границата.

Набргу Анатолиј Борисович излезе. И повеќе не дојде. Еден месец подоцна, истражниот судија Дроњин, на папката со името на Анатолиј Борисович, ја стави последната и единствена белешка: „Исчезнал бестрага“ - и ја затвори папката.

Извор: Вампир-психопат, Темплум, 2006.
Превод од руски: Павел Попов
Слики: Антонио Ли

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото