Итанесиес

15.09.2014 10:08
Итанесиес

Последното спомнување за земјата Итанесиес може да се сретне во прастариот „Азбуковник“, датиран во XIV-XV век. „Земјата Итанесиес – вели 'Азбуковникот' – се наоѓа зад северното море; населена е со луѓе со мали тела и големи уши, ушите им се толку огромни што тие може да живеат виткајќи се во увото како во платно“.

Овде завршува „Азбуковникот“. А, јас започнувам.

Филолозите го изведуваат зборот „Итанесиес“ од Италонекос, што од една страна посочува на италските племиња, а од другата страна, ја сврзува судбината на тој народ со името на египетскиот цар Нехо (Νεχώς) или со грчкиот збор (νέφος) што значи „облак“: не навлегувајќи во одвишна филологија, може да се сфати дека татковината на Итанесијците е облачното и влажно јужно подрачје во близина на Египет.

Од „Азбуковникот“ е јасно дека Итанесијците беа суштества со едно (како што е веќе речено) огромно уво, така што од увото не може да се види самиот човек. Итанесијците едвај се движеа: нивните слаби и бескорисни нозе се плеткаа во долгите ушни реси, ’рскавицата на увото се закачуваше за попатните камења и гранки. Впрочем, тие не сакаа да се движат: дење големоушестите ползавци се криеја во длабоки пештери, се затајуваа во густите шуми. Но и таму птичјиот пој и свирежи, бучавата на боровите шишарки во пад, дури и шушкањето на растот на дрвјата го мачеа и го заглушуваа истенчениот слух на Итанесиецот. Стегајќи го увото до земјата, неподвижно ничкосан, Итанесиецот трпеливо ја чекаше тишината на ноќта. Дури кога згаснуваше зората и денот стивнуваше, тој внимателно, за почеток само со работ, потоа со надворешниот крај, и дури потоа со целото уво се одвојуваше од земјата и блажено легнувајќи на грб, му го откриваше својот чудесен слух на ѕвезденото небо, слушајќи го она, што само тој можеше да го слушне. Во тоа време Итанесиецот, обично плашлив и претпазлив, можеше да се излови со голи раце: тој не пружаше отпор во заробеништво и дури под сечилото на ножот, умирајќи, сѐ уште го подаваше увото нагоре, кон ѕвездите.

Јужните краишта се премногу бучни и напорни за нежниот слух. Колку и да се криеја Итанесијците во безвучноста, многумина загинаа во ударот на звукот: бучавата на далечниот порој, тропотот на копитата, клацкањето на запрегата ги убиваа наместо.

Напуштајќи ги далечните шумски живеалишта, овој неверојатен народ како повикан од повик што само тој можеше да го слушне, започна да ја бара тивката и нема земја, каде што не допираа ниту најмалите звуци на рапавата земјина кора, каде што самиот воздух е мртов и неподвижен: накусо, да ја бараат ветената Земја Итанесиес.

Тешко е да се набројат сите болки и смртта што ги чекаа на патот: Итанесијците се движеа само во ноќите, меѓу стишаните шумови, внимателно заобиколувајќи го секое шушкање и треперење што им се закануваше по животот, при секој најмал звук сместувајќи си го увото во мовта.

Долги години траеше лутањето на несреќниот народ: убивани од нишањето на ветрот, од тропотот на чевлите што поминуваа по патот, заморно влечејќи ги по земја своите раскрвавени уши, Итанесијците одеа и одеа, напред и напред, водени од повик што само тие можеа да го слушнат. Постепено рапавите гласови на земјата стануваа сѐ потивки, поретки, подалечни: предводницата на Итанесијците зачекори во пустински, одамна напуштен северен крај: во северниот крај постоеше само тивкиот лет на снегулките, триењето на облаците во воздухот и тивкото шушкање на мовта. Само.

Преживеаните Итанесијци, изнемоштени и среќни, еден по друг паѓаа на снежното кадифе, со кренатите до ѕвездите ушни школки сладострасно пиејќи го далечниот чекор на ѕвездите. Првите пристигнати во земјата Итанесиес стигнаа напролет, во добата на топењето на мразот и на бледо-зелените фиданки. По пролетта стигна летото. Потоа, сонцето ненадејно ги крена зраците од почвата и ја фрли земјата во поларна ноќ и студ. За Итанесијците дојдоа тешки денови: нивните малечки тела без коса беа стегнати со поларен студ. Што требаше да се стори? Спасувајќи се од смртта, дојденците започнаа да се виткаат во своите уши, криејќи ги заледените телца во свитливата ’рскавица. Се покажа дека подобро приспособени се оние, чија што ’рскавица беше поеластична и помека, оние што беа дотогаш презирани за слаб одѕив кон хармонијата на ѕвездите; другите пак, со цврста и резонантна ушна школка, изгинаа. Студот поставуваше дилема: или да се претвори увото во облека, да престане да се слуша и да се остане жив или пак, бидувајќи верен на прастариот дар на итанесискиот слух, да се умре.

Најголемиот дел од нив заминаа по широкиот пат, но имаше и такви Итанесијци што не сакаа да го дадат слухот за живот: набргу нивните заледени трупови ја покрија мазната снежна рамнина на северната земја. Повеќе нема вести од таму. Само легендата за светската хармонија, напуштајќи ја мртвата земја Итанесиес, сѐ уште шета меѓу луѓето.

1922

Превод од руски: Павел Попов
Слики: Randy Grskovic

Слични содржини

Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност
Книжевност

ОкоБоли главаВицФото