Парите и моралот

14.08.2018 00:35
Парите и моралот

Парите се важни. Со нивната распределба од државниот буџет се одлучува кој ќе добие здравствена заштита, кој ќе може да се школува, кој ќе прима помош за невработени, кои дејности и компании ќе бидат поддржани и дали државата ќе оди во војна. Ставките во државниот буџет ги покажуваат моралните ставови на општеството, како со него и кој ја има вистинската моќ. Како што кажува песната, парите го вртат светот. Политичката филозофија и филозофијата на моралот долго време се раководеа според економските теории. Според Лок, трудот (обработувањето на земјата) заедничкото земјиште го претвора во приватно. Бетам се залагал за поголема еднаквост во општествената распределба. Есејот на Маркс, „Моќта на парите“ е и ремек дело на филозофијата на моралот. Но оваа поврзаност и плодното вкрстување на идеите, главно се отсутни од современата мисла за светот. Филозофијата на моралот и теоријата на финансиите, денес меѓусебно се игнорираат.

Верувам дека на сите им е јасно дека финансискиот капитализам владее со светот, па за тоа нема да трошам зборови. Но обично пропуштаме да видиме до која мерка финансискиот капитализам успеал да ја протера етиката од прашањата за парите. Се разбира, на инвеститорите им се важни парите, а не етиката. Монетарните институции кои инвестираат во јавното штедење (како што се пензиските фондови или осигурителните фондови) и нивните менаџери и регулатори обично сметаат дека пазарите, вклучувајќи го и финансискиот, најдобро знаат сè и притоа тоа „најдобро“ се поистоветува со барањата на потрошувачите. А тие барања ги формираат и со нив манипулираат медиумите и бизнисот на начин на кој им одговара на бизисите и нивните профити.

Наместо да ги почитуваат моралните вредности, на креаторите на политиките и инвеститорите единствено мерило за одлучување им се потребите кои ги создава понудата на производи. Потрошувачките и преференциите на финансиките менаџери се сметаат ipso facto исправни и со тоа се ислучува моралниот суд. Тој став преовладуваше и во политичката арена на она што некогаш беше демократска пракса. Пропагандата заснована врз психографско ископување на податоци управува со изборното однесување на потрошувачите, како што маркетингот за производи влијае врз нивното купување. Се смета дека резултатите зборуваат сами за себе и дека не е потребно никакво понатамашно истражување. За она што е важно одлучува она што им се допаѓа на луѓето. Станавме општество на емотикони во кое се смета само немислечкото пасивно допаѓање. Во светот на инвестициите тоа се изразува со триумфот на пасивното инвестирање со кое управува компјутер.

Неколку струи на мислење се здружиле за да нашиот свет го направат аморален. Ако моето допаѓање е еднакво вредно како и твоето, а допаѓањето е мерило на вредноста, победува моралниот релативизам. Со други зборови, ако моралната вистина е субјективна, лична, моите морални преференци се подеднакво вредни како и твоите - може да раскрстиме со моралот. Со тоа се оправдува догмата дека единствено бизнисот треба да управува со парите, бидејќи она што носи пари е одраз на она што им се допаѓа на луѓето, што преферираат, што избираат да го купат, па според тоа е единствениот влијателен темел на одлуките на инвеститорите. Без разлика дали ќе изберат лимузина што што троши многу гориво или штедлив електричен автомобил – и едното и другото е подеднакво во ред.

Најголемиот државен фонд во светот, норвешкиот државен пензиски фонд (NGPF-G), во Норвешка познат како „Petroleumsfondet“, главно го приваќа таквиот став бидејќи смета дека критериумите на одговорното инвестирање (environmental, social and governance – ESG) треба да му се подредени на бизнисот и да придонесуваат за остварување на најголемиот можен профит (единствен исклучок се компаниите кои тешко ги прекршиле човековите права или еколошките прописи, при што NGPF-G не ги уважува Целите за одржлив развој на Обединетите нации, ниту принципите на зелената економија). Ова е лакмус тест дали одговорното инвестирање е еднакво „ефикасно“ во правењето пари како и неодговорното. Дури и просветените инвеститори, како што е Џереми Грантам, не се занимаваат со ова етичко прашање. Кога го бранеше откажувањето од фосилните горива, тој рече: „Етичките аргументи за дезинвестирање, едноставно не се потребни. Тие се чист бонус.“

Да земеме два примери. Првиот се климатските промени. Кога рудниците на јаглен и енергијата добиена од јагленот би биле профитабилни (а можат да бидат со субвенции), дали тоа би биле одговорни инвестиции? Дали профитабилноста го надвладејува моралниот императив да се намали емисијата на штетни гасови? Сакаме да ги избегнеме климатските промени заради нивното катастрофално влијание врз човештвото и природата, а не само затоа што правиме пари со преминувањето на зелена економија. Одговорното инвестирање не може да се применува само на случаи во кои профитабилноста се совпаѓа со нашите морални вредности, туку тоа треба да се темели на минималниот морален консензус на едно општество.

Вториот пример се клучните корпоративни одлуки за распределбата на дивидендите и земањето заеми. Често се прави превид на фактот дека одлуката на управниот одбор на компанијата за тоа колкав дел од профитеот ќе се издвои за дивиденди нужно отвора морални прашања: колку треба да добијат работниците, а колку акциониерите, дали краткорочно приоритет треба да им се даде на сегашните акционери или за долгорочно развивање на компанијата, во колкава мера позајмувањето и намалувањето на трошоците ја загрозува иднината на компанијата додека на приватните менаџери на капиталот од акционерите тоа им носи максимален профит. Начинот на остварување профит и моралните вредности се неизбежно поврзани.

Многу институционални инвеститори искрено се на страната на зауздувањето на климатските промени и обезбедувањето одржливост, но во тоа погрешно ги спречува ставот дека нивните одлуки треба да се во согласност со остварувањето на профит. Движењето за одговорно инвестирање (види Принципи на одговорно инвестирање, кои ги потврдија и поддржаа Обединетите нации, а чиишто потписници управуваат со имот вреден 80 милијарди долари) само се залажува – без морална проверка нема одговорно инвестирање.

А треба да се додаде и сродната грешка: мешањето на ефикасно со исправно. Во модерната теорија на портфолио, цената на акциите или обврзниците во секој даден момент не е само „ефикасна“, туку и правична цена, затоа што се претпоставува дека таа ги одразува сите информации достапни на учесниците на пазарот, за кои, пак се претпоставува дека постапуваат рационално во обидите да го зголемат својот профит. Таа теорија едноставно сама себе се верификува, уште повеќе што товарот на формирањето на цените на пазарот сега е пасивен, бидејќи портфолиото самото репродуцира вредности сугерирани од пазарниот индекс и со тоа ја гарантира неизбежноста на ирационалното формирање на цените во облик на наизменично дување и пукање на балонот. Примената на модерната теорија на портфолиото води во апсурд: таа е неуспешна според сопствените мерила.

Проблемот го отежнува и тоа што етичкото истражување на управувањето со парите главно изостанува. Филозофијата дигнала раце и од парите и од економијата, со неколку чесни исклучоци како што е Мајкл Сандел (Харвард) и Томас Пог (Јејл), кои се занимаваат со парите и пазарите, економската правда и сиромаштијата. Терминот „филозофиј на парите“ нема да го најдете во енциклопедијата на филозофијата на Стендфорд или на Википедиа. Постои филизофија на биологија, на религија, историја, на филм, јазик, неврофилозофија, феминистичка филозофија итн. Но наспроти очигледните онтолошки прашања и моралните дилеми кои ги следат современите финансии, единствена референца на филозофија на парите е делото на Џорџ Симел (Georg Simmel), од преминот меѓу 19-от во 20-от век.

Накратко, ова е двоен апел: до одговорните инвеститори да се ослободат од стравот дека треба да ги оправдуваат своите благородни морални причини; и до филозофите да се свртат кон моралните прашања вградени во темелите на нашата економија на парите.

Извор: Social Europe

 

ОкоБоли главаВицФото