Остров на слободата во морето авторитети

17.06.2009 13:20
195__.jpg

Веднаш по натпреварот „жешко тело“ и пред поворката нападно нашминкани кинески оперски пејачи да ја напушти бината, полицијата се закани дека ќе го затвори првиот геј фестивал во Кина. Властите веќе ги натераа организаторите да откажат дел од претставите, филмските проекции и друштвени собири.

Хана Милер, американска учителка која помагаше во организирањето на еднонеделниот геј фестивал во Шангај, подоцна мораше да преговара со полицајците за да може да продолжи фестивалот. Морала да го намали метежот и да ја стиши вревата, и што е најбитно, да „не дозволи ништо што би можело да ја посрамоти Владата“. Кризата поминала, забавата продолжила...

„Недела на гордоста“ во Шангај покажува колку постигна кинеската геј заедница и уште колку треба да се работи на прашањето за остварување на правата. Откако пред дванаесет години хомосексуализмот е тргнат од листата на ментални заболувања, геј заедницата во Кина несомнено процвета. Во повеќето големи градови постојат геј барови, а постојат и интернет страници за дружење кои се погодни за оние кои живеат во руралните подрачја.

Меѓутоа, толеранцијата на властите е ограничена. Геј публикациите и претставите се забранети, а интернет страниците повремено се блокираат. Оние хомосексуалци кои сакаат да се борат за поголема законска заштита често се вознемирувани од полицијата.

Овој месец, полицијата го натера Ван Јан Хи, адвокат за хомосексуални прашања, да го напушти Пекинг на една недела бидејќи, според нивното мислење, би можел да им создава проблеми на властите на дваесетгодишнината од протестот на Тјенанмен. „Понекогаш чувствувам дека играме сложена игра со Владата. Никој не знае каде е границата, но ние продолжуваме да туркаме“, изјави Ван за New York Times.

Се разбира, владата може да притисне и посилно. Минатиот месец, кинеските власти издадоа директива со која бараат сите компјутери да вклучат софтвер со филтери кои блокираат порнографски слики, како и геј страници кои ги содржат зборовите геј, лезбејство или хомосексуалност. Ван и останатите се плашат дека новите правила можат ефикасно да им го оневозможат пристапот до информации почнувајќи од оние организации кои се занимаваат со СИДА до страниците кои им помагаат на луѓето да се соочат со својата сексуалност.

Пекиншкиот весник на англиски јазик China daily им создаде понатамошни компликации на организаторите на „Недела на гордоста“ во Шангај. Имено, за време на оддржувањето на манифестацијата, на насловната страница објавија приказна за овој фестивал, прикажувајќи го настанот како почетен знак за кинеските социјални реформи.

За време на тримесечните планирања, организаторите имале ограничувања кои подразбирале дека фестивалот не смее да се рекламира и да наликува на геј парадите што се оддржуваат низ светот. Милер, која помагала да се отвори првата Шангај геј интернет меилинг листа 2006, објаснува дека организаторите на овој настан претежно се странски државјани. „Ако имате странски пасош, мислам дека не е лесно да ве заплашат“, вели таа.

Минатата недела властите посочија неколку геј страници и ги предупредија нивните сопственици дека ќе сносат последици доколку го поддржат планирањето на фестивалот. Драмата „Прокет Ларамие“, претстава за убиство на геј студент, откажана е по упаѓањето на полицијата за време на пробата. Полицијата ги запишала имињата на глумците од претставата, и бидејќи гласините за упадот се рашириле, изведувачите го откажале учеството на фестивалот.

Учесниците на Недела на гордоста во Шангај беа непоколебливи хомосексуалци главно помлади од 30 години, како што е Гу Ана, деветнаесетгодишен студент по економија, и Ванг Лианг, дизајнер на мебел, кој можеби беше единствениот што дојде со мајка си. Јин Јинг, неговата мајка, рече дека малку била запрепастена кога синот и’ кажал дека е хомосексуалец, но дека не била сосем изненадена.
„Јас сум негова мајка. Ако тој е среќен, тогаш сум и јас“, вели таа.

Сепак, оваа жена е редок пример. За повеќето хомосексуалци во Кина откривањето на својата сексуална определба е незамисливо. Родителите очекуваат наследници од своите синови и ќерки, а овие очекувања станаа уште поголеми откако владата донесе закон со кој едно семејство во Кина може да има само едно дете.

Расположението на Хуанг Јианкунг се сменило кога се присетува на својата болка што ја почувствувал кога им признал на родителите дека е хомосексуалец. Неговиот татко, пензиониран воен офицер, плачел неконтролирано додека неговата мајка го натерала да вети дека ќе се држи настрана од мажите. Посетата на домот, за време на новата година, станала неподнослива, особено поради постојаните прашања од роднините зошто и понатаму е неоженет. „Можам да го поднесам притисокот, ама не можам да поднесам кога ќе видам болка на лицата на моите родители“, вели Хуанг.

За да ги смири своите родители, тој организирал лажна венчавка со својата другарка, лезбејка, но смета дека, во секој случај, вистината кога-тогаш ќе излезе на виделина.

На другата страна на градот неколку стотици мажи, главно на педесет и шеесет години, времето го минуваат во една запуштена сала за танц на улицата Лаи Лаи, која се наоѓа во една од помалку гламурозните шангајски населби. трипати неделно тие им бегаат на своите жени за да танцуваат едни со други следени од пеењето на пејачот аматер.

Додека го води својот несмасен партнер преку подиумот, Зоу Аивен, кој има 73 години, раскажува за животот поминат во невозвратена желба, но и за својата посветеност на кинеската традиција. „Мојот син сега е дете, и затоа не морам да се грижам.“

Кога се спомена темата за геј бракови, Зоу се насмеа. „На Кина и’ се потребни уште најмалку 30 години за да се случи тоа“, вели тој.

Извор: e-novine