Сепак планина во Берлин!

23.05.2011 12:56
Сепак планина во Берлин!

За планината во Берлин еднаш веќе пишувавме на Окно. Имено, станува збор за аеродромот Темпелхоф кој е надвор од употреба, а за чиј огромен простор се дискутира за што би се пренаменил.

На некреативноста на понудените решенија во 2009 г. реагираше архитектот Јакоб Тигес со својот проект за планината Berg, висока илјада метри. Од другите екстремни предлози ќе ги споменеме оној во кој просторот на аеродромот е предвиден да се претвори во зона со црвени светла, во луксузен центар за убавина со писта за приватни авиони, а еден од нив предвидуваше и вештачко езеро (долго околу 1,8 км) со остров на кој би била сместена 180 метри висока воздушна турбина. Сепак, повеќето проекти нудеа малку здодевни решенија за станбени и јавни зони. На крајот, Градскиот сенат ги отфрли сите предлози кои предвидуваа парцелизација на зоната и изградба на станбени и општествени објекти. Усвоен е план зоната да се пренамени во градски парк. Градот планира да вложи 61 милион евра за негова изградба. Првата фаза би требало да е готова до 2017 г., кога во паркот е предвиден Фестивалот за меѓународно градинарство, а целиот проект треба да биде остварен до 2020 г.

Пред архитектите беше поставен предизвикот за создавање нова градска зона кој би опфаќала паркови, гробишта, зони за рекреација, дива природа и зона за авантуристички спортови. Минатото лето градот Берлин ги објави шесте проекти кои влегоа во потесниот круг. Избраните проекти ја инкорпорираат постоечката аеродромска зграда, заштитеното монументално дело на фашистичкиот архитект Ернст Сагебиел, двете аеродромски писти и останатите историски градби во нов проект, што беше и еден од предусловите за конкурсот. Така за идните поколенија ќе биде зачувано сеќавањето на аеродромот кој имал исклучителна важност во историјата на Берлин.

Овие проекти влегоа во потесен избор:

Rehwaldt Landschaftsarchitekten од Дрезден нуди решение во облик на низа концентрични кругови во кои би се одвивале различни активности.

Проектот на студиото Gross.Max од Единбург вклучува овоштарници и пчеларници во новиот градски парк.

Пејзажните архитекти од берлинското студио Capatti Staubach ги користат постоечките писти на аеродромот како основа за троделната поделба на новиот парк. Едната зона би била наменета за друштвени и спортски активности, втората би била парк, а во третата би се одгледувале овошје и зеленчук.

Троделната поделба ја следи и берлинската компанија Bbzl Böhm Benfer Zahiri.

Берлинската канцеларија Topotek 1 предлага минимални промени. Зеленило и нови патеки во зоната на некогашниот аеродром. Интересен е нивниот предлог во еден од секторите да се организираат и мали градски фарми.

Пејзажните архитекти од BASE Париз, понудија сложен и демократски проект во кој месното население би решавало за важноста на одредени активности в паркот.

Минатиот месец беше донесена и конечната одлука. Проектот на канцеларијата Gross.Max во соработка Sutherland Hussey Architects е прогласен за победник и сега е јасна иднината на Темпелхоф. Покрај споменатите пчеларници и овоштарници, меѓу кривулестите патеки за прошетки, павилјоните, езерата за лизгање на мраз и заштитените зони за автохтони птици и инсекти, се истакнува и планината висока 60 метри која е наменета за планинарење и алпинизам. На тој начин замислата на Тигес заживеа, иако во значително помал размер. Планината ќе има површини за слободна искачување и во својата внатрешност, што на некој начин ја прави зграда „обложена“ со планина. На нејзиниот врв ќе се извишува скулптурата на природонаучникот Александар фон Хумболт, роден во Берлин.

Сепак, не се сите задоволни со одбраното решение. Зелената партија и многу граѓани замеруваат дека проектот е неумерен. Веќе една година паркот е во употреба и противниците на проектот тврдат дека повеќето промени кои се планираат се непотребни. Се плашат дека ќе се изгубат отвореноста и единството на тој огромен простор кои го прават паркот уникатен. Исто така, во просториите на терминалот и хангарот се одржуваа многу саеми, па многумина сметаат дека тој облик на соживот на саемите и рекреацијата е успешен рецепт кој не треба да се менува.

Извор: pogledaj.to

Тука би можело да се

Тука би можело да се начичкаат миниМУН 1000 споменици, триумфални порти и разни животињи, своевидни овоштарници за историја.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото