Морализаторски мазохизам

26.10.2011 12:57
Морализаторски мазохизам

Во својот текст „Скапоцениот камен на Африка“ (The Jewel of Africa), објавен во The New York Review of Books, Дорис Лесинг нè враќа во 1980 г., во времето кога Родезија го менуваше името и стекнуваше независност.

Претседателите на Мозамбик, Самора Мачел, и на Танзанија, Јулиус Нјерере, тогаш му рекоа на Роберт Мугабе: „Во рацете го имаш скапоцениот камен на Африка. На тебе останува сега да се грижиш за него“. Триесет години подоцна, скапоцениот камен е ограбен. Сè растело на оваа рајска земја, богата со јаглен и руди. Но и на самиот рај му се потребни суперструктури, инфраструктури, а тие сега се уништени. За пропаста е одговорен еден човек – Роберт Мугабе. Тој сега претставува предмет на општо гнасење, но долго требаше, пишува Лесинг, неверојатно долго траеше молкот на добронамерниците: „Колку злосторства се сторени во име на политичката коректност? Убиецот може да се извлече од секаква осуда ако е црн. Тоа му се случи на Мугабе и траеше со години“.

Овие зборови ги напиша жената која одамна се ангажираше во борбата за ослободување на народот и еднакви права. Укажувајќи на тоа дека империјалистичката дрскост му ја предала штафетата на етноцентризмот на каењето, на тоа дека сликата на Западот како универзален добродетел ја наследи сликата на Западот како светски злосторник. Со други зборови, политичката коректност не е крај на „сето западњачко“, туку негова нова деноминација. Од Европа произлегува разочарувањето, како што порано тоа беа среќата и еманципацијата. И постои само еден можен расизам: расизмот на белиот човек. Само тој е виновен за насилството и исклученоста. Само тој одржува срамни говори и причинува грозотии. Сè друго е анти-насилство.

За западната душа денес се грабаат две сеништа, два страва: стравот од тероризмот и стравот од старите демони. За едни непријателот постои и треба да се бориме. За други, за нивниот, како што Октавио Паз би го нарекол, „морализаторски мазохизам“ (masoquismo moralizador), злото е интимно, злото е во нас и треба деноноќно да го набљудуваме. Бидејќи сè уште е, како што би рекол Брехт, „плоден стомакот од кој излегла нечистата ѕвер“.

Имено, логиката на морализаторскиот мазохизам води во еден неверојатен апел: апелот да бидеш масакриран. Очигледно е тоа од неговиот парадигматски текст, од Сартровиот предговор на книгата на Франц Фанон „Презрени на светот“ (Les damnés de la terre): „Бркајќи го колонизаторот со оружје, колонизираниот се лечи од колонијалната невроза... Ние од растојание ја сметаме неговата војна за триумф на варварството; но таа војна сама по себе води кон сè поголема еманципација на борецот и, во него и надвор од него, постепено ги растерува колонијалните мракови. Само што ќе започне, тој е немилосрден. Треба да се остане заплашен или грозен; тоа значи: или да се препуштиш на распаѓањата на животот или да стекнеш родово психичко единство... оружјето на борецот е неговата човечност. Бидејќи, на почетокот на побуната треба да се убива: да се ликвидира Европеецот, тоа значи со еден удар да се убијат два зајака – да се отстрани истовремено угнетувачот и угнетениот; како резултат се појавува еден мртовец и еден слободен човек; преживеаниот под своите стапала за првпат го чувствува националното тло“. Значи, за да преживее човештвото, Европа мора да умре. Да се искупиш, во логиката на морализаторскиот мазохизам тоа значи да го испуштиш здивот, да умреш.

Значи, светот е поделен не само на два табора туку и на две категории, на два типа суштества: луѓе-причини (ние, или Западот) и луѓе-последици (другите). Ние суверено делуваме, а другите реагираат како знаат и умеат. Додека ние живо ги прекршуваме нормите на меѓународното право, тие запаѓаат во илегалност дури тогаш кога положбата им станува безнадежна. Ние сме виновни за своите престапи, нивните се објасниви.

Оттука произлегува таа крајна агресивност на самонаречените мировници. Апсолутно се сигурни дека знаат за стожерот на сите неправди, сите стравотии, сите катаклизми, и се борат против него. Под привидот на протестите против злосторничкиот непријател, го враќаат непријателот-злосторник во рамките на својата/нашата цивилизација.

При морализаторскиот мазохизам вкупната вина се состои од мешавина на чувтсвото дека не си, дека не си ништо што вреди, и гордоста што си, што си извор на сите зла. Во таа крајна понизност има своевидна вообразеност – човек истовремено се понижува и си ласка, истовремено клечи и се наведнува. Татко на оваа необична „физијатрија“ е Жан-Жак Русо. Имено, тој прагревот го заменил со празлосторството: историјата не ја придвижила грешката на првиот човек туку социјалната нееднаквост. „Првиот извор на злото е нееднаквоста“, му пишал тој во својот одговор на Станислас. Метафизичкото зло со Русо станува политичко зло, проблемот на човечкото е редуциран на проблемот угнетување. На неговото идејно потомство му ја должиме идејата за посегнувањето по празлосторството, за тоа да се фати сторителот на празлосторството за човештвото да може да заживее во својата целост.

Оттогаш од пијанствата или месијанските нестрпливости се обиделе да нè отрезнат мислителите и уметниците погодени од 20-от век, сите оние кои ни го прикажуваат апсолутниот ужас и размислувале за него, враќајќи нè кон практичната мудрост, односно способноста да го воочиме општото, тргнувајќи од поединечното. Имаше такви кои се обидуваат да нè потсетат дека Земјата не е населена со Човекот, туку со луѓе во нивно мнозинство, од Примо Леви преку Хана Арент до Данило Киш. Токму тие ни покажуваа каква е врската меѓу насмеаните идеали и нивната злокобна стварност. Концентрацискиот логор за нив не е крај на сонот за целовитоста на битисувањето, туку негово остварување. Искуството ги научи дека логорското угнетување е исход од редукција на човечкиот феномен на проблем на угнетување. Ако секое делче, секој миг од животот е само дел од судирот меѓу угнетувачот и угнетениот, ако ништо не треба да се исклучи од одмерувањето на односот меѓу тие сили, тогаш, правно, на љубопитната власт која има мандат да ги направи сите луѓе среќни и здрави, ништо не смее да ѝ се измолкне. Не постои противречност, туку причинско-последична врска меѓу благородниот идеал за обновено човештво и паноптичка реалност на сеприсутната власт. За да може да ги почитува луѓето, политиката мора да се откаже од тоа да го зазема целиот простор на човечкото, да биде „сè“.

Пол Лудвиг Ландсберг, еврејско-германскиот филозоф кој се преобратил во христијанството, и кој во 1933 г. побегнал од Германија во Шпанија, а потоа во Франција, во 1937 г. во француското списание Esprit објави исклучителна статија за личниот ангажман (Réflexions sur l’engagement personnel). Тој ни сведочи: „Таквата активност е речиси невозможна без своевидната решителност за несовршената работа (décision pour une cause imparfaite), бидејќи ние не избираме меѓу апстрактните принципи и идеологии, туку меѓу реалните сили и движења кои од минатото и сегашноста водат во областа на можностите за иднината... Една таква свест за несовршеноста (conscience de l’imperfection) ќе ја зачува предаденоста (fidelité) кон некоја работа од секој фанатизам, односно од секое уверување дека во животот може да се поседува некаква апсолутна и интегрална вистина“.

Таа лекција не даде плод, не ја доживеа сегашноста. Во 1943 г. Ландсберг бил депортиран во концентрациониот логор Sachsenhausen и не се вратил оттаму. Но свеста за несовршеноста денес не ни е ништо помалку потребна одошто тогаш.

Извор: peščanik.net

Илустрации: Мао Јанјанг

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото