Маргинализирани во центар

17.08.2009 13:01
Irena-naslovna-17-08-27.jpg

Една од моите чести теми во пишувањата на блогот, Окно и Дневник беа проблематичните нови центри за лекување на зависност од дроги. Во неколку наврати пишував за систематски спречувања на овозможувањето лекување на нашите сограѓани. Конечно после 15 години чувме добра вест.

Една од моите чести теми во пишувањата на блогот, Окно и Дневник беа проблематичните нови центри за лекување на зависност од дроги. Во неколку наврати пишував за систематски спречувања на овозможувањето лекување на нашите сограѓани. Конечно после 15 години чувме добра вест.

Се одважија надлежните и аминосаа нов центар за лекување на зависници во рамки на Клиничкиот центар. Центарот е мал. Има можност за згрижување на 100 пациенти, но тоа е всушност најдобар начин за лекување. Центарот во Кисела вода не само што неколку години е затворен за прием на нови пациенти, туку е толку пренатрупан што во просек доаѓаат четворица доктори на 160 пациенти. Лекувањето на зависности воопшто не е едноставна процедура. Целосниот третман не смее да се исцрпи единствено во супститутна терапија. Доктори, но и социолози, психолози, психијатри мораат да работат со сите пациенти. Токму затоа мал центар за лекување на зависност од дроги е најдобро решение. Помал број на пациенти значи повеќе време кое ќе им биде посветено од страна на вработените.

Друга радост ми предизвика изборот на локација. Во обидот да се лобира кај градоначалниците за отворање повеќе вакви центри речиси сите имаа забелешки за изборот на „токму нивната општина“. Паѓаа предлози за зад Водно, после Сарај, некаде подалеку од населените места, зад Карпатите. Дури и оној кутар центар во Кисела вода пречека безброј барања, ветувања, предлози за дислоцирање. Што подалеку од наши очи. Оделени, гетоизирани, исфрлени на маргините од нашиот простор. Тоа се чисти дискриминаторски стратегии на сегрегација. Јавниот простор е регулиран и нормиран од овој лажен морал. Јавниот простор е конструиран низ овие стратегии на ексклузија, на социјално исклучување на од мнозинството прогласените „морално неподобни“.

Предрасудите врзани за корисниците на дроги се силни и длабоки во нашето општество. Поради нив 15 години со мирна совест гледавме како ни умираат сограѓаните кои не стигнуваа за влезат во третман. Цели 15 години сталожено минувавме низ кршењето на основното човеково право, правото на лекување. Идејата да се отвори центар надвор од градот е глупава и неефективна. Секојдневното земање метадонска терапија за овие луѓе би значело секојдневно патување од домот до немајкаде. После еден месец и најупорните би се откажале.

И токму затоа отворањето на овој нов центар во урбана средина го доживеав како еден мал, но многу важен исчекор. Мојата радост ја поделија многумина вклучени во процесот на овозможување лекување. Изјавата на раководителката на дневниот центар за лекување на болестите на зависноста, докторка Лилјана Китева-Игњатова беше пренесена на речиси сите медиуми. Таа рече: „Во урбана средина, во клинички центар, немаргинализирано, не на крајот на градот, ова е потег кој зборува за дестигматизација на овој проблем и на лицата кои бараат третман за опијатни дроги.“ Таман да воздивнете и утешно да си кажете- почнаа да мрдат работите во оваа застоена вода и се натопори министерот за здравство, Бујар Османи.

Отпрво доста критичен кон себе и одговорните околу динамиката на отворањето на повеќе вакви центри кога дискриминаторската реторика почна така слатко да тече од устата на овој лепушкаст, млад министер. Предрасуди во свилени ракавици. Министерот Османи откако задоволно се смешкаше пред камерите за завршената работа продолжи да ги смирува неиздржаните стравови и да ги лекува повредените предрасуди и стереотипи повторно заговарајќи ја истата стратегија на сегрегација. Уште поголема, уште поопасна.

„Сметам дека отворањето во оваа локација нема да биде на штета на никој во државата. Ќе има посебен влез во кој ќе се влегува во објектот, физички одвоен од пациентите во другите установи и се разбира дека во од ќе ја следиме работата на самата служба и доколку се појават евентуални проблеми ќе реагираме.“- рече Министерот Османи мртов ладен. Во исто време додека остварува лекување, министерот ветува физичка одвоеност и посебен влез за зависниците. Да не ве потсетувам на историските и актуелните физички одвојувања на одредени луѓе од други. На тоа ќе се згрозуваме, а за истава стратегија пренесена на микро ниво смирено ќе молчиме.

Предрасудите и стереотипите беа уште посилно зачинети од пост фестум реакциите на вработените во околните клиники во Клиничкиот центар. Неколкумина анонимни вработени во клиниките се јавија со остра реакција против отворањето на центарот за лекување на зависници од дроги во дел од медиумите. Според несензибилизираните и полни со предрасуди доктори и претставници на медицинскиот персонал зависниците и идни пациенти не се добредојдени во нивното работно опкружување.

Аргументите со кои го бранеа својот став се можност од ширење зарази и страв за безбедноста на вработените. Тие лекувале луѓе болни од туберкулоза, а зависниците имале намален имунитет и ширењето зарази и инфекции наводно ќе било зголемено. За глупавоста на овој аргумент доволно зборува фактот дека средствата за отворање на овој центар се донирани од Глобалниот фонд за борба против сидата, туберкулозата и маларијата. Вториот аргумент за очекувано насилство од страна на пациентите го објаснуваат со периодот на апститенција. Исто така глупав аргумент поради супститутната терапија најпрво, а второ периодот на апстиненција или можни кризи се проследени со немоќ, малаксаност и болки кај зависниците.

Но не. Корисниците повторно останаа да бидат маргинализирани, физички одвоени од останатите луѓе и окарактеризирани како ширачи на зарази и насилници. И после се` министерот имаше совест да зборува за отпор кај локалното население и локалната заедница. Чудно не ги спомена предрасудите и дискриминацијата. Изгледа таа е одобрена и допуштена. Ете така повторно сме сведоци не на чин на изградување туку на о-градување на центар за лекување на зависност од дроги. Маргинализирани во центарот.

Илустрации: Emilio Ponzi

Па тоа е...луѓето имаат страв

Па тоа е...луѓето имаат страв од другоста, им се крева косата ако видат некого нешто поразлично што се одвојува од НОРМАЛНОТО и  што е таргетирано како опасно.
Сето тоа има врска. Еден вид, една нација...ама да биде чисто. И евидентно е дека постојат различни степени на чистота. Во случајов делбената линија не е националната припадност, туку зависноста од дрога.
Всушност, во однос на еден идентитет или состојба си лебарка, а во однос на друг може да си човек итн.  
Мислам дека во овие времиња кај нас човек има реални услови сите овие работи да ги осознае и да ги почувствува на дело. Без прераскажување, туку на лице место ! Мислам дека за тоа треба да и бидеме “благодарни“ на актуелната власт ! 

Јас навистина не можам да

Јас навистина не можам да разберам зошто нашите сограѓани ги сметаат џанаците за општествено дифункционални, непродуктивни, носители на зарази и луѓе склони кон криминал.
Во широко инклузивните општества луѓето ги прифаќаат овие лица со широка прегратка и ги сметаат за едни од највредните поединци. Поради тоа неретко им доверуваат професии како неврохирурзи, судии и ЦЕО-а.

Чекај  бе  малце ...  Па 

Чекај  бе  малце ...  Па  да   небеа  џанаците  , од  кај   пари  да  се   финансира    борбата   за  независно  Косово . Целокупната  џаначка  заедница   на  ЕУ   користеше   хероин  на  албанската  мафија .
Треба  да  се  залагате  за  што  повеќе  џанаци , зошто   ако  нема  џанаци  по  светов  како   како   ЦИА  ке  ги  финансира   борците  за   демократија  по  светов со  пари  и  оружје  ( мислам  како  ЕнЏиОвци  треба  бе  ова   да  го  имате  во  обзир , од  нивни  џеп  ли  ке  даваат  )
Борбата  на  Муџахедините  во  Авганистан  против  СССР  се  финансираше со  Авганистанскиот  хероин  кој  преку  Турција  се  продаваше  во  Европа .
Исто   и  УЧК   беше   финансирана  со  пари  од  хероин .
Фемче  прашај  бе  во  невладина   дали  ви  е   исплатливо  да  ги  лечите  џанаците ...

Не се џанаците криви што

Не се џанаците криви што дрогата е нелегална и профитот иде кај криминалци.

Сакам да обрнам внимание и на

Сакам да обрнам внимание и на фактот дека полицијата (свесно или несвесно) во последниве неколку години предизвика нагло зголемување на бројот на зависници од хероин, особено надвор од Скопје.
 
Агресивното гонење на релативно безопасните дроги како марихуана и екстази доведе до ситуација многу да поскапат и скоро сосема да изчезнат од пазарот во помалите градови, а хероинот стана единствениот избор за цела една ниша на луѓе кои претходно не би ни помислиле на такво нешто. 
 

Слични содржини

Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ
Ирена Цветковиќ

ОкоБоли главаВицФото