Нула толеранција, кон власта и кон опозицијата!

13.09.2014 10:10
Нула толеранција, кон власта и кон опозицијата!

Имам впечаток дека и најновите организациски и технички преуредувања нема да ја покренат зарибаната машина на Социјалдемократскиот сојуз затоа што тие жонглирања не се во состојба да го компензираат или, уште помалку, да го елиминираат клучниот недистиг на новото идејно и политичко, чудоредно, јас би рекол, масло во погонскиот систем!

Ми се чини дека таа експлозија од стратегии, столбови, директорати, директори, претседатели, комисии, системи, централни системи, тој мобинг на старите кадрови со товарот на нови, исти како и старите, функции, во суштина, без внатрешна супстанца и така натаму, се прави, меѓу другото или, дури, пред сè, за да се потисне политичкиот и идејниот дефицит! Како што власта го потиснува финансискиот!

Во таа насока, можеби и повеќе од горните жонглирања, говорат зборовите на одговорните луѓе, зборови кои лебдат носени од празнотијата со која се напумпани. А напумпани се со празнотија, имено, затоа што ги произведува политичка филозофија која не е консолидирана со потребите и со барањата на времето!

Да се задржиме, како мала илустрација, на една реченица од излагањето на Заев:

„Квалитетната кадровска поставеност, новата стратегија на СДСМ, со поддршка на граѓаните, ќе значи НУЛА толеранција за катастрофалното владеење на дрската и безобразна власт на Никола Груевски со која ја уништуваат Македонија 9-та година по ред.“

„Нула толеранција за катастрофалното владеење на дрската и безобразна власт“ значи дека власта веќе би требало да е сменета, а ако не е сменета тоа може да значи дека нејзиното владеење или не е доволно, или не е воопшто катастрофално, а ако, пак, сепак е катастрофално, а власта не е сменета тоа може да значи евидентна немоќ на Социјалдемократскиот сојуз, при што заканата со Нула толеранција станува, просто смешна! Слични ментални варијации може да добие и ставот дека „дрската и безобразна влада на Никола Груевски ја уништува Македонија 9-та година по ред“.

Прво, „дрска и безобразна“ се изрази што ги користат гимназијалките кога сакаат да кажат со какви се методи се користат конкурентките за да им ги освојат момчињата или само симпатиите, тоа, со други зборови, не се изрази за адекватни политички оценки, квалификации, ставови!

Тие зборови се, значи, измислувани во нечија канцеларија како изрази во потрага по нешто посилно, по нешто што ќе остави впечаток, тие не се природен изблик на вредносниот корпус на оној што ги изговара, што потоа завршува така што никому не му импонираат, никој не ги слуша, а и кога ќе ги чуе тие минуваат без да остават какви и да е дразби! Без оглед на бројот на комисиите, извршните директори и страрегиите со столбови!

Драмата на Македонија не може да се слика со такви лефтерни акварели!

Да не говориме за „квалитетните кадровски решенија“ и за „поддршката на граѓаните“ сврзано со „стратегијата на СДСМ“ како единствено на оценките, оценувачите и оценетите!

Може да се случи овие забелешки да се сметаат за „цепидлачење“, дури и за „злобно цепидлачење!“ Меѓутоа, работата е во тоа што од повеќе такви расцепени влакна може да се фундира реална политичка опција како културен израз, а врз основа на стратегиите полни со шуплива епика и без влакната на ваквите забелешки, не може да се направи ништо друго освен- пораз!

Фејсбук статус на Бранко Тричковски

Слики: Свирачиња