Станал познат иако не е идиот

20.10.2014 16:02
Станал познат иако не е идиот

Скопје, 20 октомври

Емил Стојановски, 20-годишен студент на Музичката академија, успеал да стане познат иако не е тотален идиот. Снимката од овој млад скопјанец за многу кратко време стана вистинска интернет сензација, и покрај фактот дека Емил не направи комплетна будала од себе.

Во изјава за Пара вести Емил вели дека не очекувал толкаво внимание во јавноста бидејќи не направил ништо лудо.

„Не разбирам зошто се крена толкава прашина околу мојата снимка кога на неа само се гледа колку сум талентиран за пеење, ништо повеќе. Не се соблеков, не испаднав глупав или необразован, ниту навредив некого. Едноставно не направив ништо поради што некој би се срамел што ме познава и воопшто не ми е јасно зошто сум толку познат“, се прашува Емил.

Драган Вучиќ, познат естраден уметник, водител и аналитичар на инстант славата по овој повод рече дека воопшто не му е јасно зошто се обрнува толкаво внимание на некој што станал популарен благодарение на талентот.

„Теоретски е возможно некој човек да стане познат само затоа што е талентиран за нешто, музика или спорт, на пример, но во пракса се покажува дека популарноста се стекнува само на еден начин, а тоа е да ја убедите јавноста дека сте идиот. Емил е само исклучок кој го потврдува правилото и сметам дека нема потреба да се губи време на некој талентиран, бидејќи поради еден таков може да ни се случи да не забележиме десет будали кои имаат повеќе потенцијал за слава од него“, истакна Вучиќ.

Тој напомена дека младите луѓе никако не треба да се угледуваат на Емил и да не се занесуваат дека со талент може да се постигне нешто.

„Кој не е идиот, ќе остане анонимен“, заклучува Вучиќ.

Извор: www.njuz.net