Деца, Прометеј е револуционер, добро е што преживеа

22.06.2016 01:56
Деца, Прометеј е револуционер, добро е што преживеа

Тврдењето на граѓанскиот активист Марјан Забрчанец дека споменикот на Прометеј е „еден од најголемите симболи на глупоста на режимот на Груевски“ само делумно е точно. Имено, точно е тоа дека овој споменик е преплатен со народни пари, дека е кичерски позлатен и дека на крајот, како врв на локалниот простотилак од демохристијанска провиниенција, Прометеј е облечен со гаќи, за да не се вознемируваат дамите вмровки кога неговата, инаку скромно димензионирана машкост, ќе ја споредуваат со урбаната опрема на нивните домаќини.

Инаку, ако се спореди Прометеј со генералите на Александар и Филип, сите од ред масовни убијци и терористи (и сите имаат свои споменици), треба да се каже дека нашиот гаќест јунак сепак е еден од најпозитивните и најуниверзални ликови во историјата, кој навистина потекнува од грчката митологија, но му припаѓа на светското културно наследство. Прометеј е симбол на отпорот на човекот кон себичноста и фриволноста на боговите. Тој, меѓу другото, од нив го украл огнот за да им го подари на луѓето, а потоа со нив (со боговите, на чело со Зевс) долго се надмудрувал.

Со други зборови, Прометеј, всушност, е револуционер – да, во нашата изведба тој е прилично грд и демохристијански деформиран, но сепак останува симбол на отпорот на човекот кон боговите, кон авторитетите. И затоа, ако мене ме прашате, добро е што Прометеј го преживеа обидот да биде урнат. Има толку многу глупости изградени во Скопјево што треба да се урнат, што навистина би било голема штета прв да настрада нашиот колега револуционер. Со гаќи или без гаќи, сеедно.

Извор: Плусинфо
Фотографија: Ванчо Џамбаски