После него постоиме како лага за себе

07.12.2016 13:07
После него постоиме како лага за себе

Загадочен наслов кој е креација од неколку испреплетени зборови искажани од две личности, што дополнително го прави нејасно неговото значење. Но почекајте – овој пат заедно ќе го пробиваме патот низ непознатото и новото, ќе поминеме низ окупираниот и здравиот разум, ќе стигнеме до „него“, за да согледаме дека сјајот на лагата и „кастрираната стража на разумот“ го кочат пробивањето на вистината и правдата која што треба да нè ослободи нас и здравиот разум.

Сабота, 26 ноември, конечно успеавме да го најдеме телефонскиот број на една значајна личност која што планиравме да ја посетиме. Тоа требаше да биде наша шеста средба. За чудо, шестиот соговорник прифати да се сретне со нас без двоумење, и тоа дури следното, неделно утро.

Тргнавме рано наутро, пред седум часот. На „Тоа на М“ му требаше време да се загрее, да ја постигне потребната температура, за да може да се придвижи на долг пат, на кој не беше навикнал, но судејќи според претходните долги патувања, звучеше како тие да му годат. По сè изгледа му здосадила релацијата која што ја поминуваше во претходниот живот од село Јабланица до Струга. По петтиот соговорник, втората брзина од менувачот на „Тоа на М“ ја завикавме „јабланичка“ од причини што звучеше изморено, најверојатно од честата употреба качувајќи се кон планинското село Јабланица.

И така стигнавме во Скопје, за чудо навреме, во 10:30 часот. Само што стигнавме, соговорникот ни заѕвони на мобилниот, што беше особено внимателно од негова страна. Бевме пречекани од еден сосема нормален , учтив и гостопримлив човек. Ни подаде рака, спокојно, за да се поздрави со нас. Доволни беа две минути за да почувствувате дека сте во присутво на личност со интегритет, личност на која и цела држава да му ја оставите да ја варди - може да сте спокојни дека утредента ќе ја најдете во подобра форма отколку кога сте му ја оставиле. Веднаш нè покани на кафе и муабет, но наша замисла беше прво да ги направиме фотографиите со него, а потоа разговорот.

Соговорникот со смиреност го прифати нашиот „дневен ред“. Влеговме во „Тоа на М“, му се пофаливме дека чини 575.000 евра и дека е единствен во Југоисточна Европа, благо се насмевна и продолживме со раговор сè додека не стигнавме до објектот, кој во минатото бил седиште на месна заедница, за да направиме необична фото сесија.

Да, сигурно веќе ги ѕирнавте фотографиите подолу и ја препознавте личноста на нашата шеста средба - почитуваниот уставен судија (во пензија) г-дин Трендафил Ивановски; И - не , она „него“ во насловот не се однесува на него.

Ни даде примерок од неговата книга „Лустрација или кастрација на здравот разум“, која, како што ни кажа, ќе има своја промоција на петти декември ( http://plusinfo.mk/vest/94796/promocija-na-lustracija-ili-kastracija-na-... ) Во посветата пишуваше „Во знак на почит кон борбата за вистината и правдата.“, уште едно совпаѓање во случајов со тематиката на разговорот и фотографиите кои сакавме да ги направиме со него. Насловот од книгата привлече одредено внимание, особено „кастрација на здравиот разум“ (лустрација – ни беше познато), насловот сугерираше дека одговорот ќе го најдеме внатре - во книгата.

Многу битни работи се искажаа на средбата со г-дин Ивановски, кои ги комплетираа одговорите за подготовка на целосен текст за оваа статија. Покрај сè што измуабетивме, г-дин Ивановски ни даде одговор на двете, за нас, важни прашања.

На прашањето: „Дали злосторството е толку големо што прераснува во вистина?“; одговорот на г-дин Ивановски беше: „Тешко би имале перспектива, не треба да ја прифатиме таа вистина, треба да најдеме начин вистината да нè извлече од злосторот, „Dum spiro spero“ - Дур дишам се надевам. Колку и тоа да е наша реалност, треба да го совладаме причинителот на злосторството“.

На прашањето: „Толку глумиме нормалност - што тоа е веќе ненормално. Време е да излеземе од нашата улога каде глумиме нормалност. Од сè што глуми нормалност, највознемирувачка е нормалноста на судиите. Дали судството е „тивкиот гробар“ на нашето општество, кој својот конформизам и клиентелизам го крие позади паролата „независно судство“?

Одговорот на г-дин Ивановски беше: „Не е поважно дали независниот судија имал притисоци туку колку судијата потклекнал на тие притисоци. Судијата е битие од крв и месо, меѓутоа кога дал заклетва се обврзал, и има его за вистината и правдата - секогаш, тој не смее да посегне по сребрениците и поткупот, секогаш треба да ја има вистината предвид, зашто таа е слепа за да нè потклекне под влијание на сите тие злостори.

Сакаме да признаеме или не, општата клима завладеа со сите нас и сериозно го поткопа прашањето дали имаме грешки во изборот на судиите преку клиентелизам. Сето она што го манифестираше „сваровски судството“ укажува на потреба од покоренити зафати и реформи во самите принципи на луѓето кои се занимаваат со оваа работа. Се разбира, не се сите судии такви, меѓутоа треба одважување, отрезнување, судир со самиот себе, за да се почитува и сака вистината, оти човек кој не ја сака вистината и правдата не може да биде судија. Ако судијата го прифатил тој повик, треба да биде свесен и да го прифати ризикот да се бори „со глава“ за вистината.

Судијата не е дел од законодавната, ниту од извршната власт, но тој е должен будно да надгледува дали таа се извршува во согласност со вистината и правдата. Затоа е таа поделба на власта , во кој судијата не треба да прифати дека е трета власт по значење, туку дека е рамноправна на властите на кој се темели системот“.

Но, како што знае реалноста да се поигра со тебе - никој не знае. Она „кастрација на разумот“ како постојано да тераше на размислување во друга насока. Као да имаше сила да наметне друг правец по кој ќе оди овој наш текст. Три дена подоцна тоа и се случи. На 30-ти ноември, на okno.mk, забележуваме текст од г-дин Бранко Тричковски, со наслов „ Ало, ВМРО, доаѓаме да ве уништиме!“. Во содржина на тој текст наидовме на нешто од што изразот „кастрација на здравиот разум“ доби дополнително значење, и така нашиот текст направи храбро скршнување во авантура кон спознавање на нешто ново.

Почитуваниот Тричковски во текстот пишува : „Македонија е тотално обесфакторизирано општество. Без фактите за себе и за својата средина ние не постоиме, односно постоиме како лага за себе“. Потоа ја потенцира важноста на делови од говорот на теоретичарката Светлана Слапшак (гостинка на фестивалот „Крик“, на 23-ти ноември): „Мора до постои стража на разумот, бидејќи во спротивно сè што е традиција на разумноста во европската традиција, едноставно, ќе исчезне ........ тој глас не треба да се слушне ако се работи за глупост, глупоста нема право на глас.....“. После оваа комбинација од сознанија, Тричковски поентира со: „Глупоста ги диктира критериумите и општиот дискурс. Ние ја испуштивме работата дотаму што глупоста ги диктира критериумите и општиот дискурс, таа има своја стража која му оневозможува на здравиот разум да се пробие. “

Токму овој спој на сознанија, на овие три личности, за една иста работа-разумот, во едно исто време, беше знак кој го привлече нашето внимание и го однесе овој текст во друга насока. Се обидовме да одгатнеме дали оваа случајност може да ја претвориме во знак/насока за идно делување, и така, спојувајќи ги коцките со различните зборови на различни начини, добиваме „супер нова“ реченица на уште едно дешифрирање на системот на владење кој го окупира здравиот разум и ништи животот:

„Глупоста преку лустрацијата ја руши последната највисока стража на здравиот разум, ја кастрира, и ја претвори во стража која му оневозможува на здравиот разум да се пробие. Со кастрирана стража - постоиме како лага за себе.“

Вака соголувајќи го системот на владеење чувствуваме дека сме еден чекор поблиску до негово конечно соборување, после кое следи ослободување на разумот и животот.

Фотографија 1: Демонтирајќи го системот кој го кастрираше разумот

Сега полека може да се отплетка клопчето во кое што се сплеткавме со патувањево и со текстов. Најпрво, да почнеме од насловот „После него постоиме како лага за себе“. Тоа „него“ - се однесува на Уставниот суд, не е тоа лично г-дин Ивановски, туку тоа е она што тој го претставува - последната највисока стража на разумот, и она што тој го застапува - вистината и правдата. „Паѓањето“ на Уставниот суд означи окупирање на разумот, вистината и правдата, после што постоиме као лага за себе, како нова вистина за нашето постоење (употребувајќи израз на г-дин Тричковски).

Глупоста го нападна него (Трендафил Ивановски, како личност) со намера да го руши Уставниот суд, кој тогаш беше последна и највисока стража на разумот. По паѓањето на оваа стража, глупоста постави своја „кастрирана стража“ која му оневозможи на здравиот разум да се пробие. Правејќи го тоа, глупоста можеше слободно да владее и диктира.

Уставниот судија Ивановски беше портата низ која Кланот на власт го зададе конечниот удар кој доведе до пробивање и пад на последната стража на здравиот разум - Уставниот суд. Кланот со фалсификување на вистината за уставниот судија, успеал да постигне подобра позиција во борбата за конечно освојување на Уставниот суд, а со тоа и контрола на поредокот.

Уставниот судија добил нешто што се вика „фактор на употребна вредност“. За Кланот на власт, пред сè, поважно е „дали може да те употреби“ од тоа дали си „со нив“, „не си со нив“, или “си против нив“. Значи во случајов, уставниот судија Ивановски имал висок „фактор на употребна вредност“ за рушење на Уставнот суд, кој пак, им ги оспорувал многуте противуставни закони, кои од година во година биле сè побројни. Поради тој негов висок фактор на употребна вредност за рушење на Уставниот суд, сега и неговите невини „детски гревови“, во неговите средношколски денови, добиле поинаква вредност и повисока цена.

И така, наеднаш, за дејствија, за кои на многу славни и неславни личности од нашата понова и постара историја им се подигнуваат споменици, за овој наш херој на стражата на разумот, неговите дејствија од средношколски денови, за кои треба да добие пофалба - Кланот на власт ги свртува против него како казна. Во неговата книга тој забележува: „Една благородна улога во животот на едно дете - ученик, млада и нецелосно оформена личност, прогонувана за идеите на самобитноста на Македонскиот народ и неговата државност - се злоупотребува и се претвора во политички линч.“

Наеднаш реалноста се испревртува, вистината и правдата се заменува со сјајот на лагата и го воведува на нашиот стражар, уште еднаш, судбоносно во својот живот, да се бори за вистината и правдата. Не за својата, туку за нашата, затоа што тој не е нападнат, тој е стражата на разумот, нападнато е она што тој го брани и она што тој го претставува - вистината и правдата, нападнат е Уставниот суд, нападнати сме сите ние.

Но тука борбата не застанува, можеби почна со уште една изгубена битка и линчување на уставниот судија, со кастрација на здравиот разум, но таа отвори нова волја за нови битки кај г-дин Ивановски. Колку да е долга и тешка таа борба, и колку да е од епски размери, против надмоќен непријател, како што г-дин Ивановски опишува во својата книга: „Јас сум Давид , а другиот Голијат. Тој има инструменти, и органи, и можности за притисок, и ако сака може да ја дискредитира институцијата, и мене како носител на таа институција. Мислам дека тоа е веќе удар на поредокот. Кланот на власт ќе изгуби.“

Точно е дека Голијат има и инструменти, и органи, и артилерија, но грешката на Кланот е што влезе во играта на вистината и правдата, а таму лагата на крај бива соголена и победена. Влезе во играта на стражарите на разумот, а тие се вооружени со вистината и правдата, и не може да си подобар во играта од оној кој е нејзин чувар.

Фотографија 2: „Подобро во азно отколку во мазно“
(„вистината и правдата“ се повредни од „лагата и сјајот“, колку тие и да болат и да се грди).

Овој наш денешен соговорник, еден од стражарите на здравиот разум, знае дека не тој, туку она што тој го претставува, на крај ќе го демонтира системот на глупоста и лагата. Колку што лагата и глупоста окупира толку и ја јакне борбата за победа на вистината и правдата. Само така животот може да се живее, а да не се мизерува.

Затоа, време е да се демонтира системот на владеење на Кланот, за да може слободно да почнеме да живееме, прифаќајќи ја прво грдата вистина која што ќе ни се отскрие откако ќе го излупиме сиот лажен сјај со кој глупоста му оневозможуваше на здравиот разумот да се пробие, за потоа да можеме да ги видиме светлата на подобрата иднина.

И да завршиме со една констатација на почитуваниот г-дин Ивановски: „Нашата приказна сè уште не е завршена, по изборите ќе има зрак на надеж. Идната власт, притисната од народот, ќе мора да ни ја вратат државата и институциите“.

Скопје, ноември 2016

(Статијата „ После него постоиме како лага за себе“ е дел од статиите на З.Р.А. „Аква“од Струга со кои учејќи за другите, правиме обид да се подобриме себе си. Институционален развој поддржан од Цивика Мобилитас.)

ОкоБоли главаВицФото