Будали

26.01.2017 12:00
Будали

Се разбира, не требаше долго за моето прашање дали навистина има таква будала во оваа земја која мисли дека ова е најдоброто што можеме да го дадеме во културата да добие одговор. Се пријавија самите – Елизабет во мистифицирана пратеничко-министерска главна улога, и Дејан Лилиќ, Стојан Стојков и Жанета Вангели како статисти клиенти – на новиот канал на Националниот сервис наречен ТВ Нова. А со нив и Владимир Блажевски, ко паднат од Марс и во непознато својство! И богами борбено ѝ го чуваа задникот на Елизабет, бранејќи ја до бесвест, безмалу до лудост Годишната програма. За пари, нормално, за што друго? И „чест“, клиентелистичка! И не дека е ова прв пат македонски „уметници“ и „културни работници“ да глумат шутови во улога на бодигарди на власта. Ама после сè, после сè што видовме и чувме последниве две години, особено за Елизабет и нејзините махинации, премногу е жално, дури гнасно да ги гледате заседнати и заплеткани во нивните коруптивни мрежи бранејќи го неодбранливото. Да седнеш на иста маса со Елизабет за да во две-три минути (наспроти нејзини полуписмени полчасовни тиради) è ги браниш злосторствата – треба многу да си должен!

Се разбира, секој си е одговорен пред сопствената совест, ако ја има, и личниот морал, ако го има и него. Иако, особено првите тројца, остануваат должни и на македонската култура за сите изречени лаги во одбрана на овогодишното злосторство спакувано како годишна „програма“ за финансирање на националниот интерес во културата. Остануваат должни и денес и во иднина. Зашто, прво, нечесно е, и неморално, да браните нешто во што сте директно лукративно вплеткани. Може ли впрочем Лилиќ да каже збор против „програмата“ кога е директен клиент со проектот работилница „Детски свет“? Или како ќе решава спомнуваниот Куфојанакис во комисијата за музика кога неговото име се наоѓа на списокот за концерт во Македонскиот културен центар во Њујорк? Или Вангели со нејзиното „Архив 1987 – 2017“ во МСУ (што и да значи тоа, а мислам дека знаеме што значи зашто таа за мало не се фаќа), па згора и нејзиниот интимус, ако сакате, со дури три изложби годинава? Нели се тоа должничко-доверителски односи од најгнасен тип со Елизабет и нејзиното злосторничко здружение што глуми Министерство? И сега таа ќе ја брани „програмата“ на истото? Бљак, гадно и перверзно!

 

И токму овие егземплари, особено Вангели, ни продаваат некаква професионалност, морал и знаење и нè убедуваат во исправноста на Елизабет и нејзините криминални „политики“? Дека комисиите се држеле до квалитетот и пропозициите? Особено (повторно) Вангели која децидно тврди дека во визуелната уметност се избрани најдобрите проекти? Врз основа на што, затоа што во комисијата биле нејзини колеги уметници? И тие се таа гаранција или пак добивала директни инсајдерски известувања подготвувајќи ја нејзината голема одбрана на Елизабет? И, се разбира, нема да ја потсетувам таа персона на нејзиното минато (кое таа така розово си го гледа!) и како нејзините проекти поминуваа глатко преку државните јасли на некогашното идеолошки спротивставено министерство, но таа на јавноста, а богами и мене, должи неколку одговори. Прво, како член на комисијата за избор на македонски претставник за Биеналето во Венеција должи одговор како во „кураторот“ (Б. Саркањац) и „организаторот“ (М. Стафановски) препознала „стручни и етаблирани лица од областа“, како што бараа пропозициите на тој конкурс? Врз основа на што? Врз основа на кои и какви нивни биографии што би имале макар една сериозна допирна точка со уметноста?

И понатаму, бидејќи токму таа ни се претстави како врвен експерт за македонската ликовна уметност, сигурно може да ги објасни и квалитетите, особено националните, на „проекти“ од типот: Ретроспективна самостојна изложба на Петра Спирковски, Мултимедијални ликовни истражувања – Алтипармакови, Колективна изложба „Жена творец за 8-ми Март“, Изложба на слики, пастели и дрворез во боја, „Младинска керамичка работилница за изработување и декорирање на керамички производи“, „Шарено велигденско јајце“, Ликовен хепенинг „Балкански културни средби“, „Мобилноста како креатор на нови ликови“, 42. Државна изложба на детски ликовни творби „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“, Креативна и едукативна ликовна работилница „Твориме заедно за Кочани“, сите „изложби“ во МКЦ, Меѓународна конференција на применети науки, „Цртање на асфалт“, „Од руралните средини кон светските модни писти: редизајн на македонската народна носија од популизам до елитизам“, „Сајт на годината 2017“, 63. изложба на копаници, Интернационален саем на современа уметност „Паратисима Скопје“, „Градина на бои – Допри ја уметноста 4“, „Handmade Day Probistip 2017“, Работилница за дизајн на мебел и декоративни светилки, едно чудо изложбички на сите селски и приселски ликовни колонии, итн. и итн. Се разбира, не би сакал да ги пропушти и трите изложби на Ацо Станковски алијас Сарајлија, односно би сакал да го чујам коментарот дали баш мора три пати во годината овој нејзе познат човек да зема државни пари за негови „изложби“? Може патем да ги прокоментира и „програмите“ на МСУ и Националната галерија, ако сака. Баш ме интересира што ќе каже!

Вита јела, зелен бор, чекам брзи одговор!!!

Поврзани текстови:

Индигнација

Иднината како обврска

Извор: teodosievskiumetnost.wordpress.com
Слики: Свирачиња

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото