Македонија, Македонија над сè!

23.03.2017 14:35
Македонија, Македонија над сè!

Македонскиот народ денес е заложник на злосторничко здружение што се заканува дека сите ќе нè потепа и ќе ни го запали домот. Експлозивот е веќе залепен со леплива лента на нашите гради, устите ни се затворени, рацете врзани, мижиме, а цевката од пиштолот е на нашата слепоочница. Ако се спротиставиме тие ќе пукаат во нашите глави или ќе ги спојат жичките, ќе блесне искра и пластичниот експлозив ќе нè разнесе сите. Ако не им успее вака да нè застрашат, ако ги кренеме главите и решиме дека нема вечно да чекаме да нè спасува некој друг и сами се свртиме против нив, тогаш тие ќе предизвикаат војна во која ќе изгори не само оваа наша расклатена параван-држава од гипс-картон (која претходно ја урнаа и го прикрија злосторството со евтини украси) туку и сите соседни држави и овој страшен пожар ќе се прошири сè до далечната Русија и крајот на светот. Тоа е сликата што тие денес сакаат да ја видиме. Ние и светот. Што друго можат да смислат разбојници?

ЗАЛОЖНИЧКА ДРАМА

Македонија не е нападната (Груевски: Државата е нападната!). Македонија беше одамна нападната и поразена. Разбојничка дружина ја нападна нашата држава, ги презеде во свои раце сите институции на системот, со измама и сила владее и веќе десет години го ограбува народот. Сега самите се разоткрија. Во очаен обид да го застрашат народот кој е нивен заложник тие го покажаа јавно своето страшно лице на разбојници.
Конечно, разбојниците се разбојници, а политичарите политичари. Конечно притиснати до ѕид, дотерани до последната барикада, до последниот одбранбен бедем на државата што толку многу ја запустија што самата им се урна врз глава, разбојнициве покажаа јавно дека и тие како и сите разбојници се насилници, измамници, глупаци, подлеци и страшливци. Сега тие имаат лице и име и секој може да ги види и препознае. Сега, конечно, можеме да се справиме со нив како што се справуваме со разбојници во некоја темна уличка (на македонската историја).
Или ние ќе се справиме со нив, или тие ќе се справат со нас. Сите обиди денес да се „разговара смирено“, да се „докажува некому нешто со аргументи“, сите „стручни анализи“, сето „почитување на правото на туѓо мислење“ и сите „дебати“ се бесмислени кога знаете дека имате работа со разбојници. Додека ние им докажуваме на разбојниците дека се разбојници тие нè ограбуваат и ни се смеат во лице. Можеме слободно, до бесвест, да „анализираме“ и да „дебатираме“. Наместо да ги апсиме и да ги судиме.
Треба да се делува, а не да се говори. Нема нив да ги поразат нашите аргументи. Да се обидуваме да докажеме нешто на друмски разбојници кои нè ограбуваат или да ги разубедуваме со аргументи уличните насилници кои нè претепуваат е трагикомично.
Постојат разбојници и постојат нивните жртви. Лажниот избор кој ни го оставаат разбојнициве е дали ќе ја наведнеме главата и молчејќи со стиснати заби ќе трпиме насилство или ќе станеме дел од нивната дружина (почнувате како прислужник и подлизурко, но можете и полека да напредувате, пресреќни што попат ви фрлаат, како на пес што им ги лиже рацете, нешто од она што го покрале од вас).




ЛУДИ И ЗБУНЕТИ

Како минува толку лесно реториката за ретардирани, тој безумен говор, тие невешти лаги, таа евтина панаѓурска измама, тоа наивно подметнување, тоа срамно покажување мускули, тој безобразен поткуп, таа јавна злоупотреба на моќта, тоа иживување на ниски страсти и тоа насилно побивање на здравиот разум од страна на злосторничкото здружение што ја грабнало власта во раце и не ја пушта по цена на животот (на вашиот живот, се разбира) и – вие можете зинати да се чудите додека не умрете – не ја дава Македонија?
Неколку усрани измамници и крадци фатени на дело што на сиот глас врескаат дека и другите мамеле и краделе, неколку лоши глумци платени јавно да лелекаат и тажат поради пропаста на татковината што ја упропастија тие што ги плаќаат, неколку платени пеачи кои пеат патриотски песни за да го разбудат борбениот дух на народот кој повеќе сака да лапа сендвичи и да пие пиво наместо да коле туѓи деца и да гине со знаме во рацете, неколку телевизиски бајачи кои мрморат клетви за оние кои се осмелиле јавно да им се спротистават на разбојниците, неколку луди баби, неколку разлигавени членови на аматерски друштва за негување на националните вредности кои самите ги негираат, неколку многу загрижени за себе директори со своите вработени кои лажно се претставуваат како народ, и еден лажен премиер, патолошки лажго и патетичен измамник кој, побелен во лицето од страв, пелтечи бесмислици и одново се обидува да го направи будала својот народ... - и сите одново се збунија.
Дали Македонците не знаат дека нивната земја е во рацете на разбојници? Дали не можат да видат дека за десет години разбојнициве ја опустошија земјата, а за себе награбаа богатства? Дали не гледаат дека сè околу нив, сите тие вртелешки, панорамски тркала и фонтани, дека сето тоа е евтина панаѓурска измама? Зарем не можат да тропнат на фасадите и да видат дека се лажни? Не можат ли да погледнат зад фасадите и да видат дека таму нема ништо освен ѓубре што ветрот го разнесува по празните простории? Дали некој е толку глуп за да не знае дека гипс-картон и боја не може да чини колку мермер и злато, колку што разбојнициве им го наплатуваат украсувањето на грдата стварност? Дали не можат да разберат дека се осудени на доживотно должничко ропство?
Дали не разбираат дека и воздухот што го дишат им го земаа? Дали не можат да видат што добија за десет години владение на најлошите меѓу нив? Нели знаат дека со нивни пари ги купуваат да молчат и да се прават луди?
Како се викаат луѓе кои не сакаат да се соочат со стварноста? Кое е името на лудилото на нашата нација? Бидејќи, ако не сме способни на колективно рамниште да се соочиме со себе и со своите слабости, ако упорно одбиваме да ја чуеме вистината за себе, ако уривањето на лажната слика за нас самите го доживуваме како напад врз нашето бите – тогаш сето тоа нас нè разоткрива како лудаци.
Можам да разберам дека кај дел од народот постои некаков „синдром на жртва“, некаква мрачна фасцинација од злото или зависност на жртвата од насилникот. Можам да разберам дека постојат збунети луѓе. Губењето на здравиот разум, на допирот со стварноста, трауматското повлекување во себе на колективно рамниште до аутизам и шизофреното бегство од стварноста во замислен свет (создаден од пропагандната машина за илузии на злосторничкото здружение) во нашава земја има застрашувачки размери. После десет години безумие и забеганост во еден наопаку превртен општествен систем каде е нормално да бидеш ненормален, верувам дека многумина навистина полуделе. Но, добро, колку тоа има во оваа земја луди и збунети?




РАЗБОЈНИЦИ

Злосторничкото здружение ја освои државата како што се освојува непријателска тврдина. Сега државата е нивно укрепено упориште од каде очајно се бранат. Тврдината е опколена и народот само што не ја презел оваа урнатина во која се кријат разбојнициве. За да им се спротивстави народот беа потребни десет години чудовишно владеење од високите кули на власта, разградување на државата камен по камен, лошо управување, запустување на земјата невешто прикриено со лажни украси од гипс и „барокни“ фасади, ограбување до гола кожа на народот, изнудување, застрашување, неправда, насилство, пречекорување на овластувањата, изборни измами, стопански грабеж, наместени тендери, непотизам, корупција, неодговорно однесување, небрежност, продавање магла, измислени успеси, лажни резултати, лажни вработувања, поставување неспособни раководители, упропастување на сè што беше создадено до тогаш, јавно курвање, неморал, наопаку поставен систем на вредности и уривање на сите критериуми и стандарди на државата, свесно заглупување на народот, систематско уништување на образованието, на културата, на македонскиот јазик...
Зошто денес некој би застанал во одбрана на злосторничко здружение чии водачи, фатени на дело во разбојништво, убиство и грабеж, не сакаат да се предадат и да отстапат зашто ако ја загубат власта одат во затвор поради сторените злосторства?




АНТИ-МАКЕДОНИЈА

Овие граѓани кои денес глумат народ и се удираат во гради, си ги кубат косите, си ги гребат лицата и врескаат по улиците во име на Македонија, не се ниту збунети, ниту луди. Сите тие очајно го бранат својот свет. Свет што денес се урива зашто е наопаку изграден, зашто е поставен на лоши темели, зашто е лажен, зашто не може така да постои...
Тие ја бранат оваа држава бидејќи за нив не постои друга држава!? Тие немале резервна татковина? Држава!? Татковина!? Македонија!? Куршлус во главите на многумина поради што им паѓа мрак на очи. Од кога тоа државата е нечија татковина? Како може нечија татковина да биде Социјалистичка Република Македонија или Македонија со која владее ВМРО ДПМНЕ? Ако МАКЕДОНИЈА Е ВЕЧНА тоа не значи дека општественото уредување е вечно. Општествените уредувања се менуваат и тоа не значи дека со падот на едно лошо уредување паѓа и Македонија. Македонија може да постои и без ВМРО ДПМНЕ!
Овие лажни патриоти (партија не е исто што и патрија) ја бранат оваа држава и ова општественото уредување за да ги одбранат така незаслужените привилегии, ограбените пари, неправедно стекнатите имоти и своите лажни животи кои во ниту една друга држава не би можеле да ги имаат... Само овде, во оваа држава, тие можат да се надеваат дека ќе добијат сè што посакуваат, можат да стекнат бесправно имот, да напредуваат без вложен труд, да добијат награди за својата неспособност, признанија за својата бездарност, пофалби за својата глупост, дипломи за својата неукост и да живеат добро само зашто се добро поврзани со оние кои ја држат власта и кои ги плаќаат за да можат да останат на власт... Тоа е нивната држава на чудата, на успесите и на остварената среќа. Држава каде тие се свои на своето, брат до брат, безделник до безделник, глупак до глупак, ништожник до ништожник, насилник до насилник, измамник до изманик... И за таа и таква Македонија тие сега леат солзи и лелекаат до небо. А небото им се урива врз глава.
Сите тие полицајци кои не се на должност, државни службеници кои стравуваат дека ќи ги избркаат од канцелариите каде по цел ден читаат весници со кренати нозе на бироата и решаваат крстозбори, неспособни директори кои се преплашиле дека ќе ги загубат незаслужено добиените директорски места, платени глумци и пеачи за кои ова е уште една добра тезга, улични тепачи кои нестрпливо чекаат некого да истепаат, пијани насилници, слабоумни старци, развикани клиенти со полни паричници од чии џебови ѕиркаат тапии на станови и наместени тендери и сите останати гребатори кои ја користат последната шанса; сите тие кои се наредиле зад транспарентот ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА; сите тие кои денес излегуваат да ја бранат Македонија од замислени непријатели, а поголеми непријатели на Македонија од нив нема; сите тие кои ја бранат унитарна Македонија, а ја растураат со секој направен чекор по улиците; сите тие кои ронат солзи над пропаста на Македонија која самите ја упропастија; сите тие патриоти кои никогаш ништо не направиле за својата татковина –
сите тие денес ја бранат својата лажна стварност што блеска од кристалите на Сваровски и трепери како надстварно привидение над нивните глави.
Постои, значи, Македонија која не е Македонија. Македонија која е фетаморгана кон која ползат со подадени раце во пустината на своите животи многумина наместо да ги засукаат ракавите и од пустината да создадат подобро место за живеење. Македонија како опсенарски трик на уличните измамници кои ги мамат глупавите селани на пазарен ден. Македонија како влажен сон на затвореник осуден на доживотна робија. Македонија која исчезнува во мигот кога се проектира на платното на желбите. Македонија која не може да постои. Анти-Македонија.




НАЦИОНАЛНО ЛУДИЛО

Она што изгледаше како лудило на еден човек и одбивање на толпата да се соочи со стварноста денес доби монструозни размери и се претвори во колективно лудило и патологија на едно наопаку превртено општество.
Ова упорно превртување на стварноста нопаку како во панаѓурско огледало, ова морбидно искривување на вистината, овој ехо-говор на малоумници кои опсесивно го повторуваат она што го говори нивниот водач, дури кога не сме се наредиле зад транспарентот ЗА ЗАЕДНИЧКА МАКЕДОНИЈА, сите зедно нè воведува во мрачната зона на лудилото .
Сè она што го кажува лудиот водач на злосторничкото здружение за своите политички противници (тука престанува да постои секоја политика и започнува лудилото) е она што тие му го говорат, само наопаку превртено (ако сакате да дознаете каков е водачот, што има сторено и од што стравува, само слушајте што говори за своите противници). Тое е ехо. Ехо на глас што заскитал во мрачна пештера. Ехо што се умножува во безброј одеци кои одекнуваат во празните глави и излегуваат од грлата на неговите поддржувачи. Тоа ехо создава морничав привид на заедништво како собирањето на зомбираните граѓани кои испуштаат птичји крици туркајќи се околу антената која емитува сигнал што им ги уништува мозоците во романот Ќелија на Стивен Кинг (Stephen King, Cell, 2006). Свеста на овие граѓани се повлекува во лажниот свет на привидот додека во стварноста тие се сведени на своите основни животински функции со ретардиран ум на рептили или птици.
Ехо-говорот одамна прејде во ехо-политика. Ако на почетокот тоа беше инфантилно одбранбено однесување и говор на лудак, сега тоа е политика (или лудило) на целото злосторничко здружение. Ако некој излезе на улица да протестира, тие излегуваат на улица да протестираат. За сè што ги обвинуваат тие ги обвинуваат оние кои ги обвинуваат. Сами на себе си викаат – Фатете го крадецот! додека бегаат со она што го ограбиле; на оправданиот револт на граѓаните одговараат со одглумен револт на граѓани кои протестираат против оние кои протестираат зашто тие протестираат, вистинскиот народ го менуваат со лажен народ, лажни патриоти маршираат наспроти вистински патриоти, суд му се спротивставува на суд, институција на институција, човек на човек, јазик на јазик, влада на влада, Македонија на Македонија – единствено е важно да се зачува симетријата!
Апсурдот на обратниот говор е толку голем што на крајот завршува со автодеструкција. Говорот се врти самиот против себе. Така на крајот разбојниците се обидуваат да нè застрашуваат со своето самоуништување.




МАКЕДОНИЈА, МАКЕДОНИЈА НАД СÈ?

Како кај сите разбојници, нивната сила е во мрачните улички, во ноќните заседи по влезовите на зградите, зад затемнетите прозорци на државните згради, во тајните договори, во парите под маса, во сенките, на пустите паркиралишта, под качулките... Сега мораат да се јуначат пред телевизиските камери и на улица, под рефлекторите и на дневна светлина. И во мигот кога стануваат видливи се посеруваат од страв и почнуваат да глумат лудило.
Тие самите од себе најмногу се плашат. И колку повеќе се плашат, толку повеќе се обидуваат да изгледаат страшни за да нè застрашат. Знаат дека некој од нив ќе оди во затвор, некој ќе мора да живее од социјална помош како што живеел порано, некој ќе мора да научи нешто да работи, некој ќе мора да ора нива или да врти струг во фабрика, некој ќе чисти нужници, некој ќе се врати во македонските шуми и пештери од каде дошол, а некој ќе се врати во лудница од каде избегал... Оттаму сега од мака пеат патриотски песни. Ги изведуваат последните трикови, ги подметнуваат одамна излитените лаги и измислици... Одново се обидуваат да ги злоупотребат неукоста, ограниченоста, ниските страсти и предрасудите на народот кои самите му ги наметнаа. Паднаа толку ниско што и сопствените деца ги лажат и ги туркаат пред себе на улиците да ги бранат. Дојдоа до таму да ги повикуваат своите политички противници заедно да владеат само за да останат на власт или да ги повикуваат јавно Албанците да скандираат „Чиста Македонија“ и да пеат со нив „Клети Шиптари! Македонското име нема да загиунееееее...“ (овде лентата се кине поради појавата на временско-просторна дисторзија што сите ги голта).
И, сега, конечно, дали навистина мислите дека разбојнициве се толку луди (одглуменото лудило е лудило) што ќе го активираат експлозивот и ќе ја разнесат Македонија во името на Македонија и јуначки, со развеано знаме во раце, со откриени гради, со кама меѓу забите во екстазата на сопственото жртвување ќе загинат славно на урнатините од државата што самите ја урнаа!?
Ова се разбојници кои ништо друго не знаат освен да мамат и да се закануваат. Одново и одново се обидуваат да го свртат народот против самиот себе, едни со други да си ги збиеме забите во грлата, додека тие, отстрана, со патриотски песни и со пиво и сендвичи во рацете, нè бодрат. Веруваат дека одново и одново можат да го мамат народот како што секој уличен измамник верува дека може секогаш секого да измами. Веруваат дека никогаш нема да одговараат за сторените злосторства како што верува секој злосторник. Сакаат од земјава да направат лудница, а самите си навлекуваат лудачка кошула (дали биле луди и затоа станале злосторници или биле злосторници кои полуделе, навистина не е важно). До вчера тврдеа дека Македонците не се Македонци, а сега се борат за правата на Македонците во Македонија. Знамето кое до вчера го исмеваа и плукаа, денес го бакнуваат. Утре можат слободно да ги закачат на стапови своите посрани гаќи наместо знамиња.

Слики: Свирачиња

ОкоБоли главаВицФото