Подигањето споменик (3)

15.10.2010 11:54
Подигањето споменик 3

Од книгата на Кит Браун „Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“, го пренесуваме извадокот што зборува за подигањето на споменикот Македониум (Илинден) во Крушево. Денес го пренесуваме последниот дел.

Создавање македонски простор

Од педесет и осумте плочки во криптата, деветнаесет се однесуваат на конкретни места. Од нив едно е во Русија, додека сите други осумнаесет се наоѓаат во границите на османска Македонија. Дванаесет од нив го носат и датумот 1903, веќе означен како централен во нарацијата. Тие служат, значи, за да се територијализира таа година во низата имиња на места и битки. Со нивното спомнување во криптата, овие места станале повеќе од обични географски точки. На секое од нив му е припишан конкретен момент на човечко дејствување, и со тоа овие различни места се поврзани за да се создаде визија на Македонија која не можела да се оствари на друго место.

Најголемата концентрација на места поврзани со 1903 година се наоѓа во вилаетот Монастир, турската административна област која била главната локација на Илинденското востание. Овој вилает по балканските војни бил поделен меѓу Грција, Србија и Албанија, а според таа поделба направена во 1913 година, се протега и постјугословенската граница меѓу Грција и Република Македонија. Просторот што го дефинира оваа низа на имиња во криптата се протега и во денешна Грција, најдиректно со вклучувањето на имињата Клисура и Невеска. Исто како Крушево, и овие два влашки планински града биле заземени од востанички сили во август 1903 година и во нив била формирана привремена власт (Дакин 1993: 101). Од еден друг поранешен вилает се слави Солунскиот конгрес од 1896 година, како и гемиџиите кои поставувале бомби во градот во 1903, истакнувајќи го централното значење на Солун во периодот на борбите што ги водела организацијата наречена ТМОРО, за што ќе зборуваме подоцна. Интересно е, меѓутоа, дека не се спомнува ниеден друг град или просперитетно место. Акцентот е ставен врз сиромашната, селска и планинска Македонија, срцевината сочинета од села во кои Организацијата имала најсилни врски и каде што загубите биле најтешки.

Обете крушевски боишта, Мечкин Камен и Слива, се вклучени во криптата. Ниедно од нив ниту некогаш било населено, ниту било место на конститутивна акција: тоа се ридови кои се издвојуваат по жестоката одбрана во последните часови на османското отсуство од Крушево. И на двата рида во 1940-те биле подигнати камени спомен-плочи за да се одбележи нивното значење. Со тоа нивното вклучување во криптата означува форма на двојна комеморација, со која значењето на веќе признаените места повторно се истакнува.

Овие две места и’ ја даваат на криптата и својата симболична моќ. Според народното сеќавање во Крушево, и Мечкин Камен и Слива биле крвави порази. На Мечкин Камен, Питу Гули, неколку часа му се опирал на надмоќниот турски аскер кој одел на Крушево, пред херојски да падне. Сведоштвата за големината на загубите се разликуваат. Оние на очевидците зборуваат за дваесет или триесет мртви, а самото тоа што имало очевидци значи дека имало и преживеани; но во подраматичните верзии што денес ги даваат водичите во меморијалниот комплекс, загубите се над сто и се тврди дека востаниците загинале сите до еден. Слива, на другата страна од градот, е местото каде четата на Тодор Христов, наречен уште и Тодор Офицерот, била збришана од османската војска. Додека дружината на Питу Гули била составена главно од селани, четата на Тодор Христов била составена од градски луѓе. Освен тоа, според некои сведоштва, во нејзиниот состав имало и неколку жени, кои загинале во борбата. Овие два елемента заедно и’ даваат на Слива посебно значење во самото Крушево, иако во земјата како целина, приказната за Мечкин Камен е многу попозната.

Слива и Мечкин Камен се окружени со други настани од истата година, наведени со име на местото и датум. Меѓу нив стои Смилево 1903, жестокиот востанички противнапад кој и’ овозможил на врховната команда да избега од планинското село. Но по Мечкин Камен, последните три битки од 1903 година вклучени во криптата се Арменско, Рашанец и Чаништа. Арменско, денес Алона во Грција, било место каде што е масакрирано целото селско население; Рашанец, во регионот на Охрид, било планинско скривалиште во кое османските сили пронашле и убиле жени и деца; а Чаништа, Прилепско, било место на долготрајна битка во која водачите на ВМРО најпосле се пробиле низ османските редови и избегале. Првите две имиња пренесуваат ужас и загуба, истакнувајќи ја издржливоста и страдањето со цел да се создаде чувство за македонскиот народ како заедница на жртви. Третото било битка против надмоќниот која не завршила со победа, туку со бегство заради продолжување на борбата. Заедно со другите именувани локации, тие го истакнуваат обемот на територијата на која се воделе битки и се пролевала крв за македонската слобода. Симболичното ширење на овој простор и зад грчката граница од времето по балканските војни, го реафирмира тврдењето за национална територија со центар во Крушево, кој некогаш бил грчки град, а денес е недвосмислено македонски.

Личностите на минатото

Во врска со лицата именувани во криптата, начинот на сеќавање се менува. Триесет и четири од педесет и осумте плочки носат само лични имиња или презимиња на личности од македонското минато. Сите што ја добиле таа чест се мажи и сите се слават поради нивното целисходно дејствување. Освен тоа, речиси сите имаат препознатливо македонски имиња. Двата најочигледни исклучока, Питу Гули и Дину Вангел, се Власи од Крушево. Комитетот изјавил дека еден од нејзините цели била да обезбеди соодветна застапеност на народностите, од кои најзначајни во Македонија биле Албанците. Но оваа амбиција не е остварена. Несловенското учество се забележува во епитетите „Влавот“ и „Гркот“ во имињата на Митре Панџаров-Влаот и Иван Атанасов-Грчето, но со ништо не е одбележана албанската или турската поддршка на каузата. Тоа и не треба да нè изненадува, ако се имаат предвид нарушените односи на овие заедници со славоговорното христијанско население на османска Македонија и во југословенска Македонија, за кое пишува Бурчу Акан (Акан 2000).

Внесени се неколку личности кои низ културните иницијативи го промовирале постоењето посебен македонски народ, особено со тоа што самите го употребувале изразот „македонски“. Ѓорѓија Пулевски кон крајот на деветнаесеттиот век составил повеќејазичен речник и едниот од јазиците во него го нарекол македонски, Крсте Мисирков го издал делото „За македонцките работи“ во 1903, а драмата на Војдан Чернодрински „Македонска крвава свадба“ била изведена за првпат во Софија во 1900 година. Тоа значи дека сите тројца и’ служат на истата цел како и Теодосиј и Иљо Малешевски, имено, како сведоштва против онаа историја во која македонскиот јазик е прогласен за измислица на Тито.

Мнозинството именувани - вкупно дваесет и четири - биле вклучени во основањето на револуционерната организација или се бореле за каузата во периодот околу 1903. Тоа претставува најголемо отстапување од првата верзија поднесена од историчарите на Институтот за национална историја, во која биле вклучени само девет такви личности. Тоа биле луѓе кои веќе имале централно место во македонскиот пантеон на херои: Гоце Делчев, Ѓорче Петров, Даме Груев, Јане Сандански, Петар Попарсов, Никола Карев, Лазо Поптрајков, Христо Узунов и Питу Гули. Додадените имиња претставувале втора лига, во многу случаи исклучително познати само во еден регион. Ѓорѓи Сугарев, Митре Панџарот-Влаот и Ордан Пиперката, на пример, сите додадени во дефинитивната листа, биле водачи на чети за време на Илинденското востание. Васил Главинов, од Велес, имал клучна улога во развојот на социјалистичкото движење во Крушево, додека Веле Марков бил првиот тамошен револуционерен водач, убиен заедно со многумина од неговата чета во опсадата на Ракитница во 1902 година, спомнувана во многу пензионерски автобиографии од градот, меѓу нив и на Донка Буџакоска, пренесена во првото поглавје.

Вклучувањето на овие личности, заедно со други локални фигури, како Сава Михајлов од Гевгелиско, веројатно било со намера да се истакне значајната улога на локалното, како и на централното водство во битките од тој период. Комитетот на историчарите експлицитно изјави дека следувала политика на прикажување на поединците над институциите, така што изборот на луѓе со специфични локални корени може да се смета за следење на сличниот правец на комеморација на подопирливите димензии на минатото.

Прибегнувањето кон такви личности ги прави пропустите многу позабележителни. Од меморандумот за втората листа се гледа дека три значајни институции или организации се сметале за клучни за водењето на Илинденското востание: врховната команда, воениот штаб во Крушево и привремената крушевска влада. Во согласност со наведената политика на претпочитање поединци за комеморација, последните две институции се застапени во криптата преку личностите кои во нив имале клучни улоги. Воениот штаб во Крушево е претставен преку неговиот водач, Никола Карев, а крушевската влада преку титуларниот шеф, Дину Вангел.

Но врховната команда не била така претставена. Според бугарските и според македонските историчари, таа била сместена во Смилево и имала три члена. Едниот од нив, Даме Груев, се појавува во криптата. Но, за разлика од строгата хронологија видлива во лоцираноста на другите две имиња кои претставуваат институции, името на Груев не изгледа како да ја претставува врховната команда. Напротив, тој е ставен во група со неговите колеги основачи на Тајната македонско-одринска револуционерна организација (ТМОРО), формирана во Солун во 1893 година. Со тоа не само што значењето на базата во Смилево се префрла на грбот на една личност, туку станува и второстепено: врвот на Груевата кариера, како што е прикажано во криптата, е неговото поврзување со ТМОРО во 1893 година, а не далеку позначајната улога што ја имал во организирањето и раководењето со Илинденското востание.

Двајцата колеги на Груев во илинденската врховна команда, Атанас Лозанчев и Борис Сарафов, биле уште подрастично отстранети, така што не се појавиле ни на првата ни на втората листа. Нивното исклучување од списокот на главните учесници во Илинден 1903 носи своја порака. Во случајот на Лозанчев, објаснувањето е едноставно. Тој бил од Битола и никогаш не достигнал ист статус како Груев. По пропаста на Востанието избегал во Бугарија, од каде продолжил да дејствува за иднината на Македонија. Бил еден од потписниците на петицијата од 27 декември 1917 година со која се протестирало против меѓународната поддршка на српските барања за македонска територија (Bozhinov and Panayotov 1978:662). Тој го сметал АСНОМ за средство на српската доминација, а не за македонско ослободување. Умрел во 1944 година во Софија.

За разлика од него, Борис Сарафов бил еден од најпознатите револуционерни водачи. Умрел во 1907 година, кога сонот за автономна Македонија сè уште не бил згаснат. Како претставник на движењето за ослободување на Македонија, тој патувал низ цела Европа, а новинарите од тој период со впечатливи зборови ја забележале неговата појава. Џон Бут, на пример, го запознал Сарафов во Блумсбери и бил импресиониран од неговата виталност (Booth 1905:22-23). Неговите движења и гласините за неговата смрт секогаш им го привлекувале вниманието на западните дипломати. Но тој, исто така, бил добро познат и на теренот, спомнуван дури и педесет години подоцна во некои од барањата за пензија опишани во претходното поглавје.

Веројатно повеќе од кој и да е друг водач на Востанието, Сарафов поседувал и локален и меѓународен углед. Гоце Делчев бил добро познат во регионот и од мисионерите бил признат како „најспособен и најчесен меѓу комитите“, така што неговата смрт во мај 1903 г. е забележана од персоналот на британскиот конзулат (FO 195/2156/563-564; vo Chotziadis et al.1993:60). Наспроти него, д-р Иван Татарчев во Софија бил главен портпарол на организацијата во странство. Сарафов, како никој друг, се здобил со почит и внимание поради неговата ангажираност на релацијата европски конференциски сали - македонски планински села во годините што и’ претходеле на 1903.

Монтажа на материјалот

Седумдесет години подоцна, името на Сарафов не се појавило на ниеден од списоците со кандидати за внесување во криптата. На површина, причината е јасна: македонските историчари го осудиле Сарафов како никаквец врз основа на неговата дејност по 1903. По неуспехот на Востанието, револуционерната организација се поделила на ривалски фракции. Сарафов сè уште уживал лична лојалност од многумина во организацијата, а според сведоштвата од неговите современици (Sonnischen 1909) и подоцнежните историски трудови за тој период (Perry 1988), тој имал тесни врски со бугарскиот двор. Поради таа причина, тој станал остар противник на левичарското крило кое особено им се спротивставувало на бугарските аспирации кон територијата на Македонија. Со оглед на специфичната позиција на македонската држава во периодот од 1950-те до 1970-те, постапките на Сарафов по 1903 година изгледаат спротивни на интересите на македонскиот народ.

Осудата за тесни врски со Бугарија се одразила и врз други потенцијални херои. Во акцијата во Слива, на пример, командант на градската чета бил Тодор Христов, познат како Тодор Офицерот. Во барањата за пензија од оние што учествувале во главната битка за пробивање на обрачот околу Главниот штаб во Смилево, едногласно се вели дека главен водач бил Никола Дечев, војвода кој, исто така, бил и воен офицер. И Тодор Офицерот и Дечев, како и Сарафов и други, служеле во бугарската армија. Во повоена Македонија, кога историчарите се труделе да ја истакнат борбата за слобода потекната од домашна почва, учеството на бугарските воени офицери во Илинден претставувало туѓ елемент. Како резултат на тоа, и покрај нивната значајна улога и нивното присуство во сеќавањата на поединци, таквите личности ретко биле истакнувани во службените прикази на минатото.

Додека многумина едноставно исчезнале од вид, Борис Сарафов не заминал тивко. Иако повеќето записи укажуваат на тоа дека неговото влијание во Македонија почнало да опаѓа веднаш по Илинден, тој и понатаму се славел во македонската дијаспора во Соединетите Американски Држави, каде избегале многу активисти. Дури и македонските историчари му ја признаваат водечката организаторска улога во годините пред 1903, кога тесно соработувал со Делчев, Груев и други во обезбедувањето средства и муниција и кога се противставувал на бугарските обиди за преземање на контролата врз револуционерното движење (Perry 1988; види и Мисирков 1974:119-30). Бидејќи не можеле просто да го игнорираат, морале да го дискредитираат. Пример на обид да се постигне таа цел може да се најде во наградениот труд на Манол Пандевски за Илинденското востание, врз чија основа тој се здобил и со статус на академик. Во својата книга, Пандевски ги опишува акциите на Сарафов за време на Востанието како кукавички и мотивирани од самоодржување (1978:378). Пандевски не дава ниту документација ниту докази за ваквото тврдење, што укажува дека и тој и неговите читатели веќе знаат што треба да мислат за оваа личност.

Позицијата на Пандевски може да се насети во првата предлог-листа за криптата. По деветтемина борци од илинденскиот период, а пред личностите од културата од периодот по 1910 г., Димитрија Чупоски и Димо Хаџи-Димов, комитетот на историчари, во кој членувал и Пандевски, предложил да биде внесено само едно лице - Тодор Паница. За Паница стои дека живеел од 1879 до 1925 година; неговото место на првичната листа било меѓу Ножот 1907 и Народна федеративна партија 1909, и двете вклучени во дефинитивната листа. Ако се применат истите принципи според кои се вршел изборот и на другите поединци, излегува дека Паница бил предложен врз основа на некоја значајна акција што ја презел меѓу 1907 и 1909 година.

Нема сомневање дека комитетот препорачал Тодор Паница да биде вклучен на листата поради тоа што на 10 декември (ст. к.) 1907 година во Софија го убил Борис Сарафов. Во истиот напад Паница го убил и Иван Гарванов, кого Данкан Пери го нарекува „творецот на Илинден“ (Perry 1986). Тогашните западни извештаи за оваа акција, напишани од новинари кои патувале во регионот, се збунувачки; Сониксен, кој бил меѓу најинволвираните, говори за сплетките на Сарафов во Организацијата (Sonnischen 1909:104-10). Поради сето тоа, убиството поминало сосема незабележано во западниот печат, особено поради фактот што во тоа време таквото насилство на Балканот веќе не било ништо невообичаено.

Официјалната македонска верзија на националната историја тврди дека левицата ги ликвидирала Сарафов и Гарванов „во име на интегритетот на Македонија и независноста на револуционерното движење“ (Апостолски и др. 1979:190). Паница работел по наредбите на Јане Сандански, лидер од левицата кој станал истакнат член во повоениот македонски пантеон. Паница ги послушал упатствата на Организацијата и ликвидирал двајца кои во тоа време, а и подоцна во југословенска Македонија, се сметале за саботери на македонското национално движење. Тој ја претставува и временската врска меѓу илинденската генерација и левичарите од меѓувоениот период кои ги поставиле темелите на АСНОМ. На историчарите кои го предложиле неговото вклучување на листата, тој бездруго им се чинел логичен избор.

Но името на Тодор Паница го нема на дефинитивната листа. Деталите од дискусијата што довела до негово бришење, како што веќе рековме, не се достапни. Она што изгледа јасно е дека меморијалниот комплекс е проектиран со цел да раскаже една определена приказна. Како дел на концепцијата на споменикот, а погенерално и во согласност со југословенските погледи на уметноста, отсекогаш се подразбирало дека тој треба да има поучен елемент, како и тесна врска со обичните луѓе. Неговите проектанти и надзорници мислеле дека споменикот ќе биде преполн со посетители кои ќе ја минуваат првата платформа спомнувајќи си за далечното ропско минато на Македонија, па од таму ќе влегуваат во криптата и во нејзината приказна за борбите за национално ослободување, за на крајот да се појават кај куполата, во големото срце на македонскиот народ во кое гори вечен пламен. Целината е конципирана така што може да послужи како место на кое националното минато и буквално води до социјалистичката сегашност и иднина. Вработените во историскиот музеј во Крушево и денес ја раскажуваат приказната на тој начин - иако социјализмот веќе не е толку нагласен како некогаш. Во средината на 1990-те, сè уште имаше голем број ученици од други места во Републиката кои го посетуваа споменикот. Имињата во криптата, како што нивните составувачи веројатно и предвиделе, и понатаму обезбедуваат рамка за една историска нарација за борбата против надворешните непријатели и тешкото страдање, која на крајот завршува со дефинитивна победа.

Вклучувањето на Тодор Паница во оваа нарација за континуираниот и обединет напредок кон ослободувањето внесува несогласувања. Иако делото на Паница несомнено било во интерес на левото крило на Организацијата, тој бил предизвикан од неединството и донел натамошно крваво насилство. Војната што била објавена меѓу македонската левица и десница по Илинден 1903 година одзела многу животи и исцрпила голем дел од енергијата на движењето во периодот до 1930-те, но и потоа. Тодор Паница несомнено бил клучната фигура во таа борба во која против поранешните сојузници се употребувале бомби, револвери и ножеви, лојалноста се купувала и се продавала, а поранешните горди автономисти ги жртвувале своите идеали во замена за помош од странските сили. Приказната за таа борба не е ниту чиста, ниту славна.
Уште поважно, не може да се чествува убиец без да се спомне неговата жртва.

Илинден 1903 бил вододелница во историјата на Македонската револуционерна организација. Тој е кулминација на еден заеднички проект и го означува крајот на едно нестабилно единство. Според државната реторика, која секогаш внимавала да го остави отворено прашањето за подлабоките историски корени на македонскиот народ, Илинденското востание и Крушевската Република ја симболизираат „борбата на македонскиот народ не само во тогашниот Битолски револуционерен округ, туку и во Солунскиот, Скопскиот, Серскиот и другите окрузи, и насекаде во Македонија“ (од говорот на Бошко Станковски на 2 август 1974 година, објавен во Нова Македонија, 3 август, 1974). Борис Сарафов е дел од тоа единство. Тој одвел голем број луѓе на бојното поле и ја презел одговорноста за целото востание. Тој тесно соработувал со Груев, како и со други водачи чии имиња се појавуваат во криптата, меѓу нив и Делчев, најславниот од сите, кој умрел во периодот меѓу донесувањето одлука за кревање востание и самото востание.

Славењето на атентаторот на Сарафов во криптата подразбира во приказната да се раскаже и за тоа како тој подоцна паднал во немилост. Но тоа на некој начин би го одвлекло вниманието од Илинден на периодот по Илинден. Парадоксално, тоа би ја нагласило важноста на Сарафов како личност која била толку опасна што морало да се ликвидира. А тоа, пак, би довело до дискусија за неговото учество во планирањето и извршувањето на централниот настан во македонската историја, чиј симболичен статус би можел да биде компромитиран со таквата асоцијација. Со прескокнувањето на атентаторот на Сарафов, таквите прашања не се поставувале и немало потреба да им се обрнува внимание. Затоа, за да се сочува сликата на македонското единство во илинденската епоха, од зоната на експлицитното сеќавање биле изземени елементите на заговор кои би можеле да ја нарушат.

Во некој поглед, оваа тактика на претставување е сродна со филозофијата на програмата за илинденските пензии, за која говоревме во шестото поглавје. Таму, активноста или лидерството за време на Илинден или во периодот по него, со себе носеле свои опасности. Наместо нив, новата македонска држава ги наградила неактивноста и послушноста како обележја на патриотизмот и безусловната лојалност. Со исклучувањето на централната улога на Сарафов во 1903 и на неговата смрт како антимакедонски подлец во 1907 година, комитетот барал начин да ги измазни острите рабови на бурната историја. Не истакнувајќи ги ни блесоците ни падовите во биографијата на познатиот Македонец, тие му ја избришале неговата величина.

Заклучок

Обично се смета дека научниците играат релативно значајна улога во создавањето на просторот и времето на националното минато. Разни студии укажуваат на клучната улога на археологијата, историјата и етнологијата во прибирањето материјални докази за автохтоноста на еден народ или барем за неговата долговечност (Balakrishnan 1996; Fox 1990; Herzfeld 1986; Kohl and Fawcett 1995; Meskell 1998; Silberman 1989). Други го свртуваат вниманието кон значењето на музеите и спомениците, како и на чествувањата со давање можности за учество на пошироката јавност во афирмирањето на светото минато (Mosse 1975; Gillis 1994; Nora 1989, 1997; Young 1989, 1993).

Но сите споменици имаат свои сопствени истории, а споменикот „Илинден“ во Крушево не е исклучок во тој поглед. Документите откриваат разни несогласувања и ревизии кои произлегле во долготрајниот тек на изградбата. Во една социјалистичка држава која се помирувала со своето оспорувано национално минато, група граѓани и професионалци се расправале и околу формата и околу содржината. Таа расправија изгледа се протегнала сè до свеченото откривање на споменикот. Илјадници луѓе биле присутни кога во август 1974 година Бошко Станковски одржал говор, а следниот ден неговите зборови, според обичајот во тоа време, биле во целост објавени во скопскиот дневен весник Нова Македонија. Во уводните забелешки кои сигурно траеле најмалку петнаесет минути, ниту еднаш не се спомнал проектот на споменикот. Не се спомнати ни уметниците, Јордан и Искра Грабул, и тие немале никаква значајна улога во церемонијата на откривањето.

Искра Грабул во 1993 година отворено го искажа чувството на фрустрација поради компромисите што таа и Јордан биле принудени да ги направат. Тие предвиделе подземна сала за проекции каде со звук и светлина ќе се оживувала историјата, како и рефлектори за осветлување на куполата. Таа, исто така, ги опиша чистотата и јасноста на уметничката визија на нејзиниот покоен сопруг, која ги надминувала националните граници и му донела големи признанија во странство. Зборувајќи за поновото време, таа изрази одбивност спрема насоката на историските дискусии во Македонија, критикувајќи ги особено оние кои тврдат дека се потомци на Александар Велики.

За Грабуловци, современиот македонски идентитет не е во древните корени. Тој е динамична и витална сила која е производ на едно човечко живеење. Како поборници на социјалистичкиот и интернационалистичкиот хуманизам, тие се обиделе преку апстрактната уметност да пренесат една безвременска и универзална порака за борбата за слобода. Во тој процес главниот јунак се Македонците, но не е даден некој конкретен непријател. Победата што е извојувана е врз историските околности и не претставува пораз на некоја конкретна група. На тој начин, Македонците ги претставуваат сите луѓе со слични стремежи.

Приговорите што ги дале Драги Тозија и Бошко Станковски во текот на изградбата на споменикот и ударот што им бил зададен на архитектите со посветата ги истакнуваат различните пристапи на двете страни кон чествувањето на минатото. Овие критики се залагаат за презентации кои се полесно одгатливи, кои содржат или јасни сликовити описи на настани од минатото или симболи чија претходна употреба на друго место јасно ја покажува нивната намера, каков што беше случајот со светиот пламен.

Во криптата, комитетот од историчари најпрвин предложила една визија на историјата која се протега од деветтиот век и пристигнувањето на словенската писменост до средината на дваесеттиот век, во кој војната за народно ослободување 1941-1944 година била единствениот значаен настан. Процесот на ревизија го пренасочил вниманието кон периодот околу 1903 година и отфрлил најмалку едно лице чие вклучување би можело да ги потсетува луѓето на идеолошкото несогласување и разе¬динување во македонското минато.

Во текот на проектирањето споменик на македонскиот народ и неговиот историски развој, и уметниците, и политичарите, и историчарите се најдоа во ситуација да мораат да ги приспособуваат своите визии и приоритети со оние на другите сегменти на општеството. Трагите што ги оставија нивните караници, расправии и компромиси јасно ја покажуваат несоодветноста на анализата која за разбирање на процесите на чествување не оди подалеку од „национализмот“ и „социјализмот“. Нема сомнение дека иницијативите и реакциите на луѓето ги формирала југословенската идеологија, но не може да се рече дека сите што биле вклучени ги разбирале или ги спроведувале нејзините принципи на ист начин. За некои од нив од најголемо значење бил марксистичкиот марш на историјата, други биле обземени од возвишениот идеал на хуманистичкиот универзализам. Исто така, ниту еден од вклучените не искажал какво и да е сомневање во инспиративните квалитети на македонската борба за државност. Но тие на различни начини го предвиделе времетраењето на таа борба и релативното значење на определени моменти во неа.

Различните компоненти на меморијалниот комплекс во Крушево и историите на нивното создавање изложени во ова поглавје ги откриваат конфликтите и кризите кај македонската интелигенција во врска со минатото и иднината, како и нивното претставување во меморијалната архитектура на сегашноста. Надворешните набљудувачи, и особено соседите на Југославија, во културните иницијативи кон крајот на 1960-те и почетокот на 1970-те можеле да видат кобна и опортунистичка манипулација со Македонското прашање од страна на Тито. Но тоа е само еден дел од приказната. Како и во случајот со програмата на Илинденската споменица, социјалистичките и националистичките импулси биле повеќе во дослух отколку во судир. Екстремните пристапи кон историјата најјасно се претставени со првото и последното име на листата во криптата што ја предложил Институтот за национална историја. Како што е забележано погоре, таа почнувала со Климент Охридски, личност која ја присвојуваат и Грција и Бугарија. Завршувала со Вичо 1948 година, битката меѓу Демократската армија на Грција и силите на грчката влада за време на Граѓанската војна во Грција. Вичо, или на грчки Вици, е планина меѓу Флорина (Лерин) и Касторија (Костур); во 1948 година, левицата во Грција, Југославија и во Советскиот Сојуз ја сметала таа битка за комунистичка победа над монархофашизмот. Славоговорните Македонци во тоа време биле меѓу водачите на Демократската армија и сочинувале речиси една третина од нејзината вкупна сила (Кофос 1995:301). И додека борбите сè уште траеле, се случил расцепот меѓу Тито и Сталин, којшто со време довел до чистка на славомакедонското раководство во Демократската армија и до заострување на односите помеѓу Демократската армија и југословенска Македонија.
Вклучувањето на Вичо 1948 г. во првата верзија на листата на македонската историја во криптата било нем потсетник на трајното македонско присуство во планинските села на северозападна Грција. Што е уште позначајно, тоа ја покажувало загриженоста токму за тоа неодамнешно минато, чествувајќи го настанот кога Македонците го дале својот придонес и за комунизмот и за нивната сопствена национална борба. Да се прифателе првичните предлози на историчарите, криптата ќе опфаќаше единаесет векови и ќе имаше дијапазон од византискиот свештеник обнароден поради неговото религиозно и јазично дело, до планината која е претворена во комунистичка икона поради локално извојуваната битка, добиена во време кога во Москва никнувало семето на поразот. Во процесот на ревизија, овие противречни замислувања биле потиснати во заднината, турнати од нарацијата за индивидуалната борба и колективното страдање, цврсто вкоренети во еден помал просторен и временски сегмент и, на тој начин, сакрализирани како срцето на националната - и социјалистичка - душа на Македонија.

од книгата: Кит Браун „Минатото под прашање; Модерна Македонија и неизвесностите на нацијата“. Издавачи: Евро-Балкан прес и Македонско етнолошко друштво; превод: Зора Бакалинова Анастасова

Фотографиите се преземени од книгата

За првиот дел кликнете овде, а за вториот овде.

 izvonreden tekst. so

 izvonreden tekst. so neizmerno zadovolstvo gi prochitav site 3 dela. uzivancija.

Слични содржини

Јавни простори / Историја
Јавни простори / Историја
Јавни простори / Свет / Уметност / Историја
Јавни простори / Уметност / Историја
Јавни простори / Историја

ОкоБоли главаВицФото