Помеѓу лажгите со опашки и дигиталниот whack-a mole во светското село

06.07.2020 17:34
Помеѓу лажгите со опашки и дигиталниот whack-a mole во светското село

 

Лажгата ја менува опашката, ама не и ќудта!

 

Кога Маршал Меклуан преку кованицата „светско село“  навести дека електронските медиуми ќе станат „продолжение на човековиот централен нервен систем, создавајќи единствена аморфна, конфузна и полусвесна метазаедница", тој не ја осуди технологијата за штетните последици кои таа ги донела.

Направите немаат морал. Тие се она што се. Одговорноста е на оној што ги користи. Сите алатки се само продолжетоци на нашите сопствени моќи: облеката е продолжение на кожата; велосипедот - на ногата; книгата - на окото; новите, електронски додатоци се надградба на нервниот систем. Човекот и понатаму е одговорен за своите постапки. Убиецот со ракавици и натаму убива.

Меклуан уште во зората на електронската ера го „предвидел“ медиумскиот самрак, со своите размисли дека „Новиот медиум“  ќе има голема моќ да шири лажги со опашки и надзор.

Децении подоцна, интернетот го смали светот, па информациите со брзина на светлината започнаа да прелетуваат од континент на континент, претворајќи го светот во мало сретсело и голем кокошарник. Заедно со информациите во кокошарникот се препелкаат и лажгите со опашки, новинарските патки, па и надзорот.

Светските селани, односно современите читатели, немаат време да го проверуваат потеклото на информациите. Тие се проголтани од ситните, заменливи вести во кокошарникот, одамна прегорени од прекршените контексти во комуникацијата.

 Светскиот „сељак“, пак, згора на сѐ чита само наслови.

Токму ваквата конфузна заедница сѐ уште  е одговорна за своите постапки. Технологијата и понатаму нема морал, па човекот  е одговорен за штетите и придобивките кои ќе ги произведе неговиот продолжен нервен систем (медиумот), за хаосот или редот кој ќе се создаде при комуникацијата.

Доколку феноменот на ширење на лажгите со опашки би се објаснил преку меклуановскиот убиец, кој нема чувство за (морална) одговорност, тоа би било песимистично гледање во кое дистопискиот медиум како продолжен нервен систем го „јаде и прегорува“својот конзумеристички домаќин.

Но, денешното работење во новинска редакција е турнир во whack-a mole, каде селективноста  е на мегдан со лажги со опашки. Вмрежувањето во светското село донесе и  придобивки, па со дигитализацијата се појавија алатки за проверка на факти, побрз пристап до јавни информации и полесна комуникација со извори. Технологијата стана продолжен нерв на редакциите кои одговорно ги систематизираат информациите пред да ги сервираат на читателите, обидувајќи се да воведат некаков ред во конфузноста на заедницата.

Ваквата сизифовска борба на редукција и дедукција на хаос, денес доаѓа во секакви форми на комуникација и понекогаш се губи од приоритетите на редакцијата.

 Народната итроштина на светските селани кои преку лажгите со опашки воведуваат хаос, или пак преку селективност и проверка на факти воведуваат ред, понекогаш сноси одговорност, а понекогаш не. Сепак комуникациската борба е вечна, па неретко дава фасцинантни примери до каде оди наравот на светските селани.  Во продолжение, неколку од нив, меѓу кои и примери од нашето поднебје.

Трол фарми за ПР и лажги со опашки

Полската студентка по новинарство Катаржина Прускевич поминала шест месеци како практикантка во ПР фирма која ширела платена политичка пропаганда преку објавување платена политичка содржина, лажни вести и ширење дезинформации, кратко кажано – лажги со опашки. Компанијата @CatNet,  нудела услуги од „специјалисти кои креираат позитивен имиџ на компании, приватни индивидуалци и јавни институции преку социјалните мрежи“. Ваквите платени профили споделувале содржина и од левицата и од десницата, добивајќи релевантност и поддршка од другите корисници на социјалните мрежи кои на тој начин станувале придобиена публика на клиентите на компанијата. 

Обврската на Прускиевич била да ја промовира содржината на државната полска телевизија ТВП, која е остро критикувана поради својот говор на омраза насочен кон малцинствата.

Во @CatNet биле вработени 14 луѓе чии стотици лажни профили добивале илјадници импресии секојдневно. Вработените биле лица со инвалидитет кои своите објави ги пишувале доста слободно, скратувајќи им го данокот на сопствениците што ќарувале на сметка на ваквите навидум инклузивни политики.

Во интервјуто направено при гостувањето во Скопје, Катаржина го коментираше искуството во фармата за лажги и опашки, сторија објавена и во британски „Гардијан“.

Луѓето кои работеа, ова го правеа за пари, како обична работа, не размислуваа за последиците. Немаа морални дилеми.

Притоа, таа објасни како најдобро да се препознаваат платените профили.

 „Треба да бидеме скептични и да не веруваме баш во сѐ. Кога ќе наидеме на профил за кој мислиме дека е платен, треба да ја „прогугламе“ личноста и да го провериме нејзиното постоење и другите социјални мрежи. Платените профили најчесто немаат многу пријатели и следбеници, имаат генерички профилни слики, најголемиот број од објавите се политички и тоа ставови според идеологијата која ја следат“, истакна таа.

Сепак, оваа скандалозна вест го уживала вниманието на полската јавност околу една недела, за потоа да застари. Откако компанијата се затворила, од лажгите со опашки останале само веб-страната и пратеничкото место добиено преку кампања целосно создадена од @CatNet.

Кога ќе се помисли на функционерска позиција добиена преку лажги и опашки, неминовна е асоцијацијата со претседателската функција на Доналд Трамп.  За време на американските избори во 2016 се наметна кованицата „лажни вести“,  која се користи за погенерално да се објаснат намерно креираните дезинформации и манипулирањето со контексти, во кој процес како особено впечатлив актер се истакна велешката младина.

Медиуми како „BBC“, „Wired“, „Buzzfeed“ и „Slate“ пренесуваа  за над 100 веб-сајтови од Велес, најчесто водени од тинејџери, на кои и не им било баш гајле за политика и идеологија, туку за профит. Лажгите со опашки од македонскиот кокошарник прелетале до САД каде што на тамошните светски селани им го прекршиле контекстот и можеби издејствувале некој глас плус. Овој веќе учебнички пример е одлична претстава за добиена редукциска битка во комуникациската борба.

Можеби ова да не се оствареше, светското село немаше да биде сведок на една генијална дедукција.

Борејќи се за вториот претседателски мандат, Трамп овојпат беше затекнат од светските селанчиња кои решија да го надитрат. Корисниците на апликацијата „ТикТок“ -  тинејџерите и адолесцентите кои направија и најучените комуниколози и маркетинг гуруа да си ги почешаат главите од новите видови содржина, го истролаа претседателското старо аро, резервирајќи илјадници бесплатни билети за неговиот митинг, на кој немаа намера да се појават.

Преку координиран план на крилото на фанови на корејски поп и популарните корисници на „Тик Ток“ голем дел од билетите биле намерно резервирани и неискористени, па салата која собирала 19,000 лица,  останала полупразна.

Ова го штукнало од умот Бред Парскал, менаџерот на кампањата на Трамп, па тој за слабата посетеност инсистирал дека виновни се протестите на движењето „Black lives matter“ и коронавирусот.

Македонските амбасадори на лажгите со опашки

Некаде помеѓу Јаков Денковски, најмладиот преспански докторанд на Универзитетот во Масачусец кој работел на еден најголемите проекти за трансгенерациско супрагенетско клонирање на трабекули и лажгите со опашки во Велес, во колективната меморија на светското село ќе остане запаметена и приказната за Дарко Грнчаров, струмичкиот „тенисер“ кој ги надмудри „BBC“, Серена Вилијамс и Мартина Навратилова.

2018 година донесе политички турбуленции во светот на тенисот. Неколку тениски легенди изјавија дека никогаш не би заиграле на тениската арена на „Австралија Опен“, која го носи името на Маргарет Корт, поранешна тенисерка, но и хомофоб и трансфоб.

Но, „Слејт“, пренесува за еден многу силен глас што одекна во светското село. Гласот на храбриот, општествено освестен тенисер од Струмица, Дарко Грнчаров, кој решава да им стави крај на хомофобните и сексистички практики во тенискиот свет и да донесе социјална промена.

Тој на својот „Твитер“ профил објавил дека нема да стапне на несреќно крстената арена.

Дарко Грнчаров за брзо време станува популарен, а неговите ставови во врска со името на арената стануваат доволно привлечни за да му овозможат деветминутно интервју на BBC Radio. Токму во тоа интервју, тој на широката публика ѝ ја открива својата чудесна животна приказна; тој штотуку се разбудил од кома и планира да го освои тенискиот свет.

По итро искористениот медиумски простор, Грнчаров ги освојува симпатиите на Серена Вилијамс која го заследува на „Твитер“ и на спортскиот бренд „Адидас“ кој веднаш му нуди спонзорство.

Дарко Грнчаров навистина постои, но сè останато се лажги со опашки и потреба за фама.

Локалните редакции одамна не издвоиле медиумски простор за Грнчаров, но тој како светски селанец, за својата итроштина и желба за светска фама користи комуникациски канали кои излегуваат од интересите на редакциите чие внимание е свртено на позначајни вести.

На „Твитер“ се појавува јато од 200 различни профили кои го величат Грнчаров, а се претпоставува дека самиот тој имал контрола над нив. Ваквите профили шират лажги со опашки за ликот на Грнчаров, како на пример неговото богатство од 1,5 милиони долари и симпатии кон популарни пејачки.

Поигрувањето со општествени тематики и сопствената мала фармичка со лажги со опашки предизвикува емпатија кај самите селани и тие, исто како со Јаков Денковски, ја споделуваат информацијата без да ја проверат. Непотребната фама стигнува до поважни (во случајов спортски) агрегатори на вести, и на нивна одговорност останува дали ќе бидне новинарска патка или не.  

Ваквата итроштина на Грнчаров е интересна бидејќи тој пополека го губи интересот од локалните медиуми, но успева да ги измами светските селани на другиот крај од светот кои не ја проверуваат информацијата и го „овистинуваат“ неговото дело, доведувајќи некои од релевантните медиуми да се фатат на мамката.

Но, понекогаш емпатијата на светските селани е токму таа што може да доведе до редукција...

Фамата креира лажги со опашки, чудовишта и убијци

Документарниот серијал на Netflix, „Don’t fuck with cats: Hunting an internet killer“ е бизарна приказна, пример за објаснување на „светското село“, лажгите со опашки, одговорноста при редукцијата и дедукцијата и се разбира, фамата.

Сè започнува со едно видео во кое брутално се убиени две мачиња. Видеото не открива никакви информации за злосторникот, кој подоцна ќе се претвори во закана и за луѓето.

Откако видеото со двете мачиња ќе се прошири на Јутјуб и Фејсбук, загрижени светски селани се збираат во Фејсбук група со цел да го најдат анонимниот душовадник.

Видео материјалот е штур, па селаните анализираат многу внимателно за да ја откријат државата или барем континентот на кој е снимен. Една од нив вели дека поминала 17 часа гледајќи и споредувајќи литвански кваки.  Селаните ги употребуваат сите можни начини за проверка на дадените факти и алатки за дедукција на лажгите со опашки.

За жал, „истражувањето“ на своја рака ќе доведе до селска буна кога групата жедна за одмазда ќе обвини погрешен човек. Иако жртвата во случајов лажно се претставил како убиецот пред групата, тие ослепени од жедта за брза правда на некој начин прават сајбер булинг кој ќе го натера погрешно обвинетиот да си го одземе животот. Сепак дел од членовите на групата ќе останат настрана од ваквиот булинг  воочувајќи дека локацијата на обвинетиот не се совпаѓа со досегашните траги. Токму тие ја продолжуваат истрагата, сфаќајќи дека убиецот намерно остава мали мамки кои ги навестуваат следните убиства, но и неговиот идентитет.

Don’t fuck with cats“ ја обработува приказната за нарцисоидниот, канадски убиец Лука Магнота, кој поради интернет фама ќе убие и човек, за потоа да ги испрати деловите од неговото тело до седиштата на левата и десната политичка партија во Канада.

Впишувањето на ова име на „Гугл“ дава бескрајни резултати за машки модел кој живее декадентен џет-сетерски живот. Сето тоа на крајот испаѓа дека се лажги со опашки, освен идентитетот. Лука Магнота, слично како и во случајот со Грнчаров, самостојно си направил десетици „фан“ профили полни лажги со опашки, фотошопирани фотографии преку кои си дозволувал мало медиумско внимание тук-там. Фамата креира чудовиште, па тој за популарност објавува видеа со мачиња  со цел да произведе бес кај обичните селани, а не да испровоцира реакција од редакциите или од порелевантните органи. Ова нема да го задоволи, па тој зема и човечки живот и конечно ја исполнува својата цел – глобална потерница од Интерпол и неограничено медумско внимание.

Групата почнува да го „следи“ Магнота  по светското село, дедуцирајќи ги сите негови лажги со опашки на факти и директно го сведочи убивањето на човечката жртва кое исто така е објавено на интернет.  Тие се обидуваат да ја алармираат полицијата за неговото дело, но овој орган, додека „старошколски“ и самостојно не стигне до идентитетот, не им обрнува внимание на селаните кои ги спамаат мејловите и социјалните мрежи, токму поради свесноста за последиците од непроверени и брзи заклучоци.

Магнота сноси последици за неговите злодела потпомогнати од неговиот генијален и болен редукциски начин на комуникација и може да се каже дека е буквален (меклуановски) убиец.

Но, кој ќе ја понесе одговорноста за првично обвинетата невина жртва?  Воедно, како во овој контекст да се анализираат граѓаните кои  точно го идентификуваат? Самостојното истражување во овој случај носи човечки жртви, а поради селективноста на полицијата, порано пронајдениот идентитет предоцна станува релевантен за истрагата. Crowdsurfing-от и истражувањето кои го прават тие навистина е плодотворно, но тоа не ја спречува мајката на Магнота да ги нарече манијаци кои го следат и малтретираат нејзиниот син.

Примерот со Лука Магнота дава до знаење дека и добронамерната борба за дедукција знае да има негативни последици, доколку не се води внимателно.

Направите немаат морал. Тие се она што се. Одговорноста е на оној што ги користи. Човекот и понатаму е одговорен за своите постапки. Убиецот со ракавици и натаму убива. Вечната комуникациска борба на редукција и дедукција продолжува и понатаму. „Светското село“ станува сè помало, а на селаните останува одговорноста за нивните постапки.

Гифови: Бил Домонкос

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото