Медиум на друм (6): Маршал Меклуан – медиумскиот пророк

06.12.2019 16:20
Медиум на друм (6): Маршал Меклуан – медиумскиот пророк

 

Кристалното радио на почетоците

Кристалното радио е сјајна работа. Малиот приемник, кој лесно се прави, може да прима радио-бранови и со едноставен механизам да ги претвора во звуци познати на човековото уво, без сопствен извор на струја! Ваквата направа користи енергија од самите радио-бранови но на сметка на јачината и квалитетот на звукот. 

Потребен е кристал, според кој приемников го добил името. Тоа е обична оловна руда, црн сјаен камен што модерното време го претворило во пластичен и грд предмет по име диода. Понатаму, потребен е калем со бакарна жица за управување низ непредвидливите длабочини на радио-сигналите, потоа уште една жица која ќе послужи како антена и слушалки низ кои ќе потечат зборовите, ако претходните составни делови се споени како што е замислено. Се препорачуваат слушалки од стар телефон. 

Во дваесеттите години од дваесеттиот век ваквата мајсторија била вообичаена. Радио-брановите патувале по небесните пространства сѐ додека не биле привлечени со вешта замка од бакарна жица. Тогаш би побрзале, опиени од светкавиот мамец, би пролетале низ скрпениот уред, би поразговарале со црниот кристал што преку слушалките би го пренел звукот до ушите желни за музика или за вести за случувањата ширум светот. Во илјадници домови одекнувал истиот глас, истата композиција, истото мислење и истиот став.

Некои слушале внимателно а некои, задоволни со својата мајсторија, лежеле со увото преку слушалките и допуштале да ги успива длабокиот темен глас. Не знаеме колкумина биле вториве, но сигурни сме дека постоеле. На некои им ги знаеме и имињата. Браќата Меклуан, Маршал и Морис. Залулани од политички емисии, стишени под лимените звуци на џезот. Не биле ни свесни за значењето на зборовите што ги слушале. Го сфаќале само принципот, и сета големина на она што тој го носи со себе.

Маршал Меклуан се родил пред повеќе од еден век. Не поседувал лице за пред камера и шарм за масите. Тоа било работа на Роналд Реган, негов врсник. Немал ниту посебно возбудлив живот. Го паметиме поради неговите размислувања. Бил професор, книжевен критичар, филозоф, реторичар, теоретичар, мислител, академик, набљудувач и пророк. И уште многу нешта. 

Роден бил на 21 Јули 1911 во Едмонтон, Канада. Успешно се школувал во Канада, а подлабоко знаење стекнал во Кембриџ. Се соочил и со загубата на верата во Бога, но само за да ѝ се наврати после средбата со делата на Гилберт Кит Честертон. Станал професор по англиски јазик. Во 1939 во Сент Луис се венчал со Корин Луис. Во тие години упорно работел на две дела: неговиот докторски труд и првата книга. Меѓу страниците на тие дела започнал неговиот живот.

Гутенберговата галаксија

„Принцеза во Англија влегува во брак и бум, бум, бум, се огласува тапанот, сите слушаме за тоа, земјотрес во Северна Африка, холивудска ѕвезда се напила, повторно се слуша тапан.“ Светот повторно се претвора во племе, вели Меклуан. Некогаш бевме опкружени со книги, книгата беше најдобар пријател и единствен извор на образование. Човекот остануваше сам со книгата. Помеѓу него и смислата на скриеното помеѓу страниците стоеше само погледот, моментот на сознание. Книгата создаде осамен човек, поединец.

Со новите електронски медиуми сѐ се промени. Една мисла, соџвакана и збогатена, се послужува преку звучник и екран. Радиото и телевизијата се друштвена занимација, се гледаат семејно, во група, цела куќа, улица, град и држава – исто. Човек неволно и незнаејќи напредува од поединечното. Никој не го предупредил на тоа. Дотогашните „адолесценти“ се претвораат во „тинејџери“. Додека првите, пораснати преку книга, се обидувале да се пронајдат себеси како поинакви од другите, да најдат разлики, да бидат нешто ново, „тинејџерот“ се создава наоѓајќи сличности со нешто веќе постоечко. Можностите кои тоа ги нуди на модерните генерации содржат предности но и замки. Спојувајќи се со веќе постоечкото тие имаат прилика своите вештини и знаења да ги зголемат до длабочини кои човекот на книгата не можел ни да помисли да ги опфати во својот живот. 

„Механичка невеста“ излегува во 1951. Првата книга на Меклуан. Тоа всушност била низа од кратки текстови. Секој започнувал со исечок од весник, реклама која тој би ја објаснувал. Откривал лажни пораки и ги рaзобличувал побудите кои стоеле зад нив. Објаснил зошто големите деловни мрежи користат реклами и како. Ги впишал последиците од рекламирањето во ширoката општествена рамка. Книгата наишла на одобрување кај читачката јавност и го свртела вниманието кон Меклуан. Таа книга е основа за неговата понатамошна работа. После дванаесет години, во 1963, излегува втората книга, „Гутенбергова галаксија“. Ова дело е толку добро примено што Универзитетот во Торонто, каде Меклуан работел во тоа време, отворил Центар за култура и технологија само за да го задржи. Научната јавност почнала да се занимава со „меклуанизмите“.

Светско село. Овие зборови промениле сѐ. Дури кога Меклуан ги изговорил, научниците ширум светот ги сфатиле можностите на времето. Новите електронски направи го смалиле светот и така останува до денес. Човек живее во постојан страв, бидејќи во смалениот свет сѐ што се случува може да биде поврзано со него лично. Економската криза преку ноќ патува преку половина свет и се завлекува во куќите на оние кои и не знаат дека кризата настанала. Збеснатата природа во Јапонија ослободува бран од штетно зрачење од кое се плашат оние кои немаат ни нуклеарна електрана. Една капка нафта е доволна за да пламне сиот свет. Меклуан не ја осудувал технологијата за штетните последици кои ги донела. Направите немаат морал. Тие се она што се. Одговорноста е на оној што ги користи. Сите алатки се само продолжетоци на нашите сопствени моќи: облеката е продолжение на кожата; велосипедот - на ногата; книгата - на окото; новите, електронски додатоци се надоградба на нервниот систем. Човекот и понатаму е одговорен за своите постапки. Убиецот со ракавици и натаму убива.


Разбирање на медиумите

„Гутенбергова галаксија“ во 1962 добива највисока канадска награда за проза. Неколку години претходно, Меклуан заедно со со Едмунд Карпентер го започнува списанието „Истражувања“. Неговото име станува препознатливо не само во Канада туку и во целиот свет. Големите компании како ИБМ и АТТ му плаќаат големи износи за предавања и совети. Таквите обврски ги прифаќа без одушевување, поттикнат од мислата дека така ќе обезбеди средства за издржување на своето големо семејство. Маршал и Корин имаат шест деца – две момчиња и четири девојчиња. По две години, во 1964 година, продолжува со својата нова книга „Разбирање на медиумите“.

„Посредникот е пораката“. Оваа реченица го прелетува светот и го претвора новото Меклуаново дело во она кое ќе го обележи неговиот живот. Меклуан вели дека не е важно што ни говори посредникот, туку што е тој. Неговото забележување е извонредно. Општествата никогаш не биле обликувани според пораката што ја носеле посредниците. Но затоа, преминувањето од ракопис кон печат ги затресло темелите на светот. Кога било објавено „Разбирање на медиумите“ печатот тукушто се претворал во звучен и видео запис. Меклуан тоа го видел како основа за нови промени. Како пример тој ја нуди светилката. Таа е посредник. Дури и не содржи никаква порака. Сепак, во состојба е целосно да го промени човековиот живот. Светилката има моќ да го избрише мракот, да создаде постоење во оној дел од човековиот живот на начин што порано бил незамислив. Исто и телевизијата: според мислењето на Меклуан, не е важно дали на екранот има цртан филм или извештај од војна - принципот е ист. Промената која се случува е поради начинот на пренесување, не поради пораката. Пораките во смалениот свет се уште помали. Брзо се забораваат, ги преплавуваат други, понови.

Во звучно изолираната соба седи Маршал Меклуан. Пред него е микрофон преку кој може да се види телевизиски приемник. Шуштењето и „снегот“ одеднаш се претвораат во добро позната слика. Тоа е Џим Гатроу, човекот со кој пиел кафе до пред неколку минути. Џим му се обраќа. Го прашува дали му е чудно. Не му е, одговара Меклуан, навикнат е.

Вака изгледало едно од многуте радио-интервјуа во средината на шеесеттите. Тема биле медиумите и нивното влијание на светот, а Маршал Меклуан бил единствениот експерт на светот што го истражувал тоа. Тој бил и најчестиот гостин во таквите расправи. Покрај двата доктората, започнале да стигаат почести од сите страни. Наспроти славењето на неговата работа, било очигледно дека дури ниту луѓето кои го викале пред камерите да говори пред милионска публика, не можеле целосно да ја сфатат важноста на неговата работа.

Луѓето никогаш не разбираат што се случува во нивното време, говорел Меклуан објаснувајќи дека и не очекува да биде целосно сфатен. Човек сѐ што слуша преведува во поими што му ласкаат. Затоа живее во минатото. Бидејќи маргината, сегашноста, е место каде ништо не постои, каде сѐ се менува, а промената ги плаши луѓето.

Ваквиот став сликовите е опишан во филмот „Ени Хол“ на Вуди Ален, од 1977. Маршал Меклуан се појавува во една сцена и на оној што се правел паметен зборувајќи за делото на господинот Меклуан, му вели: „Ти знаеш ништо за мојата работа.“


„Посредникот е масажа“

Во иднина луѓето нема да мораат да одат на работа. Сите датотеки што им стоеле по фиоките ќе им бидат достапни дома, преку компјутер. 

Овие зборови денес не звучат возбудливо. Но ако ги сместиме во 1965 година, триесет години пред интернетот, може да се види генијалноста на оној кој забележал каде се движи судбината на човештвото. Меклуан велел дека иднината се предвидува со набљудување на сегашноста, на она што ни е пред нос. Сѐ што треба да направиме е да го набљудуваме светот како уметници. Не мораме да знаеме да пишуваме ниту да цртаме - можеме да бидеме уметници на набљудувањето. 

Во 1967 година од печат излегува Меклуановата најпродавана книга "The medium is the message (“Медиумот е порака“ или „Медиумот е масажа“; насловот е игра со зборови, бидејќи на англиски порака, мessage, и масажа, мassage, звучат слично). Меклуан еднаш насловот на својата книга го споредил со натписот што го видел на отпад во Торонто: „Помогнете ни да го разубавиме отпадот: Фрлете нешто убаво денес“. 

Најпродаваната книга му била и најкритикувана. Неговите претходни дела биле мозаик, збир на голем број меѓусебно речиси неповрзани текстови. Но, оваа книга засенила сѐ. Еден пријател на Меклуан изјавил дека токму тоа е предноста на книгата: може да се започне во средина, па да се тргне наназад, па потоа повторно да се тргне од средина кон другата половина. Се работело за упростено гледиште на Меклуановите поранешни ставови, сега достапни до широката публика. Продажбата од над еден милион примероци во почетокот излгедала како успех. Но со критиката и светската застапеност дошло и заситувањето. Неговите понатамошни книги почнале да губат на читаност. Меклуанизмот го достигнал врвот и полека почнал да се повлекува. 

Меклуан го предвидел ова. Сликата која многупати се прикажува на екран полека престанува да биде слика - станува икона. Колку почесто ја гледаат голем број луѓе таа станува јавна, ѝ снемува од личното и приватното. Исчезнува поединечното, оној дел од човекот што е способен да создава.


Епилог

Во втората половина од 1979 година Маршал Меклун доживеал шлог и одземеност. Здравствената состојба му го одземала најсилното оружја - остриот јазик. Универзитетот во Торонто тогаш се обидел да го затвори неговиот истражувачки центар, но јавноста, на чело со Вуди Ален, пружила отпор и успеала да ја спаси Меклуановата оставина. Со гасењето на интересот за неговите дела се гасел и неговиот живот. Маршал Меклуан умрел во сон во ноќта на 31 декември 1980 година.

Дури 21 век одново нѐ потсетува на Меклуан. Стотина години по неговото раѓање изгледа дека голем број од неговите пророштва се оствариле. Ги предвидел интернетот, влијанието на медиумите, смалувањето на светот, брзината на протокот на податоци, промените во структурата на деловните мрежи и уште многу од тоа што можеби и не сме имале можност да го сфатиме. Нагласил дека новите технологии ќе им овозожат на младите побрзо и повеќе да учат. Да станат поголеми луѓе од своите предци. Очекувал интернетот и електронските медиуми да станат големи учители, оние поради кои младите ќе знаат колку не знаат и кои ќе ги поттикнат да учат. Тоа време можеби претстои.

Приспособено од текст на Стефан Костадиновиќ
Гифови: Метју Борел и Димитар Грчев (последниот гиф)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија. 

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif / Книжевност
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif

ОкоБоли главаВицФото