Медиум на друм (60): Нема култура без книги

09.03.2020 23:52
Медиум на друм (60): Нема култура без книги

Denken gar keinen besseren Start gibt als das Lachen

Како и секое детско четиво, Маргина е уверена дека злото никогаш нема да го победи доброто и дека таа весела поука мора да се пренесе на забавен начин, а што исто така е одредена критика на македонската култура како култура на намуртени мрачњаци и мракови. Станува збор за култура која никогаш не успеала да го надрасне своето сентиментално воспитување и која својот досаден и декадентен културпесимизам, својата кобно провинцијална неинформираност, елементарниот недостиг на интелигенција, талент и духовитост секогаш одново се обидува да ги подметне како автентична аполониска длабочина. Ние всушност не знаеме што има повеќе во цмиздраво заматените очи на македонската интелектуалност: резигнација, тапост или алкохол. Но сигурно знаеме што има премалку: бистрина, ведрина и смеа! „Нема подобро исходиште за мислењето од смеата", истакнуваше Валтер Бенјамин. За него потресот на дијафрагмата предизвикан од смеење секогаш бил подобар поттик за мислењето од таканаречените трепети на душата.

Дека „еден остроумен виц може да биде позначаен од плиткостите што се наоѓаат меѓу кориците на многубројни книги“, е мисла на Маршал Меклуан којашто Маргина и содржински и стилски ја следи. Таа мисла, како и дел од графичкиот дизајн на Маргина, е цитат на познатата McLuhan/Fiore/Agel kniga The Medium is the Masaage од 1967 година која претставува експериментален обид медиумот на книгата да биде укинат во самата книга.

Маргина исто така сака да биде свесна за својот медиумски карактер, а тоа значи и за своите, со медиумот на списание условени граници. Секое мислење, пишуваше Меклуан, кое не сака да биде свесно за својата медиумска условеност и кое инсистира на својата супериорност во однос на другите форми се сведува себе на апсурд.

Истото важи и за подрачјето на културата. При вреднувањето на другите култури мерилото никогаш не смее да ни биде нашата сопствена култура. Сопствената културна - а тоа значи и медиумска - перспектива за Меклуан секогаш е релативна. Современиот човек живее плуралистички едновремено во многу култури. Ни Џојс, истакнува Меклуан, не видел некоја предност во тоа човекот да остане затворен во својот културен круг, „како во некој транс или сон“. Напротив, можно е да се живее симултано во различни културни форми и тоа потполно свесно.

Ни Маргина не сака да ѝ припаѓа на само една култура, а најмалку на македонската национална култура. Од неа не очекува никакво признание ниту го бара своето место во неа. И сосема споредната улога на ситен забавувач во живиот медиумски циркус сè уште е подобра од почесниот одар во архивот на мртвите великани на македонската писменост. Таа писменост ја изневери смислата на своето постоење кога во име на еден идеолошки проект беше искористена како медиум/порака на националниот идентитет; кога за свое најсвето послание го прифати разграничувањето од другите, туѓи писмености и култури. Единствените граници коишто писменоста денес може да ги повлекува - и тоа е Меклуановското стојалиште што го застапува Маргина - се границите на самата писменост.

Fahrenheit 451

Culture without literacy, е наслов на една статија што Маршал Меклуан ја објави 1953-та. Малку пред тоа, во 1952-та, Мирослав Крлежа го одржа својот славен говор на Третиот конгрес на југословенските писатели во Љубљана, кој означи конечен пробој од соцреалистичкиот догматизам кон слободата на уметничкото творештво. Историски речиси едновремени, овие два настани од денешна перспектива и од стојалиште на Маргина, припаѓаат на два наполно различни света. Културата без писменост не го најавува само Меклуановскиот крај на Гутенберговата галаксија, конечното одвојување на културата од медиумот на книгата, туку и крајот на алфабетот односно на линеарноста на алфанумеричкиот код како „forma mentis“ на западната култура (Виљем Флусер). До која мера била доживеана трауматски најавата за оваа далекусежна културна промена гледаме од апокалиптичните визии со коишто реагирала уметноста.

Филмот Fahrenheit 451 од 1967-та на Трифо еден е од најдобрите примери за овој културен шок. Пораката на филмот е: нема култура без книги; уште повеќе, нема ни слобода ни смислен живот на поединците и општеството без медиумот на книгата. Главниот лик Монтаг (Oskar Werner) под аурата на најдлабока интелектуална тага ја отелотворува лозинката на херојската побуна: подобро гроб отколку роб ... на телевизијата, електронската забава, отуѓеното општество на мрачната, тоталитарна иднина кое, отфрлајќи ја книгата, останало без хуманистичката култура, политичката слобода и животната смисла. Степенот на топлина на којшто согорува хартијата, е точката на културната апокалипса. Културата ќе биде или култура на хартијата или нема да ја има! Вистината, доброто и убавината се - хартија!? И Гутенберговите оловни букви! Банкетот во Блитва на Крлежа, чија трета книга исто така се појавува во тоа време, 1962-та, завршува со еден возвишено резигниран заклучок на главниот лик Нилс Нилсен, кој вели дека „Кутијата со оловни букви ... е единственото нешто што човекот до денот денешен го има смислено како оружје за одбрана на својата човечка гордост.“

И Крлежа и Трифо, секој на свој начин, едниот заради искуството, другиот поради заканата на тоталитаризмот, во тоа време траумата на големата културно-историска промена ја доживеаја како лична интелектуална и творечка драма. Секој во својата естетска форма, тие отворено го покажаа својот личночовечки и општоморален став спрема таа епохална криза. Тие посегнаа по културпесимизмот за пред неизвесната иднина да ги сочуваат универзалните хуманистички вредности на човештвото и на неговата историја.

Во нивно време, тој културпесимизам не беше опортунизам.

 

Избор и превод: Никола Гелевски

Гифoвите се од филмот „Фаренхтајт 451“ (Франсоа Трифо, 1967)
Извор на текстот: Маргина 42 (1998)

Медиум на друм (59): Проклетството на TINA (2)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото