1022 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Чет, 05.12.2024 03:59
ТИ
Колку можеш да издржиш? Дали некогаш си размислувал за самоубиство? Дали постоиш и дали некогаш си постоел? Свесен ли си за фактот...? Еве тука пред себе имам... Електронските информациски изуми за универзална присмотра, со размери на тиранство, предизвикуваат сериозна дилема во однос на нашето инсистирање да се сочува приватноста од една страна, и потребата на заедницата "сè да знае" од друга страна. Постариот, традиционален концепт, којшто ги застапува интимните, приватни, изолирани мисли и дејствувања — залагајќи се за моделите на механичките технологии — е сериозно загрозен од новите методи на инстант електронското складирање на информации, со компјутеризираните банки на податоци. Така се создава една голема трач-комуна во која нема простување, нема заборав и од која нема спас, ниту има можност за бришење на поранешните, веќе направени и одминати "грешки". Ја досегнавме точката каде што дополнителна контрола мора да биде спроведена, и тоа како резултат на количеството информации и степенот на "знаење" што медиумите го носат со себе и со моќта нивното влијание да има целосна доминација и контрола врз нас. Како ли ќе биде програмиран новиот амбиент во услови во кои станавме толку зависни едни од други и тоа во момент кога сите ние се претвораме во несвесна работна сила на општествените промени? Каков е тој шшшшшшшшшшшшшшшшшшшшшшшуууууууууууууууууууум?
ТВОЈАТА ФАМИЛИЈА
Фамилијарниот круг е во процес на распространување. Светскиот вител на информации создаден од електронските медиуми — филмовите, telstar, flight — далеку ги надминува сите можни влијанија што мама и тато можат да ги имаат. Личноста не е веќе производ само на сериозни, невешти експерти. Сега целиот свет има право да мудрува.
ТВОЕТО СОСЕДСТВО
Електронските системи го ништат режимот на "времето" и "просторот" и непрекинато нè затрупуваат со грижите на сите луѓе. Со тоа се реконституира дијалогот на глобалната сцена. Нивната порака е: целосна промена, крај на психичката, општествената, економската и политичката ограниченост. Старите граѓански, државни и национални групации престанаа да функционираат. Ништо не може да му биде толку далечно на новиот технолошки дух како "место за сè и сè на свое место". Да се вратиш дома повторно, невозможно е.
ДРУГИТЕ
Шокот на препознавањето! Во електронското информациско опкружување, малцинските групи не можат да бидат веќе игнорирани. Секој знае сè за секого. Нашето ново опкружување заговара ангажирање и учество. Станавме неотповикливо инволвирани едни со други, и одговорни едни за други.
Избор и превод: Никола Гелевски
Гифoви: Matthieu Bourel
Извор на текстот: Маргина 42 (1998) според: McLuhan/Fiore/Agel - The Medium is the Masaage (1967)
Медиум на друм (61): Медиумот е порака (1)
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.