Медиум на друм (61): Медиумот е порака (1)

10.03.2020 23:55
Медиум на друм (61): Медиумот е порака (1)

Оние процеси што речиси го разоруваат општеството во коешто дејствуваат, претставуваат клучни достигнувања на цивилизацијата.

А. Н. Вајтхед

 

Медиумот или процесот што го определува нашево време — електронската технологија — ги преобликува и преструктурира моделите на општествената меѓузависност и на секој друг аспект од нашиот живот. Тој нè присилува да ги превреднуваме речиси сите мисли, сите дејствување и сите институции некогаш земени здраво за готово и поставени како даденост еднаш за секогаш. Сè се менува — ти, твоето семејство, твоето соседство, твоето образование, твоето работно место, твојата влада, твојот однос со "другите". Всушност, сè се менува драматично.

Општествата, уште од памтивек, се моделирани повеќе преку медиумот со кој луѓето комуницираат отколку преку содржината што самата комуникација ја нуди. Азбуката, на пример, е технологија што едно дете ја совладува на сосема несвесно ниво, преку осмоза, ако може така да се каже. Зборовите со своите значења му наметнуваат на детето мислење и однесување што се одвиваат автоматски и на однапред одреден начин. Азбуката и печатарската технологија ги поттикнуваат и охрабруваат процесите на фрагментирање, на специјализирање и на одвојување. Електронската технологија поттикнува и охрабрува унифицирање и инволвирање. Без да се познаваат начините карактеристични за функционирањето на медиумите невозможно е да се сфатат општествените и културните промени.

Старата вештина на опсервирање станува сè понебитна во овие нови времиња, зашто е заснована на психолошките одгласи и концепти условени од претходната технологија — механизацијата.

Збунетоста, вознемиреноста и длабокото чувство на очај, без исклучок, се јавуваат во периодите на големите технолошки и културни транзиции. Нашето "Време на вознемиреност" е, во голема мера, резултат на напорот да се заврши денешната работа со употреба на вчерашни алатки — вчерашни концепти.

Младите инстинктивно го чувствуваат и го разбираат актуелното опкружување — електронската драма. Тие живеат митски, некаде таму во понорите. И токму во тоа е причината за длабокиот генерациски јаз и за чувството на отуѓеност. Војните, револуциите, граѓанските немири изникнуваат од метежот на новото опкружување создадено од електронските информациски медиуми.

Во проучувањето на идеите, неопходно е да се има на ум она инсистирање на тврдоглавите прашања за јасноста, поврзани со некакви сентиментални чувства, со кои се добива впечаток дека станува збор за некаква неизбежна магливост во којашто се обвиткани заплетканите факти. Инсистирањето на јасност по секоја цена е базирано на чисто суеверие во однос на начинот на којшто функционира човековата интелигенција. Нашиот разум како да се фаќа за сламка барајќи премиси и пловејќи на тенка пајажина кон дедукцијата.

А.Н.Вајтхед, "Авантурите на идеите"

Нашето време е време за прескокнување на пречките, за бришење на старите категории — за истражување. Фасцинантни откритија секогаш се на потег, кога два навидум различни елементи, ставени во апозиција на нов и единствен начин, успеваат да се одржат во рамнотежа со моќта на фантазијата.

Тескобноста долго време е единствената релациона точка на учењето и на образовните процеси. Говориме за "сериозните" ученици. Ова време нуди единствена можност за учење низ хумор — јасната и остра шега може да биде носител на поголемо значење во однос на излитените фрази уредно ставени меѓу две корици.

"МЕДИУМОТ Е ПОРАКА" е љубопитно забележување на случувањата наоколу. Тоа е калеидоскоп за испреплетени случувања.

Избор и превод: Никола Гелевски
Гифoви: Matthieu Bourel
Извор на текстот: Маргина 42 (1998) според: McLuhan/Fiore/Agel - The Medium is the Masaage (1967)

Медиум на друм (60): Нема култура без книги

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

ОкоБоли главаВицФото