Медиум на друм (76): Сериите пробаа да нѐ предупредат, не слушавме

05.05.2020 11:22
Медиум на друм (76): Сериите пробаа да нѐ предупредат, не слушавме

Се обидоа да нѐ предупредат.

Во своите телевизиски драми ни нудеа најгрозни дистописки сценарија што можеа да ги замислат – застрашувачки алтернативи на реалноста во кои животот каков што сме го знаеле е уништен од револуции, чума, технологија излезена од контрола и орди крвожедни зомбија.

Во тоа време писателите на овие серии – „The Handmaid’s Tale“, „Westworld“ и други – сакаа да ја забавуваат публиката, но и да ја предизвикаат да размислува во мрачни тонови, и да сфати дека ваква иднина би можела да се избегне. Или дека, во најлош случај, таа е преневеројатна за да се случи. Но сега, во екот на оваа неизвесност околу пандемијата на коронавирусот, и луѓето кои ги правеле серииве на нив гледаат со други очи.

Овие креативци и продуценти не се баш расположени да се тапкаат себе по раменатa или да се лутат на гледачите што не ги уважиле нивните проповеди. Но многу им е јасно зошто и натаму нѐ привлекуваат такви теми и се прашуваат дали моменталните случувања ќе остават долготрајни последици на нивната работа.

Но и признаваат дека им е малку криво што побарале од публиката да се вклучи во кошмарите што ги предвиделе.

„Секако дека размислувам за тој придонес: дека сум вметнал такви мисли и анксиозност во нечиј ум“, вели Брус Милер, креатор на адаптацијата на Маргарет Атвуд, „The Handmaid’s Tale“.

„Не можеш да не мислиш дека на некој начин си ги предвидел и посакал овие нешта. Но тоа исто така покажува дека телевизијата , а особено драмата, има сешто да им каже на луѓето за тоа тоа како функционира светот.“


„Altered Carbon“, заснован на романот на Ричард К. Морган, замислува иднина во која бесмртноста е овозможена со технологијата, но само за оние што можат себеси да си го приуштат тоа.

Алисон Шапер, креаторка на оваа мрачна научно-фантастична серија на Нетфликс, вели дека станала акутно свесна како се перципира нејзиното дело „кога телевизијата стана една од фундаменталните забави во изолација и медиум што ни помага да разбереме што се случува.“

Таа додава дека нелагодноста што ја чувствуваат гледачите сигурно ќе пронајде пат и во нејзиното пишување.

„Она што сакам да кажам, како некој што раскажува приказни, секогаш доаѓа од нештата што ги проживувам. А тој живот е свртен наопаку“, вели Шапкер.

Во „The Handmaid’s Tale“, Америка е уништена од болест и од уништување на природата. Наместо САД, се појавува тоталитарна држава во која жените се потчинети. Во продукцијата на HBO, „Westworld“, настаната врз основа на трилерот на Мајл Крајтон, човеколики роботи се потчинети во свет во кој недостига моралност но затоа постои брутална економска нееднаквост.

Додека овие дехуманизирачки сценарија полека ја освојуваат популарната култура, Џонатан Нолан, кој стои зад „Westworld“, објаснува дека сите тие доаѓаат од заедничката човекова љубопитност да замислат општество под стрес – додека сме на сигурно и сѐ набљудуваме од далеку.


„Целата наша култура е таква што колективно пробуваме да размислуваме за различни стратегии и исходи, да пробуваме да предвидиме што би можеле да зезнеме“, вели Нолан. Тој додава дека, иако постојат утописки фантазии за светот, „луѓето се многу повеќе заинтересирани да ги гледаат оние верзии на светот кој тргнал на лошо отколку оние каде е сѐ како што треба.“

Но во неделите и месеците кои се пред нас, дали публиката ќе изгуби апетит за имагинарните светови во кои ништо не чини, и всушност ќе се сврти кон приказните во кои нештата се многу поубави?

Алисон Шапкер вели дека сериите не мораат да се претворат во сентиментални фантазии, но ниту, од друга страна, во мрачни жалопојки. Одговорноста е врз сценаристите, „да ја апсорбираат комплексноста на мигов и тоа да го прикажат во своите дела“, вели таа.

„Мислам дека не е време за зашеќерување“, додава Шапкер, „исто како што не е време само за седење и гледање низ прозорец.“

Екипата на „The Handmaids’ Tale“, започнала со снимање епизоди за четвртата сезона, вели Милер, кога морале сѐ да запрат поради коронавирусот.

Што и да се случи помеѓу сегашниот миг и оној кога снимањето ќе може да се продолжи, не значи дека тие епизоди ќе бидат променети за во нив да се вплетат настани од вистинскиот живот, ниту да се промени целиот тон.

„Кој знае како ќе изгледаат нештата додека оваа сезона да излезе пред гледачите. Кога пробувате да видите некоја мета, а таа мета уште не постои, тоа е малку тешко.“

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Фотографиите се од серијата The Handmaids’ Tale
Извор за текстот: Њујорк Тајмс
Медиум на друм (75): Да станеме деца! Обука, симулации и деца. (2)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

Слични содржини

Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif
Општество / Активизам / Gif / Книжевност

ОкоБоли главаВицФото