1023 hPa
93 %
5 °C
Скопје - Пон, 02.12.2024 07:59
ОБУКА
Сведоци сме на брзиот раст на компјутерската технологија и брзиот развој на технолошките производи. Корисниците на компјутери имаат потешкотии во стекнувањето дополнително технолошко знаење неопходно за извршување на секојдневните активности; обновувањето на нивните вештини е намалено, особено ако се служеле со поинакви/застарени апликации неприменливи во новите оперативни опкружувања. На системот му требаат луѓе што брзо учат и одлучно делуваат.
Денешните деца растат пред своите компјутери (особено децата од развиените држави). Децата се дел од популацијата која природно најбрзо стекнува знаење, а детската креативност е универзална и сеприсутна. Во областа на сајберпросторот децата се во своето природно опкружување, често ги истражуваат и тестираат можностите на технологијата. Најбројни меѓу хакерите се децата или младите.
Во денешно време, кога често може да се чујат синтагмите како „револуција во војувањето“ и „сајбер-војна“, идејата за војна со развиени технолошки апарати и средства станува мантра на современите војувачи. Кревката безбедност во вмрежениот свет станува слабата точка на националната безбедност, комплексните системи се меѓусебно поврзани, и нападите може да бидат брзи и речиси невидливи. Децата може да бидат корисни при собирање информации, дешифрирање и упаѓање во непријателски безбедносни системи или во пресретнување на непријателски комуникаци. На веб-сајтот CIA KIDS може да се пронајдат мноштво корисни информации за агенцијата, нејзините цели, идните активности и насоки. Има и фини филмови, како на пример трилогијата „Деца-шпиони“ (Twentieth Century Fox), каде што децата работат за агенцијата, решаваат проблеми и, секако, ја спасуваат планетата од фантастични суштества. Во филмот „Господар и командир“ (Twentieth Century Fox), постои една сцена кога во кризен момент млад официр (момче), во битка на море презема одговорност, пука од топот и ги погодува непријателските едра.
Децата, како и делфините, може да бидат корисни во одбраната на националната безбедност. Делфините се користат да пренесуваат бомби и самоволно, како камикази, да ги уништуваат непријателските бродови. Делфините се паметни, невини и верни. Како деца.
Како и Фродо Багинс и Хари Потер, ќе дојде време кога децата ќе станат поактивни и ќе почнат да преземаат конкретни чекори во поразувањето на злото во светот. Тогаш тој или таа (главно тој) ќе избере различни апликации за симулација на обука. Обуката на деца е многу напредна и комплексна теорија и пракса која подразбира бројни различни дисциплини како: психологија, експертиза за борба и летање, вежби за стратешко војување, геополитика, географија, историја, наука за оружје, логика, религија, воена сила и составот на светските армии, положбата и трговските рути за нафта и други енергетски богатства. Цела војска експерти и професионалци водат сметка за овие процеси.
Таканаречените компјутерски игри како „Mortal Combat” или „Ultimate Fight“ ги учат децата како да се борат гради во гради; „Wolfenstein”, „Quake”, „Doom” или „Perfect Assassin“ подучуваат како да се борат како поединци во ситуации на вистинска воена борба. За други организациски типови или потенцијални идни менаџери или војници постојат игри како „Command and Conquer – Generals”, „Tiberian Sun”, „Generals”, „Age of Empires”, „Civilization” и „Cezar”. Во овие игри децата стекнуваат вештини за организирање граѓани, трупи и градови. Мора да се поразат сите непријатели, да се заробат нивните структури, згради, градови, работници. Пред секоја мисија се добива целта на мисијата. Ова, на пример, е целта на една мисија (Tiberian Sun, © Westwood, Electronic Arts): „Хасан комуницира со братството преку блиска телевизиска станица. Братството е во хаос, се јавува прилика Хасан да се одвои од неговите следбеници. Зароби ја тв-станицата и оние кое се лојални на Кејн и мировната технологија ќе биде вратена. А патетичните чувари на Хасан – скрши ги.“
Навигациската обука е посебен дел. Постојат разни туторијали и програми за обука како што се: „F/A-18 Korea“, „F-22 Air Dominance Fighter“, „F-16 Fighting Falcon“, „Euro Fighter 2000“, „Back To Baghdad“ или „Flashpoint Kosovo“ – за симулации на војување од воздух; „Armored Fist 2 – M1A2 Abrams“ за тенкови, „688(I) Hunter/Killer“ за нуклеарни подморници. Сите овие корисни нешта може да ги најдете во секоја продавница за видео-игри.
Многу пред да се појават во филмови и книжевност, фикцијата и фантазијата си постоеле во своето природно опкружување во светот на видео-игрите. Од првите игри како „Warcraft” и „Heroes of Might and Magic“ до сега се произведени илјадници фантазии и митолошки игри. Некои од нив се: „Lands of Lore: Guardians of destiny”, „Realms of Arkania”, „Diablo”, „Legacy of Kain”, „Warlords”, „Lords of Magic”, „Blood & Magic”, „Lords of Realm”, „Warhammer”, „Dark Omen”, „Arthur’s Knight’s – Secrets of Merlin”. Не смееме да го заборавиме и спортот како замена за војна, и компанијата Electronic Arts, доминантна во игрите од типот „FIFA Soccer series“, „NBA“, „NHL“, „Formula 1“...
Како што Изабел Смаѓа во својот текст „Хари Потер и силите на злото“ (2) истакнува, постоеле многу примери за економијата на спасот во јудео-христијанската историја. Она што е поинаку денес е тоа што задачите, командите и мисиите во овие романи ги изведуваат деца. Во „Господар на прстените“ младиот Хобит има задача да завладее со својата волја, да го спаси светот и да го порази непријателот. Исто е и во „Хари Потер“ и во Пулмановиот „Неговите мрачни непријатели“, како и во доста други понови филмови како „Terminator III “, „Господар и командир”, трилогијата „Деца-шпиони“. Зошто одеднаш толку многу фокус на децата и тоа во толку брутални контексти?
По 11 Септември Америка многу се промени. Тоа беше прв пат после Перл Харбор САД да бидат толку загрозени. Денешните генерации не се сеќаваат на Втората светска војна, многумина не се сеќаваат ни на Виетнам, така што немаат реално искуство со војната (воените акции во светот во ‘80-ите и ‘90-ите претставуваа легитимни полициски акции за американските граѓани). Реалните последици од надворешната политика на САД за време на деведесеттите главно беа непознати за американските граѓани. Тогаш, додека луѓето ги водеа своите вообичаени животи, работеа, купуваа - се случи тој ужасен настан. Злобниците го нападнаа мирољубивиот народ, луѓе толку мирољубиви и чесни што ни мравка не би згазнале. Зошто? Може ли ова рационално да се објасни? Се однесуваш добро и милостиво сиот живот и некој те напаѓа? Цело време се залагаш за демократија и мирни решенија на целата планета а ти се враќа на таков начин!? Тоа мора да се казни, мора да има одмазда! За одмазда, око за око, заб за заб, мора да се напушти разумното демократско наследство, мора да се однесуваш како дете, со срце, искрено и без скрупули. Мора да станеш дете. Дете кое има право на одмазда, кое има привилегија жестоко да реагира. Но, дете кое умее да преземе одговорност, одговорност во вистински миг да ја изврши задачата за да ја заштити својата заедница.
Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот The Lord of The Rings: The Return of the King (2003)
Извор за текстот: ТЕКТОНИК, Нова друштвена онтологија у време тоталне комуникације (2004)
Медиум на друм (74): Да станеме деца! Обука, симулации и деца. (1)
Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.