Медиум на друм (74): Да станеме деца! Обука, симулации и деца. (1)

25.04.2020 22:00
Медиум на друм (74): Да станеме деца! Обука, симулации и деца. (1)

Има многу теории и анализи во врска со војната против тероризмот, расправи за војната против суверените држави, за ограничувањето на човековите права, за несигурноста и за многу други прашања. Во време на војна „нормално“ е државните служби за безбедност да практикуваат цензура и медиумската и новинарската слобода на некој начин да е намалена. Дополнително, јавните медиуми ги примаат информациите на конференции за печат организирани од војската и од нејзините портпароли, потполно необјективни и тенденциозни. Воената пропаганда не е ништо ново. Уште од дамнешните војувања до денес, пропагандата служи да се зајакнат борбените линии, да се охрабрат војниците и луѓето и да се деморализираат непријателските војски. А со појавата на националните држави идеолошкиот елемент станува најважен во време на големи национални мобилизации.

Интересно е да се види како воената пропаганда се материјализира денес, преку кои медиуми, како и кон кого цели. Во денешново време на глобализиран, мрежен капитализам, кога тавтологијата „сѐ е поврзано со сѐ“ се користи да се релативизира кој било вид подлабоко истражување и следење, важно е подобро да се сосредоточиме и да читаме меѓу редови.

ПРИКАЗНАТА

Во областа на книжевноста, Хари Кунзру во својот есеј „Од онаа страна на доброто и злото (1) пишуваше за врската меѓу процутот на фантастичната книжевност и војната против тероризмот (пишуваше за серијалот книги „Хари Потер“ на Џ.К. Ролинг, за оживувањето на популарноста на „Господарот на прстените“ од Толкин, и за помалку познатата книга на Филип Пулман, „Неговите мрачни материјали“). На пример, обновата на „Господарот на прстените“ од Толкин се случува во деведесеттите, триесет години подоцна од времето кога бил популарен во контракултурата на шеесеттите со своите едноставни етичко-политички категории. Нихилизмот на Саурон, загадувањето со тешка индустрија од страна на Саруман, грозничавата продуктивност, отуѓените азијатски орди - се аналогни на злата дехуманизирачка индустрија; од друга страна, лесно се препознава Шаер како органска пасторална заедница под закана. Кунзру објаснува дека овој процут на фантастичната книжевност, алтернативните светови и визионерските романтики ја црпи својата енергија од современата потреба за морална ориентација во ситуации на јасен конфликт.


Фразата на Буш „оска на злото“ е слична на оние од Втората светска војна. Блер тврдеше дека нема морални нејаснотии во „војната против тероризмот“. Со други зборови, не можеме да се бавиме со тоа дали нашата одлука е исправна ако сме апсолутно одлучни да го поразиме непријателот. Терористите, Бин Ладен, Садам Хусеин, Орките, Волдеморт, Азбакан - сѐ е тоа исто. Во „Хари Потер“ злиот магионичар Волдеморт, оспеднат со чистотата на крвта, посакува да ги уништи „мешаните“. На страната на доброто е Дамблдор, волшебник кој се залага за демократски принципи, интеркултурен дијалог, се противи на смртната казна и на репресивните методи. Фанатичноста што ги карактеризира Волдеморт и неговите следбеници, од друга страна, одговара на честите предрасуди за Исламот како религија на исклучување и радикална религиозна фанатичност.

Филмската индустрија веќе еден век е снажно психо-идеолошко оружје на државата која често користи софистицирани методи во обликувањето на одредени идеолошки рамки. „Господарот на прстените“ и „Хари Потер“ рушат рекорди на продажба со стотици милиони долари само од дистрибуција по кината, но тука се и ДВД-дистрибуцијата, производите врзани со брендот итн. Финансиската компонента на овие филмови е чудна. Тие се многу долги (третиот дел од „Господарот на прстените“ трае 3 часа и 40 минути), на некој начин тие се современи епови, саги како Вагнеровите опери кои понекогаш траат, исто така, повеќе од неколку часа.

Содржински, интересно е што во овие филмови злото е прикажано со голема енергија и опсесија. Екстремно моќно и брутално. Поврзани со траумата од 11 Септември, лавината фантастични книжевни и филмски дела носат длабока егзистенцијална загриженост: ние или тие? Во трилогијата „Господар на прстените“ злото на непријателот е толку чисто и толку живописно и комплетно во визуелизациите што не можеме да комуницираме со него. Раскажувачката логика не ни допушта да се приближиме до силите на Злото. Злото е непоматливо и на некој начин трансцендентно, го надминува нашето искуство, разумно перцепирање и разбирање. Злото е толку снажно и сеприсутно што е невозможно да се запре и уништи. Невозможно е да се набљудува рационално и логички.

Нешто слично се случи на почетокот на војната во Југославија во раните деведесетти. Кога официјалната социјалистичка идеологија започна да се распаѓа во осумдесеттите, почнаа да се објавуваат сѐ повеќе книги кои ги објаснуваа злата од минатото и идната судбина на балканските народи. Наеднаш луѓето сфатија дека Србите се жртви многу долго, од прочуениот пораз на Косово во 1389-та од злите Турци, до геноцидот што го направиле Хрватите и останатите во текот на Втората светска војна. Годината 1389 беше исто како 11 Септември за Америка, пресвртница во историјата кога линеарноста на континуумот време-простор бил прекинат. После тоа, сѐ се промени, одмаздата поради ужасот и страдањето беше дозволена. Кога Слободан Милошевиќ дојде на власт сѐ повеќе различни окултни и превдорелигиски групи и поединци почнаа да се појавуваат на националната телевизија, објаснувајќи ја универзалната позиција на српскиот народ во минатото, сегашноста и иднината без јасни граници помеѓу нив. Се презентираше микс на вистински глобални и локални социополитички факти и луѓе, воени традиции, светци, херои и кралеви од националната историја и митски суштества како змејови и вампири. Астрологот Миља Вујановиќ објаснуваше дека Пентагон е симбол за пентаграм, а групата Г7 е седмоглавиот змеј од Евангелието по Јован. Сликарот Милиќ од Мачва се прогласи за барон Лепенски, водач на светот на вампирите, ја обвини Америка дека сакала да ги уништи Србите и се закануваше дека доколу Америка не ѝ помогне на Србија, ќе прател вампири да ги уништат.


Астрологот Миља Вујановиќ имаше ударен термин на националната телевизија. Милиќ од Мачва беше првиот жив сликар кој имал самостојна изложба во Националниот музеј во Белград. Неговата изложба ја отвори министерот за култура на Република Србија а ја посетиле околу 350.000 луѓе (Србија има околу 7 милиони жители), што е околу 5% од вкупното население. Ниедна друга уметничка изложба, пред ниту потоа, немала толкава посетеност.

Слободан Милошевиќ својот прв голем успешен митинг го одржал на Косово Поле во 1989 година, каде симболични 600 години порано се одиграла легендарната Косовска битка. На овој митинг се собрале Срби од сите делови делови на Југославија и светот, речиси два милиони луѓе на едно место.

Факт е дека фантастичната книжевност отсекогаш постоела во Западната цивилизација, од раните средновековни фантазии за кралот Артур и светиот грал па сѐ до световите на Толкин. Но нејзината популарност нагло пораснала во доцните деведесетти. „Господарот на прстените“ од Толкин бил познат, но не на начин на кој е денес. Последниве години армија читатели чекаат ново издание на „Хари Потер“ од Ролинг, а целата планета е во исчекување на продолжение на „Господар на прстените“; изгледа ова е првиот вистински глобален филм.

Што е толку посебно кај овие книги, филмови и останати нешта врзани за приказни за големата борба помеѓу Доброто и Злото? Оваа борба отсекогаш била присутна. Што ги поврзува овие филмови со филмовите како „Матрикс“ и „Терминатор“ (се чини дека Терминатор III бил изгласан за гувернер на Калифорнија)? Сите овие филмови се продуцирани од „Warner Brothers“, компанија подружница на големата интеграција AOL-Time Warner.

(продолжува)

Избор и превод: Фросина Крушкаровска
Гиф: Александар Јосифовски
Фотографиите се од филмот „The Lord of the Rings: The Fellowship of the Ring“ (2001)
Извор за текстот: ТЕКТОНИК, Нова друштвена онтологија у време тоталне комуникације (2004)
Медиум на друм (72): Културата и технологиите за контрола (3)

Рубрикава е финансиски поддржана од проектот „Со критичко мислење до граѓани со медиумска умешност - КриТинк“ на Метаморфозис и Евротинк финансиран од Европска Унија.

ОкоБоли главаВицФото