Железна доба

05.01.2024 21:42

 

Кога ќе видам даска за пеглање
склопена во орман на мотелска соба
и пегла положена како менгеме на горната полица,

помислувам на Железната доба
и на мајка како стои во кујната,
и ја реди облеката на зелената маса,
со штирак во спреј кај лактот, дури ни радиото не е вклучено...

Од некоја причина тоа сеќавање секогаш
оддава благ мирис на сулфур,
оти не сакаше да ја пегла облеката,
а сепак некако се најде

осудена токму на тој пекол
каде што работата ѝ беше да ја потпира брадата врз градите
и така да го придржува чаршафот додека го превиткува двапати
па уште двапати

постојано одново до вечност.
Се сеќавам дека се загледуваше
во мазната железна површина на пеглата
како во немаѓепсано огледало,

а потоа потплукнуваше да се увери дека е врела,
и како со тој чин ја изразуваше
суштината на својата филозофија;

и како едно попладне кон средината на јули
ја подигна пеглата
и цврсто ја притисна
врз кожата на левата рака
каде што зашишти врз ткивото
како сланина што цврчи
кога се пржи во тава.

Во животот немав слушнато повеличествен говор од тој,
одржан од врвна реторичарка
во знак на протест против мноштво работи
кои не можат да се именуваат,

а тоа воедно беше и настап со кој таа се прослави,
настап на луда но надарена глумица,
која го инсценирала сопствениот грабеж,

и на тој посебен начин,
држејќи се себеси како заложничка,
ја испрати својата фотографија
до Њујорк Тајмс, сосема
убедена дека веднаш ќе ја објават
под наслов отпечатен со дебели букви

со големина од дваесет точки
кој гласи:
Разлутена
сопруга, жена и мајка,

и понатаму заточена, гори.

Превод: П. В.

 

Слични содржини

Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна
Секој ден песна

ОкоБоли главаВицФото